Архиерејска Божествена Литургија во црквата „Св. Константин и Елена“ во Битола

На 19.10.2014 г. митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во храмот на „Св. Константин и Елена“ во Битола. На литургијата, владиката го толкуваше Воскресното Евангелие.

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!
„Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!“(Лк. 6, 31).
Со овие зборови започна, браќа и сестри, денешното свето литургиско евангелие, со кое што Господ Исус Христос сакал да укаже на тоа дека луѓето секогаш треба да прават добро, без оглед на тоа дали ним луѓето им возвраќаат на доброто со добро или со зло. Зашто е познато дека злото не може да се уништи со зло, туку само со добро. Затоа, Господ Исус Христос, покажувајќи големо смирение, по благоволението на Отецот, излезе од Неговите прегратки, и Себеси се унижи до тој степен, да постане човек, иако совршен Бог, и во сè да се изедначи со нас луѓето, освен во гревот.
Колкаво е тоа понижување, браќа и сестри. Самиот Бог Себеси да се понижи, да стане како човек, и Тој да прими човечко тело, и на тој начин да се изедначи со луѓето. И токму во овие зборови на големото смирение на Бога, за да го спаси човечкиот род, понижувајќи се до тој степен да прими и смрт заради нас и заради нашето спасение (во тоа време најсрамна смрт – да биде распнат на Крст) и да ја пролее Својата света Крв. Но, токму со Неговата Крв, нè откупи од гревот и смртта, и повторно нѐ врати во единство со Бога Троичниот, Отецот и Синот и Светиот Дух. Затоа Бог вели дека ние треба да се усовршуваме, како што е совршен нашиот Отец Небесен. А може ли човекот да се усоврши до тој степен? Гледано од аспект дека Бог е Творец, а човекот создание, тој не може тоа да го направи. Но, може човекот, ако Бог се унижил од Бог да стане и човек, богочовек, и да се изадначи со нас луѓето во сѐ освен во гревот, тогаш и човекот може себеси да се унижи, да се почувствува за најгрешен од сите луѓе. На тој начин тој се усовршува, како што е Совршен нашиот Отец Небесен. Во друга смисла кажано, човекот само тогаш може да се спаси себеси, само ако пројавува љубов кон Бога Отецот и кон ближниот свој, а ближен наш е секој човек. Господ Исус Христос вели да ги сакаме ближните свои, но и да ги љубиме непријателите наши. Оние што нè проколнуваат, да ги благословуваме. Оние што нè малтретираат и гонат, ним да им возвратиме со добро. А на тој начин можеме и да се спасиме, браќа и сестри. Но, ако погледнеме на тоа, како ние, православните христијани, се однесуваме кон овие зборови на Христа нашиот Спасител, ќе се увериме дека и по две илјади години на овие наши македонски простори ние, христијаните, сѐ уште во нашите души и срца немаме таква совршена љубов да ги сакаме и нашите непријатели. Зашто да се сака непријателот, тоа е да се сака човекот кој е како и ние, син Божји, зашто сите сме чеда на Троичниот Бог, и на тој начин – браќа меѓу себе. А кога ќе видиме дека во луѓето има зло, да не ги мразиме луѓето, туку злото, лошото, нечистиот дух, демонскиот дух во луѓето, а не нив. Исто како што и лекарите не ги мразат болните, а ја мразат болеста во луѓето, и некогаш дури се изложуваат на опасности, за да ги спасат од тешките и заразни болести, како што денес е еболата, која илјадници луѓе убива. Но, спречувањето на оваа болест не значи да се убијат луѓето, туку да се направи подвиг, луѓето кои заболеле од тие заразни болести, да се лекуваат. А тоа значи, некогаш да има изолација, да се ставаат во карантин, за да не се шири таа болест. Истото се однесува и со грешните луѓе.Ние не треба да ги мразиме нив, туку гревот во нив, и гревот во нас, зашто и ние сме носители на гревот. Единствено имаме право, како што рекол Господ, да го мразиме сатаната со неговите демони, и гревот кој потекнува токму од нив. Затоа, браќа и сестри, ние сме должни да покажеме љубов меѓу луѓето. Господ наш Исус Христос им рекол на Своите ученици, дека по тоа ќе ги познаат луѓето дека се Негови ученици, ако покажуваат љубов помеѓу себе (види Јован 13, 35). Само ако покажуваат апостолите, и од нив наследниците, и сите христијани, а и сите луѓе, љубов помеѓу себе, по тоа ќе се покаже дека сме Христови ученици и Христови следбеници. Ако немаме љубов помеѓу себе, тогаш не можеме да се наречеме Христови ученици и последователи. Зашто е кажано, дека ние треба да се љубиме меѓу себе без оглед на сѐ, зашто должност на секој христијанин е да простува.
Првите зборови од Христовата проповед биле: „Покајте се!“ (Мат. 4, 17). А исто и светиот Јован Крстител и Претеча, кога почнал да проповеда како претходник на доаѓањето на Христос нашиот Спасител: „Покајте се зашто се приближи царството небесно“ (Мат. 3, 2). Покајанието значи да признаеме дека сме грешни луѓе, дека имаме многу гревови, големи и мали. Но дали се тие мали? Зашто многу мали гревови можат да предизвикаат иста состојба како и големите гревови. Покрај тоа што ќе го признаеме гревот, треба да донесеме цврста одлука дека нема повеќе да го правиме, особено смртните. А оние, полесно простливите, т.н. помали гревови, од нив така лесно не можеме да се ослободиме. Но, затоа е исповедта, затоа е покајанието, преку кои се ослободуваме од гревовите. А конечното ослободување доаѓа преку причестувањето, преку Светата Тајна Евхаристија. Телото и Крвта Христови нè ослободуваат од гревот и смртта, доколку сме се подготвиле за примање на Светите Тајни.
Затоа, браќа и сестри, единствена вера е нашата, православната, христијанската вера, која проповеда дека треба да се сакаат непријаталите. А за тоа дека така треба да биде, ние не сме имале пример од некој друг, туку од Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, Кој дошол во светот не заради тоа што имал Своја потреба, туку од љубов кон човекот како кон Свое создание, да го приведе во единство со Отецот и Светиот Дух. Затоа, Господ Исус Христос дошол, и покажал преголема љубов кон грешниот човек, смртниот човек, дури и Својата Душа и Своето Тело ги положил, за да го избави човечкиот родод гревот и смртта. Па ете, на тој начин ни покажал Господ Исус Христос, кога бил распнат на крстот, дека треба да се сакаат и непријателите, бидејќи од Крстот се молел за оние што Го распнале, со зборовите: „Прости им Оче, зашто не знаат што прават“ (Лк. 23, 34). Некој ќе рече: „Да, Господ можел тоа да го рече и да го направи, но ние луѓето дали можеме?“ Да, браќа и сестри, и ние можеме тоа да го направиме, зашто веднаш потоа имаме пример, светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, кој се молел за оние што го каменуваат, со зборовите: „Господи, не примај им го ова за грев“ (Дела 7, 60). А и не само тој, туку и огромен број на светители, маченици и великомаченици за верата, се молеле за оние што ги убивале. Има случаи, кога светителите давале пари на џелатите, извршителите на нивното убиство. За тие да станат светители, некој тоа требало да го направи, па затоа тие сметале дека тој човек заслужува награда. Затоа, браќа и сестри, ние сме должни да правиме добро на сите, и на непријателите. Светиот апостол Павле вели кога им правиме добро на нашите непријатели, ние им ставаме жив жар на главата (види Рим 12, 20). Зашто кога му правиш добро на непријателот, го обесхрабруваш да ти прави зло, зашто тој нема повеќе мотив, нема повеќе причини, да ти прави уште зло, кога гледа дека на злото со добро одговараш. Ти му правиш добро и го разоружуваш. Зашто нема поголемо оружје од тоа да му се направи добро на непријателот. Да се врати зло за зло, било старозаветна заповед: око за око, заб за заб, а старозаветните заповеди и наредби се несовршени. Совршени се новозаветните, зашто Христос рекол дека треба да им правиме добро на оние што ни прават зло.
Денес, браќа и сестри, по медиумите можеме да слушнеме, особено по турските серии, дека нема во Исламот заповед да се сакаат непријателите, па дури и роднините да се љубат, ако направиле нешто против некого. Таму слушате дека велат: да те казни Господ, Господ да ви врати зло за зло, односно „заб за заб, или око за око“. Тоа не е христијанска заповед, тоа е наредба на сите други религии, освен на православното христијанство. Ние не бараме совет од некои кои се како нас грешни, туку советот го бараме од Најсветиот, Господ наш Исус Христос, Кој ни дал пример како да се сакаат непријателите. А ако не го направиме тоа, тогаш треба да го возљубиме она другото, оружјето кое го употребуваат непријателите против непријателите. Тогаш треба да ги сакаме наоружувањата со разни орудија,да ги возљубиме убиствата на човек со човек, на народ со народ, и како што денес тоа постои, и ќе речат: па и тие прават добри работи. Браќа и сестри, добро, не е тоа што се прави со некоја пресметка. Добро е тоа, кога се прави од љубов. А кога нешто се прави од љубов, не се бара возврат за тоа. Човек не бара да му се врати направеното добро. Оној што љуби не бара повратна љубов. Тоа е вистинска љубов, браќа и сестри, тоа е таа вистинска љубов која се проповеда и практикува во нашата света Црква.
Браќа и сестри, зошто и нам, христијаните, ни се случува да не постапуваме и да не ја извршуваме оваа заповед, да ги љубиме нашите непријатели? Заради нашето самољубие. Зашто ние, луѓето, се грижиме за телата наши повеќе отколку за душите наши. А грижејќи се за телата наши, ние стануваме самољубиви, и си дозволуваме на штета на другиот да правиме одредени работи, како што тоа го прават, за жал, и многу народи и многу држави. Гледате што се случува во светот, една голема, силна земја како Америка, предизвикува војни и на Истокот и на Западот, а потоа е многу дарежлива на тие што војуваат меѓусебе, им продава оружје, па ако треба, и храната што без малку ќе ја изгуби својата трајност, им ја дава како подарок. Таквите добри дела не се добри дела, зашто не се од љубов направени,туку од интерес и од корист. Секое такво дело, не е добро дело. Тоа е промислено и зло дело. Добро е ако е направено од љубов.
Немојте да давате на заем на оние, од кои очекувате дека ќе ви го вратат тоа. Туку давајте на оние, од кои нема да сте сигурни дека ќе ви го вратат дадениот заем. Исто така, немојте да ги сакате оние што ве сакаат вас, зашто и непријателите, и грешните луѓе ги сакаат оние што ги сакаат нив и добро им прават. Вашата љубов да биде искрена, вистинска љубов, без возвраќање, без очекување да ви се возврати. Па така, во тој дух да се помолиме, браќа и сестри, Господ наш Исус Христос, да го излее својот свет и спасоносен благослов врз нас, врз нашите семејства, и врз сиот род христијански, и врз сиот човечки род, та и сите ние да ја препознаеме вистинската Божја љубов, или како што вели светиот апостол Павле, во своето послание до Коринтјаните (13, 1-13), дека љубовта не се превознесува, љубовта не го бара своето. Љубовта е една од трите големи добродетели: верата, надежта и љубовта. И да зборувам на ангелски јазици, никаква корист немам, ако љубов немам. Зашто остануваат Верата, Надежта, и Љубовта, а од нив, најголема е Љубовта. Амин!

vlaskacrkva

vlaskacrkva1

vlaskacrkva2

vlaskacrkva3