Јас сум голем грешник, но ја видов големата љубов и милост Господова врз себе.
Уште од мал научив да се молам за оние што ќе ме навредеа. Велев: “Господи, не им го земај тоа за грев заради мене”. Но, иако сакав да се молам, не можев да го избегнам гревот.
Но, Господ не си спомна за моите гревови, туку ми даде да ги сакам луѓето, и душата моја сака да се спаси целата вселена, и да биде во Царството небесно, гледајќи ја славата Господова и насладувајќи се со Неговата љубов.
Судам според себеси: кога Господ мене така ме возљуби, тоа значи дека сите грешници ги љуби исто така како и мене.
О љубов Господова; не е возможно да се опише, оти е безмерно голема и чудесна.
Божјата благодат дава сила да Го љубиме Љубениот. Душата непрестано ита кон молитвата и ниту за миг не може да Го заборави Господа.
Господи Човекољупче, како е можно дека не заборави на Својот грешен слуга, туку милостиво погледна на мене од висината на Својата слава и на несфатлив начин ми се јави?
Јас секогаш Те жалостев и Те натажував, а Ти, Господи, за моето мало покајание, ми даде да ја познаам Твојата голема љубов и неизмерна благост.
Твојот тивок и кроток поглед ја привлече душата моја.
Со што да Ти возвратам Господи? Каква пофалба да Ти воспеам?
Ти ја даваш благодатта Своја, за душата непрестано да гори од љубов, и таа ни ден ни ноќ не знае за покој од љубовта Твоја.
Сеќавањето на Тебе ја грее мојата душа и таа во ништо не наоѓа мир на земјата освен во Тебе. Заради тоа Те барам со солзи и повторно Те губам, и повторно умот мој сака да се насладува со Тебе. Но, Ти не го покажуваш Лицето Свое, иако по Него копнее душата моја и дење и ноќе.
Старец Силуан Атонски
(извадок од истоимената книга)