Свештениот Кинот на Света Гора Атонска од името на сите 20 светогорски манастири, на 5 октомври 2017 г. официјално се обрати до пратениците на парламентот и членовите на владата на Грција со призив да не допушат прифаќање на предлог-законот за „родовиот идентитет“ и слободната промена на полот, кој е изнесен за разгледување од грчкиот парламент, – соопштува порталот «Русский Афон».
Како што се знае, левицата од грчката влада на Алексис Ципрас до парламентот го предложи предлог-законот со кој официјално во земјата би се озаконила слободната промена на полот. Меѓу другото, во него се вели дека „родовата идентичност се определува како надворешен начин на разбирање на сопствениот пол (на човекот), независно од полот регистриран при раѓањето врз основа на неговите биолошки карактеристики, вклучувајќи го исто така и личниот поглед на телото, а и социјалното и надворешното изразување на полот, кое соодветствува со волјата на човекот“. Пратениците од владеачката коалиција, а исто така и претставниците од редот на опозициските партии, со мнозинство го поддржаа овој предлог-закон, усвојувајќи го уште на првото читање.
Била утврдена и исправка со која им се дозволува на тинејџерите од 15 години да направат операција за промена на полот. Доколку овој предлог-закон конечно се прифати од парламентот, според него, секој граѓанин на Грција, по наполнување на 15 години ќе може да го промени својот пол, за што доволно ќе биде да поднесе писмено барање.
Во Свештениот Кинот на Света Гора изјавија дека овој предлог-закон е богоборство и предизвик на Самиот Творец и Неговите божествени закони. Цитирајќи ги зборовите од Библијата „И го создаде Бог човекот по образот Свој, по образ Божји го создаде; маж и жена ги создаде“ (Бит. 1, 27), членовите на Кинотот, во обраќањето до министерот за правда Ставрос Контонис, министерот за образование Константинос Гавроглу и до сите пратеници на парламентот на Грција, повикаа да не се допушти ваква хула, „во нашата православна татковина, законодавно и неприкриено да се фрли предизвик на Божествениот закон“.
„Ги молиме сите депутати и членовите на владата да направат сè, ваквиот закон да не биде прифатен“, – се вели во обраќањето на Свештениот Кинот.
Освен тоа, светогорците упатија критика и до утврдените нови училишни учебници од министерството за образование, во кои христијанството се предава еднакво со останатите религии и учења. Според светогорците, преку овие учебници од свеста на грчките деца се брише националниот идентитет и им се наметнува „агностицизам и безбожност“. Во Кинотот обрнуваат внимание, дека за разлика од децата од грчки православни семејства, на децата од религиозните малцинства (муслимани и други), зачувано им е правото да добијат конфесионално ориентирано образование.
Предупредувајќи ги членовите на владата и пратениците за катастрофалните последици, кон кои што можат да доведат новите закони, Свештениот Кинот го завршува своето обраќање со зборовите на преподобниот Пајсиј Светогорец: „Ако ние не се спротивставиме, ќе станат од гробовите предците наши“.
Неколку недели претходно, во знак на несогласување со политиката на сегашната грчка влада, на собранието во административниот центар на Света Гора, претставници од повеќето светогорски манастири се изјасниле против најавената посета на премиерот А. Ципрас на Света Гора, што беше планирана на 28 септември, 2017 г. На пристаништето на манастирот Дохијар дури биле кренати и црни знамиња со натпис: „Надвор антихристите од Света Гора“. Како резултат на тоа, грчката влада тогаш објави, дека посетата на Света Гора е одложена поради набиена работна агенда на премиерот.
Покрај светогорците, против антиправославната политика на владата на А. Ципрас, се изјаснија и јерарсите на Еладската Православна Црква. На ваква реска критика, дејноста на владата и иницираниот од нив предлог-закон ги подложи Архиепископот Атински и на цела Елада, Јероним II (Лиапис). А митрополитот Етолиски и Акарнаниски Козма (Папахристос) во отворено обраќање до пратеницитеод грчкиот парламент по повод предлог-законот за „родовиот идентитет“ изјави: „Вие наметнувате закон, кој го одрекува Создателот, Триединиот Бог и хули на Него. Новиот закон е противприроден. Тој посега по психосоматскиот идентитет на човекот, го поддржува развратот и за своја задача има да го попречи човекот на неговиот пат кон осветување и обожување“.
И. Захаридис од Грција, специјално за порталот «Русский Афон»
Користени се материјали од сајтовите: amen.gr, romfea.gr, vimaorthodoxias.gr, agionoros.ru, rua.gr
Извор:http://afonit.info/novosti/novosti-afona/afon-protestuet-protiv-zakonoproekta-o-smene-pola