На 19.12.2017 г., кога го празнуваме споменот на Светиот Николај Мирликијски, Чудотворец, Митрополитот преспанско-пелагониски г.Петар отслужи Божествена Литургија во храмот Св. Благовештение, во Прилеп. Празнувањето потоа продолжи пред параклисот на свети Никола во центарот на градот, каде се изврши мал водосвет и прережување на славскиот колач. Пред присутните се обратија годинешните домаќини, сопствениците на хотелот „Салида“ коишто кумството за наредната година му го предадоа на градоначалникот, Илија Јованоски, чиешто семејство ќе биде иден домаќин на градската слава.
„Денеска е голем ден за Прилеп, денеска е голем ден за граѓаните на Прилеп, денеска е ден на чудотворецот свети Никола, кој што е заштитник на децата, на морепловците и заштитник на граѓаните на Прилеп. Денеска најголемиот дел од граѓаните за своја семејна слава го имаат празникот ‘Свети Никола’. Оваа традиција како Општина Прилеп ќе ја продолжиме да ја славиме и да ја поддржуваме. Сакам во овој момент да им честитам на годинешните домаќини, да им се заблагодарам за нивната успешна организација и воедно да кажам дека оваа година јас како Илија Јованоски и моето семејство се пријавивме да бидеме домаќини на славата за наредната година. Уште еднаш на сите граѓани на Прилеп им го честитам овој голем ден ‘Свети Никола’, им ја честитам славата, а на оние кои што се викаат Никола или Николина им го честитам и именденот“, рече градоначалникот Јованоски.
Годинешните домаќини на сите граѓани им го честитаа денешниот христијански празник и им посакаа здравје, среќа и бериќет.
„Годинава домаќинството ни донесе среќа и бериќет. Голема чест и задоволство ни е мене и на моето семејство што сме домаќини за градската слава. Сакам да им ја честитам славата на сите граѓани кои ја слават и воедно му го честитам кумството на градоначалникот Илија Јованоски“, рече Ице Ѓорѓиоски, домаќин на славата.
Митрополитот преспанско-пелагониски, владиката Петар истакна дека Прилеп во Македонија е град којшто најторжествено го прославува празникот на својот заштитник, свети Никола.
„Ова огромно присуство на верниците е потврда за тоа што го зборувам. Исто така порачувам дека треба не само да го споменуваме свети Никола и да му благодариме кога ни е сè добро, туку и кога ќе имаме и маки и потешкотии да му се обраќаме за да нè заштити од сите тие нешта. Треба вистински да го славиме свети Никола, не со прејадување, опивање, недолично однесување, туку со разговори за неговиот живот и да направиме едно резиме, колку свети Никола го поддржуваме во неговиот живот со нашиот живот. Ја користам и оваа прилика да им го честитам домаќинството на сегашниот домаќин и идниот домаќин градоначалниот на Прилеп, односно неговото семесјтво“, изјави владиката Петар.
Домаќините за сите присутни организираа и празнична посна трпеза која беше послужена во центарот на градот, каде присутните имаа можност да ги вкусат уникатните мали прилепски посни сарми, гравот, рибата и другите посни специјалитети.
Извор: http://www.prilep.gov.mk