Возвеличуваме величина
стокмена во маленкост,
се радуваме на телесна недооформеност
води младешки запреа во нерамнина.
Тивко, тивко,
Радувај се, Света Марино !
Се насобра,
и денес се насобра светот против тебе
пред да зачекориш во младоста
умот се сопре – не те предаде.
Тивко, тивко,
Радувај се, Света Марино !
Не те предаде на луда бестија
туку вера те подигна,
дванаесетте години се претворија
во кратки векувања.
Тивко, тивко,
Радувај се, Света Марино !
Исполнение на благодатта
жив сосад на Вистината,
сведок телесен на бесмртноста
море на радоста.
Тивко, тивко,
Радувај се, Света Марино !
Го победи лажовниот
се оневести за Бесмртниот,
очите ги отвори на заслепениот
илјадници те следеа во животот.
Тивко, тивко,
Радувај се, Света Марино !
Срцево се стега
душава се бунтува
прозборете, камења,
воскликнете дечиња:
Радувај се, Великомаченице !
Радувај се, на лагата посрамување !
Радувај се, девственице !
Радувај се, дете кое времето го победи,
а нас смртните кон живот нè ободри !
Радувај се,
и пак ќе речам:
Радувај се , Света Марино !
(Од стихозбирката богољубива поезија „Манастирски води“ на сестринството при Слепченскиот Претеченски манастир)