Во соборот на ,,живите“ Битолски цркви, во кои катадневно, се објавува Благословеното Царство Божјо, и се принесува Светата ,, исцелителна,, Евхаристија, би се навратиле на една, необична, и по изглед и по својата историја – црквата посветена на Пресветата Троица, позната како Руска Црква.
Изградена е во бурните времиња, во времето после страшната октомвриска револуција, да биде Ноев кораб на раселените руси, дојдени во Македонија. Оваа мала црква, требало да биде мала икона на светата Рус, далеку од татковината. Впечатливо, црквата првобитно и е изградена од дрвени штици, со изглед на типична малечка руска црквичка. Оваа црква била и дом, и библиотека и црква, на руските емигранти, но и на сите православни христијани од Битола. Црквата станува дел од живото ткиво на Христовата Црква која пребива во Битола, и така е до денес.
Особено радосна е мислата дека во оваа Црква богослужел и големиот угодник Божји, тогаш како јеромонах Јован, а денес св. Јован Шангајски или Битолски..
Денес, ,,Руската Црква“ го чува споменот на него, чувајќи ги и покажувајќи ги на верните предметите со кои св. Јован богослужел, неговите свештенички облеки и др.
Во последните години торжествено се слави неговиот свет спомен, и може да се рече дека празникот на св. Јован Шангајски и Битолски е втора слава на црквата. Мината година се организираше празнично богослужение, со свечена акдемија, и изложба на фотографии од животот на св. Јован. Така и годинава, со радосно евхаристиско собрание се прослави и годинашниот празник.
Досега направено е многу да се зачува и укрепи ова црква за идните генерации. На пример, наместо ѕидовите од трошното дрво, стојат ѕидови од тули. Сменета е покривната конструкција, оплеменет дворот, и создадени се услови за непрекинат Литургиски живот. Оваа пролет, со љубовта и благословот на Митрополитот Петар, со грижата на протоереј ставрофор о. Никола Грамбозов, трудот на старешината на храмот и целата верна ,,жива парохија,, се преземени обемни градежни работи. Поставена е топлотна изолација на црквата, сменети се таваните, електричната инсталација, поставен е клима уред. Всушност, црквата е обложена со дрво, со што се врати ликот на првобитна ,,руска“ дрвена црквичка.
Со ова се создадоа услови и за изградба на параклис посветен на св. Јован, кој треба да се опреми во периодот кој следи…
Овде, Црковниот одбор при црквата Св. Троица ја искажува огромна благодарност за сите кои со ,,лепта“ или труд, но и молитва го помогнаа ова.
Во периодот што следи, треба да се опреми параклисот, да се сменат црковните врати…секоја помош е добредојдена!
Подготви: протоѓакон Драган Ѓоргиевски