За иконопочитувањето – Спор со Јеховини сведоци (III)

Православен: Со која тема вие би сакале да го започнеме денешниов разговор?

Јеховин сведок: Би можеле да го започнеме со темата за иконите.

Православен: Вие ја избравте темата, вие и започнете ја.

Јеховин сведок: Добро. Ние сметаме, дека употребата на слики (икони) и статуи и нивно почитување (поклонување) – означува обесчестување на Бога. Ќе започнеме со тоа, дека е невозможно да се изобрази (наслика) Бог: Бога никој никогаш не Го видел. Ако се сакаме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас (1. Јов. 4, 12); И така, со кого ќе Го споредите Бога, и каква подобност ќе Му најдете? (Иса. 40, 18); Со кого ќе Ме изедначите, и ќе Ме споредите? Кого ќе го земете за пример да прилега на Мене? (Иса. 46, 5). Во грчките писма е запишано: И така, бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица (Дела 17, 29). Христијаните се предупредени за сликите: Затоа, возљубени мои, одбегнувајте го служењето на идолите (1. Кор. 10, 14); Чеда, пазете се од идолите. Амин! (1. Јов. 5, 21). На Бога треба да му се поклонуваме со дух и вистина: Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина (Јован 4, 24). На евреите им било забрането да се поклонуваат на слики и истите да ги изработуваат: Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнуваа децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат (2. Мој. 20, 4-5).

Православен: Што мислите, во Библијата постојат противречнсти?

Јеховин сведок: Не! Библијата е вистинското Слово на Јехова!

Православен: Добро. Јас се согласувам со вас, дека во Светото Писмо навистина нема противречности. Ајде со вас да го споредиме текстот од (2. Мој. 20, 4-5) со текстот од (3. Цар. 6, 29). Во текот на читањето на овој текст јас сакам да ви поставам две прашања. Читаме: И по сите ѕидови на храмот наоколу, издлаби ликови на херувими, палми и расцутени цветови, однатре и однадвор (3. Цар. 6, 29). Каде живеат херувимите?

Јеховин сведок: На небото.

Православен: Понатаму: … палми и расцутени цветови, однатре и однадвор. А палмите и расцутените цветови каде растат?

Јеховин сведок: На земјата.

Православен: Како што гледаме, во Ерусалимскиот Храм, кој бил изграден според волјата Божја, имало изобразби (слики), и од тоа што е горе на небото, и од тоа што е долу на земјата. И тука нема никакво несогласување, бидејќи многу голема е разликата меѓу идолот и свештените изобразби (слики) создадени според Божјата волја. Всушност, заповедта за идолите треба да се чита не од 4 стих, туку до 3: Немој да имаш други богови освен Мене! (2. Мој. 20, 3). Тука веднаш станува јасно, какви слики Бог забранувал да се создаваат. Инаку кај вас излегува дека еден библиски стих му противречи на другиот.

И така, ние знаеме, дека Господ Бог го признавал Ерусалимскиот Храм. Кога он се осветувал, свештениците не можеа да влезат во домот Господов, зашто славата Господова го исполни домот Господов. И сите синови Израилеви, кога видоа, како слезе оган и слава Господова врз домот, паднаа ничкум на земја, на плочникот, се поклонија и Го фалеа Господа, зашто е благ, зашто милоста негова е вечна (2. Лет. 7, 2-3). Господ Исус Христос говорел за Ерусалимскиот Храм: А Он рече: Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Отец?  (Лука 2, 49). Псалмопевецот Давид го почитувал светиот Храм и говорел: А јас, пак, според Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот дом и ќе се поклонам на Твојот свет храм со страв пред Тебе (Псал. 5, 7).

Јеховин сведок: Во некои англиски преводи зборовите ќе се поклонам на Твојот свет храм се преведуваат – „ќе се поклонам во храмот твој“.

Православен: Ајде да го погледнеме буквалниот превод на рабинот Давид Јосифон: „А јас, според Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот дом и ќе се поклонам на Твојот свет храм со страв (пред) Тебе“ (Тегилим (Псалтир), 5, 7). Како што гледате, буквалниот превод е повеќе во согласност со Синодалниот.

Но сепак, да се вратиме кон нашиот разговор за Ерусалимскиот Храм. Како што гледаме од Светото Писмо, свештените изобразби биле не само по сите ѕидови наоколу на храмот (3. Цар. 6, 29), но и во средината на Храмот во вид на огромни статуи: Тој ги постави херувимите среде внатрешниот дел на храмот. А крилјата на херувимите беа раширени, и крилото на едниот се допираше до едниот ѕид, а крилото на другиот херувим допираше до другиот ѕид; другите нивни крилја пак се среќаваа крило со крило среде храмот. Тој ги обложи херувимите со злато. (3. Цар. 6, 27-28). Изобразби имало и на ковчегот на заветот: … И направи два херувима од злато, леани направи ги и постави на двата краја од поклопецот (2. Мој. 25, 18). Исто така за тие изобразби е речено: …и тука, над поклопецот, меѓу двата херувима, кои ќе бидат над ковчегот на сведоштвото, ќе ти се јавувам тебе и отаде ќе ти зборувам тебе и за си ќе им заповедам преку тебе на синовите Израилеви (2. Moj. 25, 22). Познато е дека мајсторот, кој ги правел овие изобразби според волјата Господова, го имал во себеси Духот Божји за извршување на оваа работа: Ете, го определив по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино; и го исполнив преку Духот Божји, Кој му даде умешност, како и знаење да разбира од секакви работи (2. Moj. 31, 2-3).

Исто така, јас редовно ги следам вашите списанија „Стражарска кула“ и „ Разбудете се“ и таму наоѓам многу изобразби (слики) од Христос, неговите апостоли и т.н. Слични изобразби може да се најдат и во литературата на протестантите од различни правци.

Јеховин сведок: Но на тие изобразби никој не се поклонувал и не се поклонува.

Православен: Разговарајќи за иконопочитувањето, неопходно е ова прашање да го разделиме на два дела:

  1. Дали е можно да има изобразби (слики)?
  2. Дали е можно да се почитуваат?

На првото прашање јас ве прашувам вас: дали имало изобразби на тоа, што е горе на небото, и што е долу на земјата, создадени според волјата Божја?

Јеховин сведок: Да, имало…

Православен: Имате ли вие изобразби во вашите изданија?

Јеховин сведок: Да.

Православен: Добро. Сега можеме да преминеме на второто прашање: Мојсеј го пасеше стадото на Јатора, тестот свој, свештеникот Мадијамски. Терајќи го стадото така преку пустиња, дојде до планината Божја Хорив, и му се јави Ангел Господов во огнен пламен во капина. И виде тој, а тоа капината гори со оган, а не изгорува. И Мојсеј рече: “Да појдам да го видам ова чудо, зашто капината не изгорува. А кога виде Господ дека тој доаѓа да види, извика Господ од капината и рече: “Мојсеј, Мојсеј!” А тој одговори: “Еве ме, Господи! И Он рече: “Не приоѓај ваму. Собуј ги обувките твои од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја“ (2. Moj. 3, 1-5). Одговорете ми на прашањето: зошто земјата станала света, така што Мојсеј требало да ги соблече обувките од своите нозе? Се изменил нејзиниот хемиски состав?

Јеховин сведок: Земјата станала света, затоа што таму присуствувал Господ.

Православен: Бог е секадеприсутен! Речено е: каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам? Ако излезам на небото – Ти си таму; ќе слезам ли во пеколот, Ти си и тука. Ако ги земам крилјата рано в зори и се преселам на крајот од морето, – и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи (Псал. 138, 7-10).

Јеховин сведок: Да! Бог е секадеприсутен, но Он не секогаш така јавно го пројавувал Своето присуство, како на тоа место.

Православен: Правилно, таа материја, преку која Господ го пројавува своето присуство, станува света или осветена. Во однос кон неа потребно е да се пројави почит: не приоѓај ваму. Собуј ги обувките твои од нозете, – причина (!): зашто ова место, на кое стоиш, е света земја. Тука е потребно да се забележи, дека во Библијата не се говори за друг случај, кога Бог им се јавил на луѓето како апсолутно чист дух. Господ се јавувал или во вид на облак, или во вид на огнен столб: А кога влезе меѓу војската Египетска и меѓу војската на синовите Израилеви застана; на оние им беше темнина и мрак, а на овие им беше светлина, така што преку цела ноќ не се доближија едните до другите (2. Мој. 14, 20); каде што има здив од тих ветар, таму е Господ (3. Цар. 19, 12); во вид … во вид на гулаб, како слегува на Него (Марко 1, 10) и т.н. Божјата благодат на различни начини се пројавувала преку различни видови на материи, и секој пат, односот кон неа требало да биде соодветен. Кога мажот … Оза посегна со раката кон Божјиот ковчег за да го придржи, и се фати за него, бидејќи воловите го беа наведнале. Но Господ се разгневи на Оза, и за дрскоста, Бог го порази на истото место, и тој умре таму при Божјиот ковчег (2. Цар. 6, 6-7). Познато е дека царот … Валтазар заповеда да се донесат златните и сребрените садови, кои татко му Навуходоносор беше ги изнесол од Ерусалимскиот храм за да пијат од нив царот, достоинствениците негови, жените негови и наложниците негови и во истата ноќ Валтазар, царот халдејски, беше убиен  (Дан. 5, 2, 30). Од аспект на формалната иконоборечка логика, чашата е чаша. Но Библијата учи, дека тие садови – се свештени Божји садови (1. Лет. 22, 19). Во старозаветните времиња, благодатта Божја се пројавувала и преку моштите. Познато е, … И ете, кога погребуваа еден човек, оние што го погребуваа, таму ги видоа тие луѓе, го фрлија тој човек во Јелисеевиот гроб, и тој, падна, се допре до Јелисеевите коски, оживеа и се исправи на нозете свои (4. Цар. 13, 21). Што го воскресна човекот: коските или Божјата благодат?

Јеховин сведок: Секако, Божјата благодат!

Православен: Правилно. Благодатта. Но за да поверуваме, дека таа може да почива и во моштите на светиите, е речено: …и тој, падна, се допре до Јелисеевите коски, и оживеа. Новозаветното време покажа голем поток на благодат, како што е речено: зашто Законот беше даден преку Мојсеја, а благодатта и вистината произлегоа од Исуса Христа (Јован 1, 17). Познато е дека Христос, го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие, штом се допираа, се излекуваа (Мат. 14, 36). Исто така, облеката и појасот на апостол Павле исцелувале болни и изгонувале зли духови. Речено е: А Бог правеше не мали чудеса преку рацете Павлови, така што донесуваа и полагаа крпи и убруси врз болните од неговата испотена снага, и болестите ги напуштаа, злите духови излегуваа од нив (Дела 19, 11-12). Дури и сенката на апостол Петар зрачела со благодат: … така што и по улиците изнесуваа болни и ги полагаа на постелки и носила, та кога ќе помине Петар, барем сенката негова да осени некого од нив (Дела 5, 15).

Јеховин сведок: Чудата, кои ги правеле апостолите, не се повторуваат во нашиве денови. Апостолскиот век помина.

Православен: Единствената книга на Новиот Завет, која на крајот го нема зборот „Амин“, – е книгата „Дела на светите апостоли“. Историјата на Црквата Божја не завршува со апостолскиот век. Чуда се правеле и до нив и после нив, и тоа е очигледно.

petaripavle
Апостолите Петар и Павле го исцелуваат фатениот

Да се вратиме на прашањето за иконопочитувањето. Што мислите, кој ја создал првата икона?

Јеховин сведок: Јас мислам, дека ова прашање нема никаква врска со Библијата.

Православен: Вие сериозно се лажете.  Прва „икона“ е Адам, првиот човек создаден од Бога. Адам е икона (образ) на Господа Бога. Во Светото Писмо е речено: Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие (1. Moj. 1, 26). Зборот „образ“, на грчки иконос – означува образ, кој укажува на првообразот (овој збор се сретнува во Септoагинтата 24 пати). Овој принцип се однесува на сите прашања, поврзани со пројавата на Божјата Светост. Самиот Христос е икона (образ) на Бога Отецот. Он сведочи за себе: Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот (Јован 14, 9). Апостол Павле говори за Христа, дека Он – е образ (т.е. икона – О.С.) на невидливиот Бог (2. Кор. 4, 4).

Светилиштето, скинијата, ковчегот на заветот, садовите, жртвеникот и т.н. – сето ова Господ заповеда на Мојсеја да го направи според небесниот образец, кој му го покажал нему на Синај: …Се’, како што ќе ти покажам Јас на планината: и образецот на скинијата, и образецот на сите нејзини сосуди – така да направат (2. Мој. 25, 9). Со други зборови, секој дел од светилиштето бил образ (икона), кој укажувал на првообразот. За небесниот жртвеник, како и за ангелското богослужение со учество на молитвите на светите маченици, ние можеме да прочитаме во Новиот Завет: Тогаш дојде друг ангел со златна кадилница и застана пред жртвеникот; и му се даде многу темјан, та со молитвите на сите светии да го постави на златниот жртвеник, што беше пред престолот. Димот од темјанот со молитвите на светиите се издигна од раката на ангелот пред Бога (Откр. 8, 3-4).

Јеховин сведок: Но тогаш, што е тоа идол според вашето разбирање? И во што се разликува идолот од иконата?

Православен: Апостол Павле говори, дека идолот не е ништо на светов (1. Кор. 8, 4). Што значи тоа? Одговорот е прост. Постои на пример, идол на Зевс, а во природата дали постои таква духовна личност? Секако, не. Идолот е ништо, бидејќи никаква реалност не стои зад него. А образот секогаш укажува на првообразот.

Јеховин сведок: Но, евреите не правеле изобразба на Бога. Во Втората книга Мојсеева е речено: Бидете цврсто убедени во душите свои, бидејќи не видовте никакво лице во оној ден, кога Господ ви говореше, во гората Хорив од средината на огнот. Не вршете беззаконија, правејќи си ликови вајани, секаков вид ликови на маж или жена (5. Мој. 4, 15-16). А за изобразување на светители, на Христос, не ни зборувам, бидејќи за тоа воопшто не се говори во Библијата.

Православен: Во право сте. Бога не го изобразувале, бидејќи Господ не се јавувал во Стариот Завет поинаку, освен во вид на Ангел. И јудеите, знаејќи го тоа, … по сите ѕидови на храмот наоколу издлаби ликови на херувими, палми и расцутени цветови, однатре и однадвор (3. Цар. 6, 29). За тоа, дека Христос е образ на невидливиот Бог (2. Кор. 4, 4), веќе говоревме. Вие велите дека немало изобразување на светители. Јас со вас се согласувам. Нив ги немало, бидејќи човекот станува свет само преку Христос, и без Него и Неговата Црква старозаветните луѓе немале надеж, не само за светост туку и за нивното спасение. Речено е за старозаветните праведници: И сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното (Евр. 11, 39). Христос Сам ги направил нив свети, искупувајќи ги на Крстот и потоа – излегувајќи од адот, … во кого, откако слезе, им проповеда и на духовите, кои беа во темнина (1. Петр. 3. 19).

Јеховин сведок: Дали им се поклонувате на иконите?

Православен: Не целосно… Обратете внимание на Црковниот догмат од 7 Вселенски Собор во Никеја. Таму е речено, дека ние  „се поклонуваме“ на иконите „со почитувачко поклонение, но не вистинско, според нашата вера, богопоклонување, кое и припаѓа на Единствената Божествена Природа, туку со почит кон оној образ, според кој е изобразена“.[1] Со други зборови, ние не им се поклонуваме на иконите, така како што му се поклонуваме на Бога, т.е., со вистинско поклонување, туку само ги почитуваме. Истото тоа се однесува и кон Пресвета Дева Марија, ангелите и светителите. Тоа значи се поклонуваме со „почитувачко поклонување“.

 

Создавањето на Адам
Создавањето на Адам

Протоереј Олег Стенјаев

Извор: http://www.pravoslavie.ru/106353.html

[1] Книга Правила. Догматот на триста шеесетте и седум свети отци на Седниот Вселенски Собор во Никеја.

Превод: Игор Ризановски

(ПРЕТХОДНО)