На Крстот се раѓа вистинската слобода

„Најнапред, мојата мисла и мојата душа Му ги посветувам на Бог. (…) Одам кај Него. Ве молам да Го следите, да Го славите и да Му служите. Навистина сум благословен што ќе умрам за Христос. (…) Јас заминувам, но сите вие ќе мора да носите тежок крст и света мисија. Онолку колку што ќе ми е дозволено, ќе се молам за вас од местото каде што ќе сум и ќе бидам до вас. Ќе имате многу маки. Бидете силни во верата, зашто Христос ќе ги уништи сите Негови непријатели. Бидете храбри и молете се! Зачувајте ја Вистината неизменета, но избегнувајте слепа приврзаност. (…) Љубете го и служете му на човештвото. На луѓето им треба помош, бидејќи има непријатели, грабливци што сакаат да ги измамат. Атеизмот ќе биде победен, но внимавајте што ќе го замени! (…) Љубете! Љубете! Љубете!“‌

* * *

Во 1954 година, Воскресението Христово го празнувавме под земја. Направивме камбани од бургиите, а ножевите за сечење камен ги врзавме со јаже, ги удиравме со една железна шипка и така го објавивме почнувањето на службата. Чуварите се исплашија и се сокрија, но не се осмелија да им јават на секуристите. А и потоа ништо не рекоа.

Сите ламби ги изгаснавме. Потоа, отец Антол ја запали неговата ламба и рече: „Дојдете да земете светлина!“, и сите ги запаливме ламбите. Службата продолжи и почнавме да пееме „Христос воскресна“. Служевме Света Литургија осумстотини метри под земја, со ламбите со карбид в раце – ни стравот, ни темнината, ни длабочината на земјата не можеа да ги спречат нашите гласови од длабочината на душата да Му воздадат слава на Бог. Неколку мигови живеевме заборавајќи дека сме затвореници.

Насред службата кон нас се приближи шефот на доушниците, Петреску; и тој беше затвореник како нас. Колегите нѐ прашаа:

– Што да правиме?

– Ништо, продолжуваме! – им одговорив.

Кога Петреску го виде нашиот спокој, ништо не се осмели да каже, и тој се нареди меѓу другите затвореници и присуствуваше на Светата Литургија докрај.

Таква сила и благодат имаа овие Свети Литургии, на кои преку смелоста да ги служиме ние самите Му се принесувавме на Бог како жртва – така што многумина од лошите ѕверови станаа кротки јагниња и беше чудо да се види како, иако не секогаш тоа го покажуваа јавно, во нивните срца настануваше промена. Духовниот меч на благодатта ги пробиваше нивните срца и ги омекнуваше овие луѓе за кои никој не би помислил дека ќе има спасение.

о. Николај Гребења

***

 Најважниот опит што може да се стекне во животот е да се познаеш самиот себе во својата апсолутна зависност од Бог. И таму, во затворот откривавме дека не сме сами во своите маки, дека постои Бог, Кој нѐ следи и ни помага во борбата, само ако се има добра волја и надеж. Спознавајќи се самите себе, ја откривавме повисоката смисла на животот, неговата висока предназначеност, многу повисока од ништожноста на секојдневниот живот, ја откривавме силата над самите себе така како што никогаш не ќе се спознаевме во околностите на обичниот живот.

Во затворот Бог беше поблиску до нас повеќе отколку во кои било други околности. Во затворот се родија најсилните луѓе. Комунистите не го разбираа ова – дека на крстот душата добива вистинска слобода, дека сите нивни начини за психичко и физичко измачување и малтретирање, сите начини за „превоспитување“ направија повеќесветители отколку робови, и ја осветија земјата на татковината со маченичка крв.

о. Јустин Парву

1398003840_voskresenie-hristovo1-2

(извадоци од книгата  „Вистинската слобода: романски новомаченици и исповедници“)