Заборавени од Бога. Од кого Бог се одрекува?

Јас нема да бидам ваш Бог

Му рече Господ на Осија: „Оди и земи жена блудница, па роди деца во блудство; зашто оваа земја многу блудствува, откако отстапи од Господа” (Ос. 1, 2).

Што значат овие зборови?

Народот Божји во времето на пророк Осиј „духовно блудствувал“, односно се поклонувал на „други богови“, а не на Единиот Бог, исто како што и неверната жена, постојано го менува својот законски маж.

Господ ја покажал сета погубност, сиот ужас и трагедија, преку примерот на личниот маченички живот на пророкот, и тоа го направил намерно, за луѓето кои западнале во тешки гревови, да го слушнат Неговото слово, и да не го замразат, заради тоа што директно им ја кажува вистината.

Понатаму се говори дека неверната жена на Осиј зачнала, и му родила ќерка. Тогаш Господ му рекол на пророкот: „Именувај ја Лорухама“ (Ос. 1, 6), што значи Непомилувана.

„Потоа, откако ја одби од доење, одново зачна и роди син. И му рече Он: „Наречи го со името Лоам, зашто вие не сте Мој народ, и Јас нема да бидат ваш Бог“ (Ос. 1, 8-9).

Што може да биде полошо од овие зборови? Господ се одрекува од неверните. Се одрекува од предавниците. Се одрекува од оние кои го избираат гревот.

И ете ние седиме со Адама пред затворените рајски врати, и плачеме за изгубениот рај..

***

Во периодот на Великиот пост, ние како да ја преживуваме сета човечка историја од создавањето на светото до денес.

Светата Црква преку усните на преподобниот Андреј Критски, и со помош на поучните примери од Стариот и Новиот Завет, не повикува и убедува да ја избереме слободата наместо гревот, и да се оддалечиме од гревовното самоволие.

Ние ги гледаме сите недостатоци на самољубието и големината на љубовта, убавината на смирението и ништожноста на гревот. Многу евангелски настани ни раскажуваат за тоа. Ние стануваме сведоци на многу чудесни работи и појави како на пример: преобразувањето на прости рибари, кои потоа станаа Вселенски учители, нелицемерната вера на митарот, исцелувањето на безброј лепрозни и.т.н.

Ние се учиме да живееме и да љубиме, согласно Зборовите на Спасителот, според Неговите идеи и погледи. Ние се учиме да му се доверуваме Нему. Се учиме да се бориме со своите гревови.

Господ ја зел на Себе човечката природа, за да го победи човечкиот грев. И секој од нас сега има надеж за вечен живот.

Бог направил сè за спасението на човекот. Он ги распнал човечките гревови, ја воскреснал човечката природа, и ни дал можност да станеме учесници во Неговото небесно Царство.

А што правиме ние за Него?

Старец Пајсиј Светогорец говорејќи за современото општество вели: „Денес безакониците создаваат закони, и од гревот прават мода, а Евангелието го тргаат на страна“.

Ние се плашиме да се напрегнеме, и да се потрудиме да ги надминеме тешкотиите. Ние секогаш наоѓаме илјадници оправдувања за своите гревови, дека не е многу тешко, со изговор дека сите така живеат.

Нам често ни се чини, дека вистинскиот религиозен живот се ограничува со посетување на храмот во неделните и празничните денови. Ние одиме во храм, палиме свеќи – и на таа основа завршува нашата религиозност.

Дали за тоа дошол Господ? Дали за тоа Он страдал и бил распнат?

Ние го отфрламе и предаваме Него, постапувајќи на сличен начин. Ние во ништо не се разликуваме од неверната жена на пророкот Осиј,  бидејќи им служиме на други „богови“, кои светот ни ги предлага.

***

Патот кон Христа – е тежок пат, и тој е сличен како патот на алпинистот, кој се труди да се искачи на карпа. Но сепак, ние имаме голема предност, бидејќи знаеме и сме уверени, дека Божјата рака која не милува е секогаш испружена, за да не поддржи во потребните моменти.

Потребно е навреме да ја осознаеме  својата немоќ и да го повикаме Спасителот на помош, бидејќи Он единствениот ќе дојди и ќе не утеши.

Од животот на Света Марија Египетска ние гледаме, дека вистинското покајание, односно вистинското осознавање на својата бедна состојба и решителност да се измениме, ќе бидат прифатени од Бога. Он ќе ни ги испрати потребните сили за борба и зацврстување во верата.

Во оваа последна недела од Великиот пост, ние сите признаваме дека како воздухот ни е потребна Божјата помош, и дека животот без Бога е бесмислен. Ние, ако барем малку бидеме верни на Бога, и не отстапиме од Него, тогаш и Он, никогаш нема да се одрече од нас.

И во Пасхалната ноќ, ние заедно со пророкот Осиј, кој  ни даде ветување дека силата и власта, на смртта и адот ќе бидат уништени, ќе се осмелиме да повикаме: „Смрт – каде ти е силата? Пеколу – каде ти е победата?“ (Ос. 13. 14).

Митрополит Антоний (Паканич)

Извор: http://pravlife.org