Често можеме да слушнеме, дека духовен човек – е оној, кој се занимава со наука, музика или уметност. Тие луѓе имаат свое место во општествово, и се достојни за почит, но да ги нарекуваме духовни според нивната активност е неправилно.
Духовен човек, според учењето на светите отци, е тој, кој е исполнет со Светиот Дух. Таквиот човек живее црковно, ги следи советите на светите отци, ги запазува заповедите на Христа, и постојано диши со благодатта на Светиот Дух, според зборовите на свети Григориј Богослов: „Потребно е да си спомнуваме на Бога почесто, отколку што дишиме“.
Како во современиот свет можеме да станеме духовни?
Одговорна ова прашање наоѓаме во зборовите на свети Григориј Богослов: „Молитвата е како дишењето“. Оној кој сака да стане духовен човек, потребно е да дише со Светиот Дух, постојано и непрестајно. Исто така, потребно е да се научи и на тајните на духовниот живот. Основа за духовниот живот е – молитвата. Светите отци пишуваат дека, молитвата – е уметност над уметностите и наука над науките. Свети Јован Златоуст, кој е еден од најголемите светители, и столб, и вселенски учител на Православието, го говори следново: ако сакаш да разбереш колку некој човек го љуби Бога, немој да го прашуваш директно за тоа. Прашај го на индиректен начин: „Колку време се молиш?“ Од неговиот одговор ќе разбереш, колку тој го љуби Бога.
Имено молитвата е она што им недостасува на денешните христијани. Луѓето не се молат, не ги посетуваат богослужбите, го посетуваат храмот, само кога ќе бидат повикани од своите роднини и пријатели на панихиди, венчавки и крштевки. И тоа го сметаат како доволно за да се наречат верници, кои ја сакаат Црквата и луѓето. Замислете од колку големо богатство е лишен оној, кој заборава своето срце да го направи храм Божји! Станува ли нашето срце храм Божји, кога ние се трудиме на нивата на духовниот живот. Духовниот живот – е „жетва“ на Светиот Дух, но само во тој случај, ако ние на нивата од нашиот живот посееме љубов и верност кон Христовите заповеди. Христовите Заповеди не се окови и лишување на слободата, туку лекарство за духовно исцеление.
Дали можеме да ја стекнеме благодатта на Светиот Дух во светот, надвор од манастир?
Не постои монашка и светска духовност. Духовниот живот е еден. На монахот кој живее во манастир, му се даваат идеални услови за здобивање на благодатта на Светиот Дух. Но и световниот човек, ако е жив и вистински член на Црквата, може да ја здобие благодатта. Светиот Дух, Кој дејствува во светот не е заминат во пензија!
Како да го направиме првиот чекор кон тој пат?
За да се здобие човек со вистинска духовност, како прво е потребно да осознае дека има многу недостатоци, грешки и гревови. Потребно е да се исповеда. Духовниот човек е должен постојано да ги гледа и контролира мислите на своето срце, своето расположение – односно дали е со Бога или не?
Еднаш на Света Гора дојде еден човек, кој имаше истакната позиција во општеството. Беше претприемач, и им помагаше на многумина. После нашиот разговор му предложив да се исповеда. „Јас никогаш се немам исповедано, бидејќи немам гревови,“ – одговори тој. И почна да ги набројува своите добродетели. Почна да раскажува како насекаде го сакаат и почитуваат. Јас просолзив од восхит, слушајќи го неговото фалење дека е најдобриот човек во светот! Признавам се огорчив. Кога дојде мојот ред да говорам (а бев прилично многу строг), му реков: „Ти знаеш на кого си сличен? На човек, кој доживеал мозочен удар, и поради едностраната парализа на половина од телото, ништо не чувствува.“ Исто така и ти си болен од бесчувствителност – од духовна бесчувствителност“. Човекот гледаше во мене со збунетост, а видно беше дека прв пат се имаше соочено со ваква ситуација. Јас продолжив: „Одговори ми искрено, ти кој говориш, дека немаш гревови: колку абортуси си извршил?“ Тогаш тој започна да се поти и да се загрижува. После кратко размислување со тажен тон одговори дека има извршено дванаесет абортуси. Извршил дванаесет убиства на своите деца. Само едно убиство е доволно за преостанатиот живот да го поминеш во постојано покајание и смирение, и наместо да се рекламираш себеси, ти си должен постојано да го молиш Бога за милост“. Овој разговор силно го измени неговиот живот, и тој во своето срце ги прими советите кои му ги кажав. Денес тој работи на својата професија, но со сосема други погледи. Тој сега знае што е тоа грев, што значи воцрковувањето и молитвата. Секој ден станува во шест наутро, и се моли со Исусовата молитва. Навечер чита мало повечерие со акатист кон Мајката Божја и уште половина час говори Исусова молитва. Кога доаѓа на Света Гора, при нашите средби, тој секогаш плаче. Не од сентименталност и депресија, туку од божествената љубов, која гори во неговото срце. Говори: „Колку години проживеав во слепота и незнаење! Давав „милостиња“ и се фалев со неа, ми беше пријатно кога ме фалеа, ми ракоплескаа, ме почитуваа. Но потоа увидов дека сум внатрешно сиромав човек, без духовна содржина и без духовна самоувереност. Бев придвижуван од страстите и гордоста, мислејќи дека сум најдобриот човек во светот“.
Како се изменува душата на човекот, кога тој тргнува да оди по патот на духовноста?
Кога Светиот Дух се вселува во човекот, првото нешто на што го учи – е познавањето на својата немоќ и своите грешки, внимателно забележувајќи ги сите невнимателни постапки, кои сме ги правеле и ги правиме. Исто така, Он не учи да бидеме строги кон себеси и снисходливи кон другите. Навистина, кога човекот го здобива Светиот Дух, ја чувствува Неговата благодат толку опипливо, што започнува да ги љуби сите луѓе, такви какви што сè, а не какви што тој сака да бидат. Многу е важно, ние, во името на Христа, да ги прифаќаме луѓето такви, какви што сè, бидејќи Христос говори: Оти, ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците (Мат. 5, 46). Острастениот човек, го љуби оној кој него го љуби, и го почитува оној, кој него го почитува. Но треба да знаеме дека кога почитта и љубовта произлегуваат од нашите страсти, тие се израз на егоизмот. А човекот кој работи и создава за да го задоволи својот егоизам, ништо не може да добие во својот живот, бидејќи сите негови дела се само за пред очите на другите луѓе, и само однадвор изгледаат добри, а таквите дела Бог не ги прима.
Архимандрит Ефрем Ватопедски
Извор: Доброе слово. Алфавит духовны.