Снегот навеваше од сите страни. Шумската корија во малото село, сместено во пазувите на зимзелената планина, беше исполнета со звуците на ветрот, а од далечината – прозорците на куќарките личеа на запалени фенерчиња, кои трепереа во мракот.
Во една куќа, што се наоѓаше до некогашната месна заедница на селото, живееше човек на 70–годишна возраст. Најголемиот дел од неговиот живот го поминал работејќи како учител. Живееше сам. Но, тоа не му претставуваше особена тешкотија. Беше навикнат да живее така. Во сиот свој работен век, грчевито се бореше на децата да им ја предаде најубавата од сите науки, според него, а тоа беше читањето.
Во источниот агол на неговата дневна соба, на дрвена полица стоеја икони посветени на Пресвета Троица, Спасителот и Богомајката, и Sветите Климент и Наум Охридски. Животот на македонските свети просветители за него претставуваше постојана водилка. Во секојдневната дружба со учениците, ги употребувал Климентовите зборови, кои на децата им ја пренесувале пораката „да се надминуваат едни со други единствено со добрина и да се тргаат подалеку од злото.“
Утрото го најави црковната камбана. Започна Светата Божествена Литургија којашто овојпат го славеше и Христовото раѓање. Во Божјиот храм присуствуваа православни верници од најмала до најголема возраст. Забележително беше отсуството на стариот учител. По завршувањето на службата неколкумина од селаните навратија во неговиот дом. Учителот лежеше во креветот обземен од треска. Неговото тело беше ослабено и немоќно. Меѓу неговите посетители беа и тројца од црковните пејачи – Серафим, Методиј и Јован. Тие воедно беа и негови поранешни ученици, кои длабоко го сакаа и почитуваа овој човек, кој за нив отсекогаш претставуваше олицетворение на добрина и мудрост. Откако привремено се погрижија за него, го оставија и ветија дека вечерта ќе се вратат повторно.
А за време на Божикната вечер луѓето беа собрани во своите домови и се насладуваа на подготвената трпеза.
Момчињата како што ветија, така и се појавија во домот на учителот. Овде одново се погрижија за неговата здравствена состојба и приготвија нешто за јадење, по што сите заедно седнаа да вечераат. На масата си припомнуваа за времињата поминати со учителот.
– Се сеќавам, учителе, кога во осмо одделение нѐ одведе на Плаошник во домот на Светиот Климент. Со голема љубов ни раскажуваше за неговиот рамноангелски живот на земјата и секогаш нѐ уверуваше, дека сите светители се наши постари браќа во куќата на нашиот Небесен Отец и дека секогаш се спремни да ни помогнат во искушенијата и неволјите ако усрдно им се обратиме – говореше Методиј.
– Така беше, мил мој Методија. Поради нив, јас никогаш не се чувствувам осамено. Лично сум убеден дека и тие оваа ноќ се радуваат горе на небото и со благопријатни песни го слават Бога и Му благодарат што Он толку многу Го засака човекот, па Го даде и Својот Единороден Син да дојде помеѓу нас и да нѐ избави од злото – по ова учителот благо се насмевна и продолжи да срка од пилешката супа што стоеше пред него.
По неколку часа исполнети со душеполезни разговори, откако се уверија дека учителот е подобро, момчињата се поздравија со него и се вратија во своите домови. На патот за назад забележаа висок и белобрад старец со фенер во раката. Не им беше познат. Ги поздрави со зборовите:
– Христос се роди мили мои!
– Навистина се роди! – отпоздравија момчињата.
– Колку убава ноќ. Спасителот е повторно на Земјата, а три момчиња вечерва го исполнија домот на еден немоќен старец со топлина и радост. Вие не сте заборавиле дека она што го правите за Божјите чеда со љубов – Му го правите и Нему. Благословени да сте вие и вашиот светол пример! – рече Старецот и се изгуби во белината.
Момчињата останаа вчудоневидени. Таа Божиќна ноќ засекогаш ја запаметија и никому не кажаа за чудесната средба со Старецот и неговиот благослов.
Автор: Влатко Стојковски