Коренот на неблагодарноста – е во ненаситноста; човекот колку и да добива, тој нема да биде задоволен, и нема благодари за тоа што го има, туку ќе ропта, барајќи да добие повеќе.
Зарем ние малку добиваме од Бога? Aко дивите животни благодарат на Бога за водата, која Он им ја дава во пустината, тогаш зарем ние добиваме помалку?
Ние добиваме неспоредливо повеќе! Нас Бог не обдарил со разум, кој го немаат животните; нам Бог ни го дал Својот закон, кој ни го укажува патот на животот. Бог за нас се грижи, многу повеќе од животните. За нас растат земните плодови, и за нас се дадени неопходните семиња на земјата. Он нам во сè ни помага. За нас свети сонцето, за нас врни дождот, кој се излива подеднакво и над добрите, и над лошите.
Но од сето ова, најважно е тоа што, Бог го испрати Својот Единороден Син на земјата, за да биде распнат на Крст, понижуван и навредуван.
А нам, сè нешто ни недостасува, постојано сме неблагодарни. А што да кажеме за злото кое го правиме!
Старозаветниот мудрец Исус син Сирахов го говори следново: „Примај со радост сè што и да ти се случи; биди трпелив и во промените на твоето понижување“ (Сир. 2, 4).
Примај со радост и благодарност сè што ќе ти испрати Бог, сè е за наше добро: сите наши несреќи и таги, Бог ни ги испраќа нам за наше спасение.
Преку несреќите и тагите, Бог не води кон подобро, а од нас очекува, сè она што Он ни го испраќа, ние да го примаме со благодарност, а не со ропот и хула кон Неговата Света Волја.
Дури и кога Бог ги зема од нас нашите ближни – татко и мајка, брат и сестра, нашите деца – и тогаш е потребно смирено да ја наведнеме главата пред Неговата волја, која е секогаш блага и спасителна, и за сè да му благодариме Нему.
Малкумина има меѓу нас, кои секогаш, за сè благодарат на Бога, кои не роптаат, кога Бог ги посетува со страдања и таги. Но тие малкумина, кои секогаш за сè благодарат, добиваат од Бога голема слава и чест, и голема благодат.
Знајте и запомнете, дека благодарноста кон Бога, кој ние му ја принесуваме во молитвата, заедно со покајанието, го изменува од самиот корен нашето срце. Ако ние сме секогаш благодарни, ако ги исповедаме своите гревови, тогаш нашиот душевен поглед постепено ќе се просветлува, и ние ќе добиеме способност да го видиме тоа, што е во нашето срце; ќе се научиме да се спознаваме себеси, да го забележуваме тоа, што не го гледаат луѓето, кои се морално распуштени, луѓето душевни, а не духовни, ќе добиеме способност за подлабока концетрација.
Благодарноста кон Бога и целосното очистување на срцето, ќе ни принесат голема Божја благодат.
Ете зошто е важно и неопходно секогаш за сè да му благодариме на Бога.
Свети Лука Архиепископ Симферополски и Кримски
Извор: http://pravlife.org