ДЕТЕТО СО ГОЛЕМИТЕ ЧЕВЛИ – Награден расказ

Човек пред Божик се чуствува многу осамено, но истовремено и возбудено. Тоа е празникот на најживописните сеќавања. Во краткиот зимски ден, во земјата на југот, кога сонцето е со најмалата сила, чиниш имаш време колку што ти душа сака, да се сеќаваш за сè што е поврзано со овој ден. Си спомна за Божикните песни што ги пееше до ден денешен и за елката, што секогаш мораше да биде два пати повисока од него, за да не може да ја стави најсјајната звездата на нејзиниот врв.

ae5b93f1058d619d3acaaf710bdfb773--cute-little-boys-holland-netherlands

Во истиот миг си спомна за него, за детенцето со големите чевли. Тој како најпознатиот чевлар во градот надалеку беше прочуен по својата вештина за изработка на прекрасни чевли. Во неговата работа постоеше тајна, која никому не ја кажуваше. Тој сакрамент го наследил од пра-пра-прадедо му и се состоеше од едно, единствено правило, а тоа беше секому да дарува љубов. Од својот предок имаше и едно Eвангелие кое секој пат стоеше во дуќанот. Неговите чевли беа волшебни. Кој еднаш од кај него ќе купеше веќе немаше потреба од други. Сиот град носеше негови чевли и сите го почитуваа. Работниот ден му се состоеше од следново: наутро ја отвараше работилницата и работеше сè до пладне, кога ја земаше светата книга и покрај огнот си читаше. Како старееше, сè повеќе читаше, а помалку работеше. А кога одмараше од читањето, ќе застанеше пред отворената врата на работилницата и со наведната глава ги гледаше своите сограѓани во чевлите и веднаш знаеше кој поминува покрај неговиот дуќан. Само едно нешто го мачеше. Остаре, брадата цела му побеле, а не сфати кое беше детето со големите чевли. За него секогаш ќе си спомнеше на Бадниковата вечер.

Таа зима беше многу ладна. А и снегот многу наврна. Дечињата броеја уште колку денови има до Коледе. Конечно дојде и тој светол ден. Осветлен и од Бога и од огновите со кои се прославуваше Сонцето на правдата и се исцелуваа сите болести и лоши работи. Наредното утро, сите дечиња се собраа и тргнаа по улицата пеејќи коледарски песни. Тој ден, само песната и смеата се слушаа. Тој, сиот возбуден, залудно чекаше да го повикаат. Никој не го забележуваше. Затоа тргна сам. Се најде пред работилницата во мигот кога чевларот со наведната глава ги одмеруваше минувачите. Кога ги виде големите чевли на малите ноџиња, се запраша кое е ова дете и зошто досега не му направил едни нови кондурчиња. Веднаш го повика во дуќанот. Реши да му направи нови чевли. Работеше како во најдобрите денови. Ги изработи за час. Беше задоволен од сработеното. Му ги подари досега најубаво изработените чевли. Детенцето пресреќно отрча кај другите деца.

Ја затвори вратата задоволно смеејќи се. Не чуствуваше умор. Тоа дете никојпат повеќе не го виде. Но, за едно нешто беше сигурен. Разбра дека тоа е цената на љубовта, да даруваш во мигот кога некому нешто му е најпотребно. Од тој празник повеќе не работеше. Само пред Божик знаеше да подари чевли на некое дете, изработени по урнекот од кој ги изработи чевличињата за детето со големите чевли.

 

Автор: Иво Митев