На 07.04.2018 год., на празникот Благовештение кој оваа година го празнуваме во Светата и Велика Сабота од Страсната седмица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот Свето Благовештение, во Прилеп.
На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
(Аудио) «Празнична аудио проповед на Митрополитот Петар»
Во светата и Велика Сабота го празнуваме боготелесното погребение и слегувањето во адот на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, Кој нашиот род од распадливост го повика кон вечен живот. Светата Четириесетница е поголема од сите други денови, а од неа, пак, е поголема оваа света и Велика седмица; а од Великата седмица повторно најголема е оваа света и Велика сабота.
А Велика седмица се именува не затоа што има повеќе денови или часови, туку затоа што во неа се случија големи и натприродни чудеса и извонредни дела на нашиот Спасител, особено денес. Како што при првото создавање на светот, откако го заврши сето Свое дело, особено откако го создаде човекот во шестиот ден, во седмиот ден Бог отпочина од сите Свои дела, го освети и го нарече сабота, што значи одмор, така и во создавањето на духовниот свет, откако на извонреден начин создаде сè, откако во шестиот ден го пресоздаде распадливиот човек и го обнови со живоносниот Крст и со смртта, во овој седми ден повторно се одмори и, по завршените дела, заспа со животворен и спасителен сон.
Впрочем, Словото Божјо со телото слезе во гробот, а во адот се спушти со Својата нераспадлива и божествена душа која во смртта се раздели од телото и ја предаде во рацете на Отецот, Кому ја принесе и Својата крв, а која е нашето спасение, иако Он немаше потреба да го бара тоа. Поради тоа душата на Господа не беше задржана во адот, како душите на другите светии. Па како би била и задржана, кога таа воопшто и не потпаѓаше под прародителската клетва, како другите. Нашиот непријател ѓаволот, иако нè задржуваше, не можеше да ја земе крвта по цената на која ние бевме искупени. Та, како ѓаволот, тој разбојник, би можел да Го задржи, бидејќи Христос не беше само од Бога, туку беше Самиот Бог? Меѓутоа, Господ наш Исус Христос се всели во гробот со Своето тело и со Своето божество кое беше тесно соединето со телото. Беше во рајот со разбојникот и, во исто време, беше во адот, како што се вели, со Својата обожена душа. Со Својата, пак, божествена природа Он седеше заедно со Отецот и со Светиот Дух, а како Бог неопислив беше насекаде, зашто божеството беше нестрадално ни во гробот ниту на крстот. Секако, телото Господово требаше да претрпи и смрт, односно разделување на душата од телото, но не и распаѓање, односно целосно разурнување на телото и на неговите членови.
Но Јосиф, откако го симна светото тело на Господа, Го погреба во нов гроб, близу во градината, и на влезот од гробот стави огромен камен, бидејќи Јудеите, по петокот, отидоа кај Пилат и му рекоа: „Господару, се сетивме дека оној измамник, додека беше жив, рече: По три дена ќе воскреснам. Мислиме дека е добро твојата власт да и нареди на војската да го чува гробот”. Пилат одговори: „Ако е измамник, тогаш зошто се грижите за неговите зборови додека бил жив, бидејќи тој, ете, несомнено е мртов?” А, кога Тој рекол дека ќе воскресне? Се чини дека тие дошле до тој заклучок од поуката за Јона. Но, секако, ако гробот биде чуван, нема да го украдат. Безумници!!! Тие не беа сфатиле дека тоа што го правеа наскоро ќе се сврти против нив! Кога Пилат наредил, тие самите поставиле војничка стража и грижливо со печат го утврдиле гробот, за да не можат да речат, со клевети, дека воскресението на Господа се случило без стража и без печати, со измама.
Но отсега адот отстапува и се избезумува чувствувајќи поголема сила; и наскоро ќе Го исфрли Оној што неправедно беше Го проголтал – Христа, најтврдиот аголен камен, како и сето она што од памтивек го проголтал и ставил во својата утроба.
Со Твоето неизкаживо снисходење, Христе Боже наш, помилувај нè. Амин.
(Од Синаксарот на Велика Сабота)