Разговараа во Ерусалим еден од местните жители и еден поклоник. Разговорот беше опуштен и пријателски. Арапот и поклоникот од Европа го допреа и прашањето за тоа по што се разликуваат луѓето од Истокот од оние на Запад. Арапот изнесе интересно набљудување: „Луѓето од Западот сакаат да се смеат, но не умеат да се радуваат“.
Ваквото размислување, покрај тоа што е интересно, се однесува на многу важно нешто. Ваквиот поглед ни открива нешто што дури ни ние самите не сме го забележале – смеата ни ја заменува радоста. А таквата замена не е еднаква. Помеѓу смеата и радоста нема знак еднакво. Смеата е само израз на радоста, но не претставува радост самата по себе. Често се случува, човек да се смее, без при тоа во неговата смеа да има радост. Шегата е добра за да измами насмевка на „успешниот човек“, но радоста ја нема – очите се тажни. Смеата не е единствениот начин да се изрази радоста. Покрај смеата, радоста може да ја има и во скромната насмевка, во светли, блескави очи, во весела песна, во охрабрувачки зборови, отпоздравувачки гест, дури и во солзите. Радоста ја има и во насолзените очи. Да, во нашево општество смеата ја има во изобилие, а радоста сѐ помалку. А, каква е таа смеа? Најраспространета е смеата, која се јавува само како грубо својство. Забавната индустрија ни нуди отровен сарказам, завидливо имитирање, непристојни лудории, неконтролирани обиди сѐ да се исмее, дури и она светото. Префинет хумор, одмерена самоиронија, остроумни и истовремено длабокомислени афоризми ретко се среќаваат. Но, сето тоа е шоу-бизнис, надворешната состојба на нашиот живот. А, што правиме ние самите? Тоа може да се види и на интернет мрежата. Безбројни интернет „шеги“ се засноваат на злорадост, односно на случаи, во кои е грешно човек да се смее. На пример, гледав видео, каде што едно момче, со својот скејтборд, се обидуваше да изведе спектакуларни акробации, но нешто му тргна наопаку. Лошо падна, ја скрши ногата, крикна од болка. „Пријателот“ наместо да викне брза помош, снимил „кул“ видео. Да претпоставиме дека јас сум го презел тоа видео и сум му се изнасмеал на момчето и неговото друштво. Јас несомнено ќе одговарам пред Бога за тоа што „безумно сум се смеел“, што сум се забавувал над туѓа несреќа. Од друга страна, да сум умерено суетен човек, добро би било доколку се однесувам кон себеси со повишена сериозност – би се исмеал самиот. Би се видел себеси одозгора, би ја видел сета своја надуена амбициозност, замислено величие и реалниот размер. Доколку го видам своето самовосхитување, својот размер со големина на инсект и од срце се насмеам на мене горделивиот, од таа самоиронија па до покајание би ме делел само еден чекор. Доколку на мојата осуетеност се насмее сопругата или некој другар, а јас не се навредам, дури и напротив, доколку ја поддржам таа шега, тогаш смирението и не ми е толку далеку. Понекогаш покајното самообличување се јавува при исмевање на себе си. Иако честа појава е и покајното самообличување при плачењето за себе си. Навистина, плачот над своите гревови особено дава радост. Односно, тој води до радост, преминува од тага по Бога во радост по Бога. Сличен чудесен премин од тага во радост му се случува не само засебниот човек, туку и на целата Црква секоја година. Кога? За време на Великиот Пост се нурнуваме во светла покајничка тага, тагата на Страсната седмица, а на Пасха ни доаѓа радост за Христа, Победникот на гревот и смртта. Нашиот главен празник, Пасха, е вистинско серадосно торжество. За тоа Христос им претскажал на апостолите: „вие ќе плачете и ќе ридате, а светот ќе се радува: и вие ќе бидете жалосни но вашата жалост ќе стане радост“(Јован 16:20). Луѓето забележуваат дека Христос во Евангелието ниту еднаш не се насмеал – напротив, Он просолзи од љубов кон умрениот Лазар. Дури некои од ова заклучиле: ако го подражаваме Господа, наместо да се смееме, ќе треба да плачеме. И тие се нурнати во безусловна жалост, дури и на Пасха се облекуваат во црнина. Да, во Новиот Завет Христос ниту еднаш не се насмеал, но не еднаш се радувал. Еве на пример, стиховите од Евангелието: „Во истиот час се зарадува во Светиот Дух и рече: ’Ти благодарам Татко! Господи на небото и на земјата, зашто си го сокрил ова од мудрите и умните, а им го откри на младенците. Да, Татко, таква беше Твојата волја’“(Лк. 10:21). И на своите ученици Христос им дава радост дури во време на гонењето на верните: „Блажени сте вие, кои сега плачете, оти ќе се насмеете! Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето… заради Синот Човечки… Зарадувајте се во оној ден и развеселете се, оти голема е наградата ваша на небесата… Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете.“(Лк. 6:21, 22-23, 25). Значи, Христос не ја осудува самата смеа како таква. Ако погледнеме во делата на светите наставници на христијанската вера, ќе наидеме таму на потврда: „Доколку ги осудуваме сите за надворешната смеа, не би останал никој, на кому би се дало блаженството за солзите. Значи ’смеењето’ кое го осудува Евангелието се во суштина луѓе кои се посветени на задоволување на сетилата… Слично, не сите солзи го сочинуваат Евангелскиот плач; плачат дури и ѕверовите“ – забележува московскиот светител Филарет. Евангелието ја осудува онаа смеа, која се јавува како израз на страсната приврзаност кон задоволството. Каков празник и ликување претставува средбата со Христа за одухотворените луѓе. Проповедникот на покајание, големиот подвижник Јован Претеча зборува за неговата преполна радост (Јован 3:29). Црквата отворено повикува кон Богородица – Радоста наша, да проси да нѐ штити од секакво зло со чесниот омофор. На својот народ Христос му дава сепродорна радост, која никаква тага не може да ја одземе. Апостолот пишува во Коринт за радостите и јадостите: „се исполнив со утеха, преизобилувам со радост покрај сите наши маки“ (2 Кор. 7:4). Но, да се вратиме на смеата. Апостолот Павле и во овој поглед ни соопштува водечка мисла: „ниту пак срамни и празни зборови или смешки, што се неприлични, (грчки: евтрапелиа) туку само благодарности (евхаристија)“ (Еф. 5:4). Да обрнеме внимание, тука се противставуваат евтрапелиа (срамни и празни зборови или смешки, што се неприлични) и евхаристија (радосно благодарење), а не смеата и доживотната тага. Секако, се поставува прашањето: како да се радуваме кога во душата имаме безрадосно настроение? Опкружен со лоши вести, човек има причина да крене раце од многу работи, и сака малку да се порадува, но ете тоа некако не му оди баш најдобро. Што да ви кажам? Не знам, но апостолот вели: недоличните шеги не ни одговараат, нам ни доликува благодарење. Благодарењето може да го исполни нашето срце со вистинска радост, па радоста не се засилува од шегобијните глупости на професионалните шегаџии? Христијанинот дури може и кон благодарењето да се однесува како кон духовна вежба. Знаеме дека е потребно да се вежбаме во покајание – тоа е вежба за тагување по Бога. Доколку правилно ја извршуваме таа вежба, ќе почнеме јасно да ги гледаме нашите гревови, ќе ги исповедаме на Бога при исповедта, а Бог ќе ни ги простува. После исповедта можно е да започне благодарењето. Господ ни ги простил гревовите, а ние ќе Му благодариме за милоста, великодушноста, за љубовта кон нас. Благодарењето и радоста ни малку не му противречат на покајаниот дух. Како да се принудиме на радост? Духовниот опит на луѓето зборува за заповедта да се љуби Бога и ближниот; ако не ја чувствуваш во себе таа заповед од Христовата љубов, твори дела од љубов. И ова аскетско самоприннудување на дела од љубов постепено ќе ја пробуди љубовта. Љубовта е слична на огнот, ако во огнот не се дотураат дрва, тој ќе знасне. Ако љубиме, а не твориме дела од љубов, љубовта постепено ќе знасне. Што се тоа дела на љубовта – се разбира: активна помош на саканиот човек, грижлив однос и нежен збор, сочувство во тага и радост… Можно е да се поттикнеме кон дела на радоста, и радоста ќе дојде. Не доликува да се преправаме. Со преправањето ние не сме на правиот пат. До радоста можеме да се пробиеме само преку дела на радоста. А во што се состојат делата на радоста? После исповед, да се заблагодариме на Бога за можноста да принесеме покајание. Бидејќи покајанието не е тешка и тажна должност, туку среќна можност да се разделиме со гревовите, дури и со тешки гревови. Искреното покајание ни ја открива Божјата сепростувачка милост и толку посакуваната човекова радост. Ние секојдневно Му благодариме на Бога за јадењето и пиењето, за вечерниот одмор, за почетокот на новиот ден, за уште еден, нам подарен, ден. Благодариме за оздравувањето на болниот, за секое добро, кое е присутно во нашиот живот. Благодарејќи Му на Бога и на луѓето, ние се учиме на радост. А еве има и вежба – да се најде ситуација, кадешто би можеле да израдуваме друг човек. Ако тоа успее, израдуваниот човек сјае, така што зраците на неговата радост ги греат срцата на оние кои го опкружуваат. А оној кој го израдувал другиот, треба да Му благодари на Бога за доброто дело, затоа што секој добар дар е од Создателот. Ако подобро забележиме што има во нашиот живот, без да заборавиме на Му благодариме на Бога, тоа повеќе радост и светлина ќе има во нашиот живот. Да се возрадуваме во Господа, Христос Воскресна! Ѓакон Павел Сержантов
Извор: http://agapi.mk/radost-smeenje/