ЗАБОРАВЕНИ

Погледот кажува сè
Изгледот отсекогаш само мамеше
Не се оддалечуваше од мене
Со благодатта ме галеше.

Гледав и се прашував
Зарем е можно да е судба
На оние кои лазеа- ги гледав
Како да живееа во дупка.

Не знам дали глас испуштаа
Потиснати од камења тешки
На кого не знам се надеваа
Мислам во прав вртејќи се мешечки.

Зошто тешки текови
Ми покажуваше
Тогаш не знаев за лекови
А Ти само ме водеше.

Барав ли многу од радоста
Да видам љубов во младоста,
Да вкусам живот во воздухот –
А само ми се матеше  -умот.

Подоцна дознав од твојот намесник
Зашто пат поминував на ученик
Сето тоа беше благовесник
На Твоите љубови
Дека не ги заборави.

Не ги остави сами
Во ноќите ладни
Во сржта на студот
Го прочистуваш умот.

Оние кои светот ги излажа
Иако убавини им покажа
Не ги отстрани од Твојата дијадема
Не останува љубовта нема.

Колено по колено
Мало по големо
Бисери на низата
Очи станаа на грижата.

Самоници ги викаа
Оставени ги исмеваа
Напуштени ги нарекуваа
Заборавени – ги туркаа.

А  Ти пак Родител нивни
За Кого времето е машта
Мигови им крадеш тивки
Ја подигнуваш природата наша.

Зеници Свои извади од очите
Нас нè постави во мугрите
Така протекуваа деновите
А ние кого гледаш, сè уште се прашуваме.

Прости за нашето расудување
Ние кои не можеме
Под една мишка две дињи да носиме
А за Твоите деца размислуваме.

Величествен си ти дворецу –
Место за почивка на уморните,
А Велик – Ти Творецу
Кој нè успокојуваш во неволјите.

Сè за нас промисли и намени
А ние од слабости измамени
Помислуваме дека сме заборавени.

IMG_0792

(Од збирката богољубива поезија „Манастирски води“, на сестринството
при Слепченскиот Претеченски манастир)