„Побрзај да ми ги отвориш татковските прегратки, развратно го потрошив својот живот. Спасителу, не презирај го сега моето осиромашено срце, кое го упатува погледот кон непотрошливото богатство на милосрдието Твое! Зашто кон Тебе, Господи, во умиление викам: Згрешив, Отче, на небото и пред Тебе“.
Само еднаш во годината, прозвучуваат овие зборови на богослужението, за време на сеноќното бдение во Неделата на блудниот син. Некаде тие се пеат, трогнувајќи ја душата, допирајќи до нејзината длабочина, а некаде се читаат, дури и нејасно, не обрнувајќи внимание на себеси и не дозволувајќи си да го разбереме длабокото значење содржано во нив. Но оние кои имале можност да присуствуваат на монашки постриг, многу добро ја разбраат нивната смисла: таму овој тропар се пее три пати, додека оној кој го постригуваат, лази од притворот на храмот кон олтарот, од грешниот свет, од кого што се оддалечува, кон највозљубената прегратка.
Евангелието за блудниот син се чита на Светата Литургијата, и тоа содржински го привлекува нашето внимание, и нè повикува да размислуваме на неговата содржина. Неразумноста и дрскоста на едниот син. Сомнежот и жестокосрдечноста на другиот син. Храната од свињите. Љубовта на таткото. Неговите дарови.
Веројатно, секој размислува во себеси, дека во овој момент лично нему му е поблизу, и дека од некои причини одекнува во неговото срце. Или пак не ни размислува, затоа што му изгледа дека токму сега, оваа парабола за него „не е веќе актуелна“. Иако, актуелна е, и тоа токму сега, само оној кој сега не „ја слуша“, отишол во „далечна земја“ – во некоја од оние кои му се во близина, и потребен му е само еден чекор. Увереноста во својата праведност, нечустителноста на срцето и слепилото на душата – малку ли се тие земји?
… А јас овојпат почнав да размислувам за нешто, за кое преткодно не сум размислувал. Дали на заблудениот син му било тешко да се врати назад? Секако, јасно е, дека не му било лесно. И патот не е близу, и тешко е и срамно, а пред сето тоа требало да дојде „на себеси“, како што е речено во параболата, бидејќи до тогаш не ни помислувал за своето враќање назад. А лесно ли е, од син по природа, да се понизиш како наемник?
И не само во некој моментален импулс, туку свесно да одлучи и да се врати во својот дом во таа состојба, не срамејќи се од тешкотијата на таквата ситуација, ниту од срамот за тоа, дека тој требаше да биде еден од сопствениците на тој дом!
Тешко му е на синот… А на таткото, кој ги рашири своите раце, дали му е лесно? Или истата тежина ја носи и таткото? Ние знаеме, што се случило со синот, како он на почетокот се веселел, потоа просел, се мачел, гладувал. А што се случувало со Таткото? Тоа е тајна… Да се запрашаме како изгледаат тие негови прегратки, како имено Он нив ги раширува – секому различно или за сите еднакво? Што означуваат тие прегратки? Многу тешко прашање? Можеби дури и излишно, празно?..
На ова прашање одговор наоѓаме во секој храм – можеби случаен, можеби ненадеен. Во секој храм постои икона на овие прегратки, нивна единствена и незаменлива слика.
Не зборувам за изобразување на одделни епизоди од оваа парабола – нив во храмовите ги нема. Зборувам за Распетието…
Еве ги тие – „прегратки на Отецот“. Рацете прободени со клинци и на Крстот приковани, а на земјата течат бразди од Крв. Раце, подготвени да го прегрнат целиот свет.
Заради што е сето тоа така? Зошто тоа не се случува на друг начин – без клинци, Крв, Крст? Никој од Светите Отци и црковните учители не дава одговор, зошто се сите тие страдања, и зошто е таквата смрт…
… Ми се чини, и за тоа, за ние да забележиме. Да забележиме и да поверуваме, дека Љубовта, Која и таквата цена не се сомневаше да ја плати за своите возљубени и на таков начин на сите да ни ги открие Своите прегратки, не одвраќајќи се од никого. Затоа, за и ние да би можеле да го надминеме стравот, срамот и очајанието. За да се решиме да поверуваме: Дека Он нас секогаш нè чека, без разлика колку сме погрешиле или сме отишле далеку од Него.
Затоа Отецот оди на тоа страдање, за на Неговите деца, блудни и грешни, да им биде полесно. Он знае, колку ним им е тешко, и не може за тоа да не ги жали…
Игумен Нектариј (Морозов)
Превод: Игор Ризановски