Свеќникот

0-02-05-137f5f9791a9818e3dbd6432a5077912f20471883b42916ccd71c0ecff35533a_full

Поставен на масата

Оставен на шкафчето

Навален на надкасна

Загубен во полето

Минуваа покрај него

И мало и големо

Возрасти порастени

Но сепак недораснати

Кој знае чиј беше тој свеќник

Покрај некој межник,

Оградуваше ли и тој место

Или значеше за некој – нешто

Сè додека ден не дојде

После ноќта тој пристигна,

Едно дете го најде

Го понесе во својата престилка

Дете ко дете –

Разговор започна,

Имаше тоа време

Прашања да поставува:

Од каде си,

Тука зошто си,

Која е твојата намена

Или место само имаш на земја шаролика?

Го вртеше на сите страни,

Де мал му изгледаше

Де како гнездо за врани,

Сепак отвор приметуваше

Во кој него го собираше

Раснеше дете мало,

Но дете ко дете

Во срце така останало

Наследник татко не заменило

Чудо гледа тоа мало

Прст пораснува

А свеќник два пати заминува,

Како игра да започнува

Јаве во бајка се претвора

Учи дете од свеќник

И тоа катаден,

Учи дека имало и межник

–   Голем Камен Аголен

Го отфрлиле ѕидари неуки

Занает промашиле они,

Можда требало да бидат музичари

А не положници на камења аголни

Слова испишани на свеќник личен

Изучи дете во време неминливо,

На мудрост голема стана вичен,

Од свеќник изчезна и последно сивило

Се разгоре пламен

Во срце детско,

Со вера се искачи на трето небо

Да исправи, пат да биде равен

Заблеска свеќник

Осветлен од срце детско

Па прими во себе подвижник,

Во утроба своја подари место

Се исполни и ова ветување Небесно

Двајца сложни на едно место,

Испрати тогаш Небо секавица

Се запали оган без двоумица

Силно, силно се разгоре,

Свеќа се разгоре,

Од она што го понесе

Светлина на светов донесе

Се донесе срце разгорено

На врв планина поставено

Иако од поле подигнато

Не остана во прашина закопано

Раѓај Мајко деца такви

Да исполнуваат свеќници славни

Да осветлуваат човечки души

Да покажуваат пат до небеси.

Slepche

 

(Од сестринството при Слепченскиот Претеченски манастир)