На 30.04.2018 година, кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Кипријан, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение со Епископот Хераклејски г. Климент, отслужи Света Божествена Литургија, во манастирот посветен на Свети Јован Крстител, во Слепче.
После Литургијата, во чест на светителот, беше организирана свечена празнична Литија со неговите Свети Мошти.
Во 17от/30от ден од месецот Април спомен празнуваме на Светиот свештеномаченик Кипријан, игумен на славната Слепченска обител на чесниот Претеча, кој пострада во оган од нечестивите Агарјани во 1780 г.
Во времето кога заради гревовите човечки, Бог допушти Исмаилќаните да завладеат со Балканските земји, една група од нивни арамии ја нападна славната Слепченска обител на чесниот Претеча на Велики четврток во 1780 г. Притоа свирепо го мачеа игуменот Кипријан и го гореа по целото тело, а тој, пак, поткрепен од Христа храбро застана како столб и поткрепа на доверената му обител, одбивајќи да отстапи пред заканите на иноверните. Оставајќи го полумртов, разбојниците зедоа сè што беше вредно во манастирот. Храбриот, пак, Кипријан по тридневното страдање, замина при Христа на денот на Неговото славно тридневно воскресение.