Во Рим, во една од библиотеките, пронајден е еден неспорно автентичен ракопис, од голема историска вредност.
Тоа е писмото, кое Публиј Лентул, управникот на Јудејците пред Понтиј Пилат, му го напишал на владетелот на Рим, Цезарот. Во него му раскажува за Исус Христос. Писмото е на латински јазик и е напишано во годините, кога Исус за првпат почнал да проповеда во народот.
Содржината на писмото:
Од управникот на Јудејците, Публиј Лентул, до римскиот Цезар. Слушнав, о Цезаре, дека сакаш да знаеш за добродетелниот Маж, наречен Исус Христос, на кого народот гледа како на Пророк, како на Бог, за кого Неговите ученици велат дека е Син Божји, Син на Создателот на Небото и Земјата. Вистина, Цезаре, секојдневно слушам за тој Маж чудесни работи. Накратко: Тој им заповеда на мртвите да стануваат и ги лекува болните. Има висок раст, на поглед – добар е и благороден, што се одразува и во Неговото лице, така што, само што ќе Го видиш, неволно чувствуваш дека треба да Го сакаш и почитуваш. Неговата коса до ушите има боја на зрели ореви, а оттаму до плеќите свети светло-кафеава боја; на средината патец, по обичајот на назарејците. Чeлото мазно, лицето без брчки и светло. Неговата брада со бојата на косата, развеана и не толку долга, разделена на средината. Погледот строг и има сила на сончев зрак; никој нема сила упорно да гледа во него.
Кога прекорува, Тој раѓа страв, но само што ќе прекори, Самиот Тој плаче. Иако е многу строг, Тој е и многу добар.
Велат дека никогаш не Го виделе да се смее, туку само неколку пати како плаче. Неговите раце се убави, одухотворени и впечатливи. Сиот негов говор го сметаат пријатен и привлечен. Ретко го гледаат меѓу луѓе, но кога се појавува, настапува смирено. Неговиот став, однос е многу благороден, убав.
Притоа, Неговата Мајка е најубавата жена која некогаш била видена во оваа област. Ако сакаш ти, Цезаре да го видиш, како што ми напиша еднаш за тоа, извести ме, и веднаш ќе Го испратам кај тебе.
Иако никогаш не се образовал, Тој ја има полнотата на знаењето; Оди бос со непокриена глава. Многумина му се потсмеваат кога Го гледаат оддалеку. Но штом се најдат во Негова близина, тие треперат и истовремено Му се восхитуваат. Велат дека во оваа област, никогаш претходно не виделе таков Човек. Евреите уверуваат дека никогаш не било чуено такво учење, какво што се јавува Неговото учење. Многу од нив велат дека Тој – е Бог, а други велат дека ти е непријател, о Цезаре!
Но, тие зломисленици – евреите, безусловно ме загрижуваат. Тие велат, исто така, дека Тој никогаш не кревал бунтови и нереди, туку секогаш се трудел да ги успокои. Во секој случај, јас сум спремен, о Цезаре, да ја исполнам секоја твоја наредба, која ќе ми ја дадеш за Него.
Ерусалим, 7 индикт, 11 месец,
Публиј Лентул, управник на Јудејците