Народи

Кога раскажавте за себе
Кога се протумачивте,
Побаравте корени свои
Изнедрени во мисли умствени ?

Народи се нарековте
Сопки сами си поставивте
Не беше доволна една кула
Човек лаком – повторно на нула

Љубовницата,
Да така се именува гордоста
Кога незнаење предност зеде,
Ех, намисли да ја собори вистината

Народи,
Ех, добри именки
Кои за настанок не знаат
А помеѓу себе земја делат

Науки измисливте
Без основи ги осмисливте,
Не ѝ е тешко на кула да падне
Кога Сонце на вистината
Ќе ја огрее точно на пладне

До кога народи –
Безимени за ветрови
Непознати за соништа
Оддувани во пустини

Зарем само во ракописи
Или минливи летописи,
Кодови бесмислени
Букви украдени
Ке сведочат за вашите стапалки

Да,
Не ги подигнавте повисоко од земјата,
Затоа што – Љубовта,
Не ја возљубивте Љубовта,
Не ѝ послуживте на Љубовта,
Не ја препознавте Љубовта,
Не ја сретнавте Љубовта

Да,
Помила ви беше љубовницата
Таа – поделбата
Едни со други – во разделбата
Која ве напои со – заборавеност

Напивка исцедена со зла смртност,
Едно да не бидете
Корен да заборавите
Тоа што не сте – а сте

Еден народ создаден
На Бога угоден,
На Камен аголен соѕидан
Со Бесмртност откупен
Во убост донесен.

0-02-05-f9c9dec3999f3fdc2f4393f6c9071de5c4d882790bfd086386a24d1d2e9578de_full

(Од збирката богољубива поезија „Манастирски води“, на сестринството при Слепченскиот Претеченски манастир)