На 02.03.2018 г., во вториот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заедно со свештенството од храмот Пресвета Богородица во Битола, ја отслужи втората статија од Акатистот кон Пресвета Богородица.
Ирмос: Песнословците Твои, Богородице, жив и неисцрпен извору, во собор духовен утврди ги, и во божествената Твоја слава со венци на слава удостој ги.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Радувај се, Ти која го произнесе божествениот клас како нива неорана; Радувај се одуховена Трпезо на Лебот на Животот; Радувај се непресуштен Извору на Вода Жива, Владичице.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Радувај се, Дево, Ти која го роди божествениот Младенец; Радувај се, Јагне кое го роди Јагнето Божјо кое на Себе ги зема гревовите на светот; Радувај се, Очистилиште топло.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Радувај се, посветла од зората, Ти единствена Која го носиш Сонцето Христос, Пребивалиште на Светлината; Радувај се, Ти, Која ја разнесе темнината и сосема ги разгони мрачните демони.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Радувај се, единствена врато низ која Логосот мина, Владителке Која со Чедото Свое си ги разбила лостовите и портите адски; Радувај се, Божествен Входу на спасуваните, Сефалена.
(Од Канонот кон Пресвета Богородица)