Секој човек во поголема или помала мера е подложен на ова заболување. Тоа подмолно и смело се маскира, и е невозможно да го распознаеме.
Но тоа нема сила, ако ние не покажеме ревност во таа насока.
Ако јавно го откриеме опасниот непријател во себеси, тогаш ние ќе можеме да го победиме.
Одвратен грев
Според зборовите на Свети Василиј Велики, лицемерието – е најодвратниот грев, кој е плод на зависта.
Преподобен ава Исаиј појаснува: лицемер – е оној, кој со јазикот се покажува како светител, а во срцето има злоба.
Лицемерието – е знак, дека нашиот духовен живот е неправилен, иако надворешно се стремиме да го исполниме Божјиот Закон.
Лицемерието е опасно за секого од нас. Ние многу лесно судиме за духовниот живот на другите, а на сопствениот живот, за жал не обраќаме внимание. Ние многу ретко се загледуваме во својата душа.
Ослободувањето од патот на лицемерието е многу тешко. Тоа бара постојани напори, навики и надминувања на себеси.
Ќе разгледаме некои распространети знаци на лицемерие, кои се длабоко вткаени во нашите животи, во нашата совест и комуникација.
Основните знаци на лицемерието
Ако ние мислиме, дека нашиот духовен живот е во ред, тогаш длабоко се лажеме и лицемериме пред себеси. Освен Бога, никој друг не може да ни даде критичка оценка.
Претпоставката дека ние правиме сè добро, дури и подобро од другите – е лукава замка и веродостоен знак, дека нашата душа е поразена од лицемерие и гордост.
Потребно е да бидеме многу внимателни, и секојдневно да ги контролираме своите мисли, за да не паднеме во прелест и да се отклониме од патот на спасението.
Сите ние лицемериме и лажеме, кога говориме дека го љубиме Бога. Светиот апостол и евангелист Јован Богослов пишува: Ако некој рече: „Го сакам Бога”, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел? (1. Јов. 4, 20).
Само со љубов кон ближниот и смирение пред Бога, човекот може во својот живот да го види Творецот, и да се надева на Неговата милост.
Ние лицемериме, кога се обидуваме да се претставиме како вистински христијани, а не сме тоа. Вистинското христијанство не е во името, туку во начинот на нашиот живот. За вистински живот во Христа, потребни се вера, укорување на себеси и вистинско смирение. Ние треба неуморно да се трудиме над себеси, и над својата духовна состојба. Надворешното христијанство е погубно, тоа не оддалечува од длабочините на самопознавањето и спознавањето на Бога.
Ние не треба да ги оправдуваме своите гревови, да го споредуваме својот живот, како фарисеите, со животот на оние кои грешат, и кои живеат полошо од нас. Ние треба да го споредуваме својот живот, со животот на оние, кои ја достигнале вечноста и се во единство со Христа. Таквите примери треба да ги следиме.
Ние никогаш не треба да се сметаме себеси за посебни, без оглед на тоа колкаво добро сме направиле, или на која висина од духовниот живот сме се искачиле.
Тоа не е наша заслуга, туку е дар од Бога. Сите добра и таланти кои нам ни се дадени, се со една цел – да му помагаме на ближниот, и да му служиме на Христа.
Мислите за тоа, дека ние сме го заслужиле тоа што го имаме, се опасни и неверодостојни во самиот корен. Тие се лицемерни во очите на Бога. Тоа е клучниот момент.
Што и да направиме, што и да говориме, ние се стремиме да изгледаме добро и правилно во очите на луѓето, заборавајќи на златното и неизменливо правило: важно е да изгледаме добро само во очите на Бога. Ние сме должни да се орентираме исклучиво на Него, и да се грижиме што Он ќе помисли.
И сè додека во нашиот живот не се случи таа важна и решителна промена, односно сè додека не почнеме да стоиме пред Бога, а не пред луѓето, да му угодуваме Нему, а не на луѓето, ние ќе останеме опседнати од страшната болест – лицемерието, која не ни дозволува да зачекориме напред, кон Христа, и нема да имаме вистински живот, туку само илузија.
Посакувам, сите да го измените својот живот, како што тоа го направи раслабениот Енеј, кој осум години парализиран лежел во својата постела. Кога Свети апостол Петар отишол кај него, и му се обратил со зборовите: „Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и собери си ја постелата своја!” (Дела 9, 34), – тој веднаш станал.
Да даде Бог, нашата вера да го победи нашето лицемерие, и ние да стекнеме вистински, а не лажен живот во Христа.
Митрополит Антониј (Паканич)
Извор: http://pravlife.org