Осветување на водите

Преку целиот наш живот заедно со нас е големата светиња – светата вода (на грчки „агиазма“).

Осветената вода е образ на Божјата благодат: таа ги очистува верниците од духовната нечистотија, ги осветува и ги поткрепува во подвигот на спасението во Бога.

Ние за првпат се потопуваме во неа при Крштението, кога при примањето на тоа Таинство трипати се потопуваме во купелот, наполнет со света вода. Светата вода во Светата Тајна Крштение го измива човекот од гревовната нечистотија, го обновува и го раѓа за нов живот во Христа.

spbda

Светата вода задолжително се употребува при осветување на храмовите и на сите црковни предмети, кои се употребуваат при богослужението, при осветување на христијанските домови, и сите предмети во домаќинствата. Нас нè попрскуваат со света вода за време на литиите, при молебните итн.

На празникот Богојавление православните христијани земаат од храмовите богојавленска вода и ја носат во своите домови, грижливо чувајќи ја како голема светиња, и со молитва се причестуваат со неа при разни болести и немоќи.

„Осветената вода, – како што пишува Свети Димитриј Херсонски, – има сила да ги освети душите и телата на сите, кои се причестуваат со неа“. Таа, ако се пие со вера и молитва, лекува од телесни болести. Преподобен Серафим Саровски после Светата Тајна Исповед, на поклониците кои доаѓале во неговиот манастир, секогаш им давал да вкусат чаша света богојавленска вода.

Преподобен Амвросиј Оптински на еден човек кој бил на смртна постела, му испратил шише со света вода – и наизлечливата болест, била излекувана.

Светиот старец, преподобниот Серафим Вирицки секогаш советувал да се попрскува храната со богојавленска вода, која, според неговите зборови, „самата сè осветува“. Кога некој тешко боледувал, светиот старец Серафим благословувал болниот  да употребува по една лажица осветена вода на секој час. Старецот говорел, дека посилно лекарство, од осветената вода и осветеното масло – нема.

Чинот на осветување на водата, кој се извршува на празникот Богојавление, се нарекува голем, според самата торжественост на обредот, кој се извршува во спомен на Крштението на Господа, во кој Црквата ја гледа не само тајната на измивање на гревовите, туку и вистинското осветување на самата природа на водата преку потопувањето во неа на Бога по тело.

Големиот водосвет се извршува двапати – на самиот празник Богојавление, и во денот пред Богојавление (на Водокрст). Некои православни верници погрешно веруваат, дека водата осветена во тие денови е различна. Всушност на Водокрст и на празникот Богојавление при осветување на водата се употребува истиот водосветен чин.

Свети Јован Златоуст говорел, дека светата богојавленска вода може да остане непроменета и пријатна за пиење на повеќе години, зачувувајќи ја својата свежина и чистота, како да била налеана во истиот момент од свеж извор. Еве тука може да се види чудото на благодатта Божја, кое и сега може да го види секој!

Според верувањето на Црквата, агиазмата – не е обична вода, со духовно значење, туку таа е ново битие, духовно-телесно битие, меѓусебна поврзаност на небото и земјата, благодат и материја, кои се многу блиски.

Затоа, светата агиазма според црковнте канони се смета како еден вид на светиња, помала од Светата Причест: во случај кога на верниците според направените тешки гревови им се налага епитимија, односно забрана да пристапат кон Светото Тело и Крв Христови, се практикува да се причестат со „света агиазма“.

Богојавленската вода – е светиња, која треба да ја има секое православно семејство. Таа грижливо треба да се чува покрај домашните икони.

Освен богојавленската вода, православните христијани често употребуваат вода, осветена на Мал водосвет, кој може да се извршува преку целата година. Задолжително, Малиот водосвет се извршува при изнесување на Чесниот и Животворен Крст Господов и на празникот Преполовение, кога си спомнуваме за најдлабоките, според содржината, зборови на Спасителот, изговорени кон жената самарјанка: А кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен (Јован 4, 14).

Светата богојавленска вода се употребува нагладно, заедно со парче антидор (нафора) после утринското молитвено правило, со посебна почит како кон голема светиња. „Кога човек употребува антидор (нафора) и света вода, – говори затворник Георгиј Задонски, – тогаш кон него не може да се доближе нечистиот дух, а душата и телото се осветуваат, мислите се просветлуваат, за да му угодуваат на Бога, и човекот добива благодат да пости и да се моли и да прави секакво добро дело“.

 

Молитва при употреба на антодор (нафора) и света вода

 

Господи Боже мој, да ми биде Твојот свет дар и Твојата света вода за просветлување на мојот ум, за поткрепа на моите душевни и телесни сили, за здравје на мојата душа и тело, за покорување на моите страсти и слабости, според Твојата бескрајна милост, по молитвите на Твојата Пречиста Мајка и на сите твои Свети. Амин.

Извор: http://www.pravoslavie.ru/28980.html

Превод: м-р Игор Ризановски