Гледајќи го светот денес, со недоумение се прашуваш: дали сè уште има Божји луѓе? Ќе ти раскажам за еден од многуте, кои имав среќа да ги сретнам – старец Михаил од Богородичниот скит на Света Гора. Отидовме таму со група наши поклоници, на враќање од Светата земја. Пристигнавме во скитот за време на вечерната. Старец Михаил нè сретна со неговата простодушна, старечка срдечност, која веднаш ја пленува душата.
Нè воведе прво во старата црква (во скитот има три цркви). Не доведе пред познатата икона на Мајката Божја, позната под името „Сладкое целование“ („Сладок целив“). Иконата е чудотворна по сила и прекрасна по својата уметничка убавина. На ниту една друга икона, Мајката Божја не изгледа толку бледа, како на таа стара икона.
А името „Сладкое целование“ ѝ е дадено, зашто на неа Богородица Му ја бакнува раката на Богомладенецот. Поминавме еден по друг и ја целивавме иконата.
– Таа тебе да те бакне! Таа тебе да те бакне! – повторуваше полугласно старецот, а по неговото суво испосничко лице се нижеа солза по солза.
После тоа, ни го раскажа следното:
– „Имам тука 15 браќа, сите стари и немоќни. Грците повеќе не дозволуваат словени да доаѓаат на Света Гора. Јас треба да се грижам за тие петнаесет браќа, како некој довереник на Мајката Божја, поставен на ова место и во ова време.
Се молам на Господа за две нешта: да имаме многу љубов и малку леб“.
Отец Михаил бил родум од Серез. Од детството копнеел по монаштво. Еднаш, во храмот му се јавил св. Никола и му рекол дека навистина ќе стане монах. Исполнет со радост, тој ја оставил мајка си и сите роднини и заминал на Света Гора. И таму го поминал целиот негов живот.
Доаѓал и кај нас, во Охрид, да собира прилози за издржување на своите петнаесет браќа.
– Јас сум старец на моите старци и отец на отците. Должен сум да ги поучувам и хранам, иако и самиот сум неук и немоќен. Сакам само да можам да ги утврдувам во љубовта и да ги хранам со леб. Толку од мене, со помошта на Света Богородица.
А Таа, нашиот „Сладок целив“, нема да нè остави.
Служеше и кај нас Литургија.
– Отче Михаиле, кажи му нешто на народот за поука.
Тој, застана пред царските двери и рече:
– Три нешта ќе ви кажам: прво, нашето спасение е потенко од влакно; второ, каде што е нашиот ум, таму е и нашиот дом; и трето, во овој свет сме дојдени како на пазар – да купиме нешто добро, и да го однесеме дома.
Амин.
Народот остана задоволен од таа кратка проповед и се изреди да земе благослов од светиот старец.
Тој воопшто не мислеше на себеси, а само за браќата од манастирот. И трудејќи се да им даде многу света љубов и малку црн леб, целиот се истошти телесно, и во длабока старост премина кај Господа. Сега, душата му се радува во Царството Небесно – онаму, каде што царува Слаткото Целование
Св. Николај Велимировиќ