На 16.03.2018 г., во четвртиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заедно со свештенството од храмот Пресвета Богородица во Битола, ја отслужи четвртата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица.
Ирмос: Нека ликува секој човек примајќи ја благодатта, нека празнуваат сите бестелесни умови, почитувајќи го свештениот празник на Богомајката, и нека воскликнува: Радувај се, Себлажена, Богородице Чиста, Вечна Дево!
Пресвета Богородице, спаси не!
За да Ти пееме Радувај се, ние кои веруваме, преку Тебе постануваме заедничари на вечната радост, избави не нас од искушенија, од робување на туѓинци и од секоја друга неволја која поради многуте гревови, Дево, доаѓа врз нас.
Пресвета Богородице, спаси не!
Си се јавила како наше просветление и закрепување, затоа Ти пееме: Радувај се, Ѕвездо незалезна Која во светот го воведуваш Великото Сонце; Радувај се, Сечиста, Која на затворените им го отвори Едем; Радувај се, Столбу огнен, Ти која го воведуваш човештвото во горниот живот.
Пресвета Богородице, спаси не!
Да стоиме богобојазно во домот на нашиот Бог и да воскликуваме: Радувај се, Владетелке на светот; Радувај се, Марие Богородице наша; Радувај се, Ти единствена беспрекорна и прекрасна меѓу жените; Радувај се, Сосаду Кој го прими неисцрпното Миро кое на Тебе се излеа.
Пресвета Богородице, спаси не!
Радувај се, Гулабице, Ти која го роди Милостивиот; Радувај се, Приснодево; Радувај се, Пофалбо на сите преподобни, победнички Венецу на подвижниците; Радувај се, божествен Украсу на сите Праведници и спасение на нас кои веруваме.
(Од Канонот кон Пресвета Богородица)