Заупокоена Литургија во „св. Димитриј“ Битола

На 01.11.2014 г, на Митровденската Задушница, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, отслужи Заупокоена Литургија во црквата св. Димитриј, во Битола. Владиката одржа кратка беседа, за покој на починатите.

zadushnica

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Јас сум Бог на Авраама Исака и Јакова. Бог сум на живите, а не на мртвите. (Мк. 12, 26-27)
Вака вели Господ Исус Христос, браќа и сестри, укажувајќи на тоа дека за Господа се живи оние, кои во Христа нашиот Спасител и во Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух верувале, и кои умреле со надеж на воскресение и живот вечен. Зашто овие тројца патријарси кои ги спомнува Господ Исус Христос, живееле неколку стотини години пред Христовото раѓање во тело. Што значи, тие и умреле неколку стотини години пред Христос да стане човек. А тоа значи дека, и починатите кои умреле со вера во Бога, надеж на воскресение, и кои правеле добри дела, не се мртви, туку живи.
При една друга прилика кажано е во Светото Писмо за Ангелот на една апокалиптична Црква, кој бил претстојателот на таа црква: Иако си жив, знам дека си мртов зашто ги знам твоите дела. (Откр. 3, 1) А тоа значи дека претстојателот на таа црква, епископот на таа Црква, немал христијански живот, не живеел согласно со светите канони, Светото Писмо и Светото Предание. Токму затоа, иако телесно бил жив, тој духовно бил мртов,и Господ му вели, иако си жив, знам дека си мртов. Браќа и сестри, денеска нашата Света Црква прави помен на сите од века претставени православни архиереи, свештено монаси, јереи, сиот упокоен православен народ и сиот клир црковен. Се моли за нив Светата Црква. А молбите се состојат во тоа, да испросиме од Бога прошка на нивните гревови, и да покажеме дека ние сме заедно со починатите кои умреле со надеж на воскресение и живот вечен. И жалосно е што на овој ден и на сите Задушници повеќе нè има на гробиштата отколку во црквата. Правилото е следно: прво треба да дојдеме на Литургија, како денес вие што сте присутни. Кажете им на сите ваши роднини и пријатели, дека ако сакаат нивните молитви да се примат пред Бога, тие се најсигурни кога се молиме во заедницата, наша света православна, на богослужбите, особено на Божествената Литургија. Зашто тогаш, како што рекол Господ Исус Христос, каде што се собрани двајца или тројца во Негово име, тамо помеѓу нив е и самиот Тој, Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух. Па затоа најсилна молитва е молитвата на заедницата, молитвата на Божествената Литургија, било дали е за здравје и спасение, или за покој на душите.
Затоа на овие божествени литургии кога се Задушници, доаѓајте сите прво в Црква, донесете го тука коливото, односно пченицата и просфората – литургијата како што ја нарекува нашиот народ, заедно да се помолиме за прошка на сите што починале во верата наша православна, а и за нас да се помолиме. Но, не е тоа доволно.
На овој ден, на Задушниците, на Литургиите кога присуствуваме потребно е секој од нас да се подготви за примање на Светата Причест, за да покажеме дека сме заедно со починатите. Нема друг начин да покажеме и да докажеме дека сме заедно со нив, дека ги сакаме, и дека и тие се живи пред Господ а нашиот Спасител се до неговото Второ доаѓање, кога тие ќе воскреснат од мртвите, ќе ги примат своите тела. А и ние кога ќе починеме и ги примиме нашите тела, ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Суд за нашиот живот на земјата. Ние, браќа и сестри, многу обрнуваме внимание на тоа како ќе го минеме животот тука материјално, преодно, и грижејќи се повеќе за телото октколку за душата, забораваме дека порано или подоцна ќе го напуштиме овој свет. Ќе ја напуштиме оваа долина на плачот, наречена земја, и ќе преминеме во оној свет. Телата создадени од земја, пак во земја ќе се вратат. Душата, која е од Бога дадена, се враќа при Бога. Но, да не заборавиме дека нам, на крајот на светот, кога ќе биде Судниот Ден за сите, сите пак ќе ги примиме своите тела, душите ќе влезат во телата, и ние со просветлени, продуховени тела, не троми какви што ги имаме сега, исти онакви тела какво што Христос го имал после Воскресението, Кој влегол кај апостолите низ затворена врата, и кого што ништо не можело да го спречи да се движи брзо, ќе застанеме пред Престолот на славата.
Така браќа и сестри, да се подготвиме и ние, во овие денови кога оддаваме достојна почит на починатите наши отци браќа и сестри и сите овдека преставени православни архиереи, свештеномонаси, свештенојереи, јеромонаси, јероѓакони, монаси, ѓакони, и сиот православен клир и за сите православни христијани, Господ да им ги прости сите волни и неволни гревови, со збор, со дело и помисла, и да ги насели таму каде што почиваат душите на праведниците. Амин!
Бог да ги прости и да им подари рајска населба!

zadushnica1