„Вистинската сила е во помагањето на послабите“ – ексклузивно интервју со Стефка Јанковска Петковска

    На 31 Март оваа година,  Центарот за боречки вештини „Заншин“ – Битола ќе полни 5 години. Стефка Јанковска Петковска, 16 кратен државен првак, Вице балкански шампион, предана сопруга, посветена мајка, учител и пријател на сите кои тренираат во клубот, е личност која веќе со години е гордост на нашата земја, а последните години, тој благороден пат до успехот го оди заедно со учениците во спортскиот клуб „Заншин“.

Во приложение, по повод 5 годишниот јубилеј, подготвивме ексклузивно интервју со Стефка-сенсеи, основачот на клубот, кое во целост го споделуваме подолу:

IMG_1931

  1. Почитувана Стефка, веќе подолго време се занимавате со воспитување и тренирање на деца и млади. Во годините кога децата особено ја градат и зацврстуваат својата личност, заедно се сретнувате и пребродувате многу предизвици. Кои се најважните особини што се воспитуваат кај децата во градењето на нивниот каратер, преку каратето и другите боречки вештини?

Овие пет години, покрај тоа што во центарот се тренира карате, кик бокс и кик фит, децата се учат и воспитуваат на моралните вредности во животот.

Самиот збор „Сенсеи“ значи учител, кој ги учи и води децата по вистинскиот пат. За мене како Сенсеи вистински пат е патот на љубовта помеѓу луѓето, скромноста, помагање на послабите и немоќните, почитување на  ближните. На тој пат нема место за презборување на родителите и постарите, за потсмевање на луѓето кои имаат каков било хендикеп, за клеветење. Моите ученици мора да веруваат дека чесноста и искреноста ќе ги одведе кон вистинскиот успех, како во спортот така и во животот.

  1. Што е она што Вас ве инспирираше да започнете да се занимавате со каратето, а особено со тренирањето на нови, млади поколенија?

Тренирам карате од мојата 9 година. Веќе 28 години тоа е дел од моето живеење. Започнав да тренирам карате со желба да бидам силно девојче кое ќе ги брани послабите, меѓутоа мислев дека тоа се учи за ден-два, а не цел живот.  После низа успеси, освојувања државни првенства во сениорска конкуренција во кумите (борби н.з.),  на  25 години почнав да ја изучувам самурајската вештина Иаидо, вештина која ме учеше на смиреност, и во која бев двократен светски шампион, и тоа 2006 и 2007 година.

10364011_526652704131132_186825443888891500_n

  1. Во вашето 28 годишно искуство, Вие и вашиот клуб имате освоено бројни награди и медалји. Можете ли да издвоите неколку најважни методи и дисциплини кои се потребни за да се освои врвот?

На 27 години почнав да тренирам кик бокс и уште следната година бев дел од Македонската кик бокс репрезентација, како и носител на бронза од светско првенство во 2012 год. Сум повеќекратен Вице балкански шампион во кик лајт и лоу кик, 16  кратен државен првак и сл. Успесите се нижеа, меѓутоа се јавуваше и желба моето знаење и искуство од животот некому да го пренесам, да се вее Македонското знаме уште многу, многу пати.

Тоа го започнав на 31 март, 2013 год. И покрај бројните препреки кои ги имав од самиот почеток, верата во Бога и подршката од мојот духовен отец, протоерејот Николче Димовски Чонтев, кој на натпревари, како репрезентативец, секогаш ме испраќаше со благослов, јас, носејќи ја на грбот крпата со вез од храмот Пресвета Богородица, знаев дека ќе успеам.

11406810_976073132424315_1776826280176424468_n

Во овие пет години клубот се има закитено со околу 400 медалји, од кои меѓу позначајните се: двократен вице Балкански шампион, освојување на над 40 златни медалји на државни првенства, освојување на Европски купови и сл. За да се освои врвот, мора дисциплина,  самодоверба, напорен тренинг и верба во Бога. Јас,  како тренер и некогашен натпреварувач, преферирам  благослов, молитва и поклонување во Божји храм. Тоа го правам јас, без да го наметнувам некому и до сега, Бог никогаш не нè оставил.

1506755_1380048942307415_7021869336606874235_n

  1. Во Православната Црква, постојат повеќе дисциплини кои се потребни за воспитување и јакнење на духот на православните верници (како постот, молитвата, воздржанието, метаниите). Дали може да се направи некоја паралела меѓу овие дисциплини и дисциплините и вредностите кои се воспитуваат во каратето?

Дисциплина  мора да има секаде, и тоа: одрекување од пороци (дрога, алкохол, цигари и сл.), излегување до доцна,  внесување на умерена и балансирана храна, смирување на телото, излегување со позитивна мисла од Доџо (сала  каде децата тренираат), воздржување од конфликти и сл. Во боречките вештини, особено во каратето, постои строга дисциплина која бескомпромисно се почитува како што се бескомпромисни и црковните правила. Овие вештини се адаптираат индивидуално.Од секој ученик, Сенсеи има посебни очекувања и покрај општо поставените критериуми, децата мора да бидат смирени и трезвени пред сите предизвици. За да можат да се соочат со нив, секогаш со Сенсеи мора да се споделат сите тајни, успеси и грешки, како што се споделуваат со духовниот отец, мора да има покајание, извинување и извршување на казната за кршење на принципите и сл.

  1. Можете ли да споделите нешто со нас од вашиот христијански опит, каде што верата ви помогнала или ви помага да ги надминете тешкотиите, и да се издигнувате на скалата на духовниот раст?

sl.1Како што веќе претходно напоменав, верата во Бога никогаш не ме напуштила. Секој ден го започнувам со молитва и секоја вечер му се заблагодарувам на Бога, бидејќи секогаш е со нас. Мојот  најголем подарок, како борец, беше крпата со вез од храмот Пресвета Богородица, која ја носев на грб кога влегував во рингот и кога ме прогласуваа за победник. Ја носев и кога  по 16 пат ја одбранив титулата државен првак во кик лајт и лоу кик (дисциплини во кик бокс) во сениорска кункуренција, а денес таа чест, да ја носат пред да влезат во рингот, ја имаат натпреварувачите од Заншин, кои се од Православна вероисповед.

Бог безброј пати бил милостив и правел чуда за мене. Едно од големите чуда е тоа што мојата сестра, која беше во кома 8 дена и која имаше доживеано септички шок, за која лекарите велеа:„молете му се на Бога да преживее, а ако преживее ќе има хендикеп“. Ние не престанавме со молитва, и тоа не само јас, туку и сите мои пријатели се молеа. Беше споменувана во црковните молитви и Бог направи чудо. Се разбуди од комата без никакви последици-ЧУДО БОЖЈО!

Што се однесува на професионален план, колку зло луѓето да ни нанесуваа, дури  и тогаш кога, како клуб, го допиравме дното, ние уште повеќе му се молевме на Бога, и колку повеќе луѓето ни наштетуваа – толку повеќе нижевме успеси, бидејќи верата во Бога никогаш не нè напушти. Јас редовно постам и се молам, се трудам да не ги кршам десетте Божји заповеди, а гледам и дел од моите ученици го следат мојот пример, одат на служба во недела, постат и се причестуваат и тоа се деца кои имаат исклучителна дисциплина и врвни меѓународни резултати.

24301359_1724219420943012_2216816614229663333_n

  1. Познавајќи ги главните проблеми и предизвици со кои се соочуваат децата и младите во општеството, според вас, кои се главните причини за тоа и која е улогата на борбените вештини во животот на луѓето?

Децата се соочуваат со безброј проблеми и предизвици во секојдневниот живот. Основа на сите проблеми е тоа што брзиот начин на живот и желбата за финансиска комоција на родителите, како да ги маргинализира детските потреби. Голем број од децата се чеда кои растат без доволна родителска љубов и внимание и покрај раскошниот живот. На секое дете му треба љубов, внимание и разговор. Секое дете е своја индивидуа. Тоа се чисти души, кои на секоја грешка знаат да се покајат, да се извинат и безрезервно да те сакаат. Кај голем дел од децата недостига самодоверба која е одраз на слаба социјализација и изолираност, поради страв на родителите да не нешто лошо му се случи на нивното чедо, слабата  верба на родителите во Бога Кој е семоќен. А човек кој не верува и не се плаши од Бога, тој не бира начин за да ја постигне целта.

Децата кога растат се огледуваат на родителите и ближните покрај кои растат, па врз основа на тоа, се гради и нивната личност. Ако тоа дете гледа лаги, интриги и нечесно заработување, како истото може да биде здрава, хумана и чесна личност? Боречките вештини помагаат детето да се соочи со сите предизвици во животот, да биде хумано, да ги заштити послабите и да оди по патот на правдата, бидејќи само така ќе ја постигне целта.

22135360_1654794664552155_4592352271429268511_o

  1. За крај, дали имате некоја препорака до нашите читатели?

Би сакала да им посочам на читателите, дека изучувањето на боречките вештини ги отргнува децата од пороците, им го зајакнува духот и телото, им дава смирение и бистар ум. Во моментов тренирам околу 80 деца на сите возрасти и сите се добри, хумани луѓе, кои во текот на тренингот учат  да им помагаат  на послабите, да го почитуваат ближниот, да не преговараат со родителите, туку да ги почитуваат. Тие се одлични ученици кои учествуваат на школски натпревари и се носители на бројни успеси. Голем дел од моите ученици, и покрај тоа што се деца, редовно одат на служба во недела, постат и се причестуваат. Дел од нив ја знаат и гласно ја кажуваат „Оче наш“ пред секој натпревар. Јас како Сенсеи ги подучувам и еднакво ги сакам сите деца, без разлика на нивната верска и национална припадност и сите ги советувам да веруваат во Бога, бидејќи човек без вера е бунар без дно, кој не води никаде.

20180228_201407
„Тренинг со моите вредни каратисти“ – објавено на фб профилот на Стефи Јанковска Петковска

 

Подготвија: К.П. и З.Д.