Грижи

Не дојдоа сами до мене
Не се накалемија без основа
Сенки се кои одат по мене
Плодови на Твојата доброта

Само така можам да прифатам
Се борам да не ја посрамам
Верата ослабува и зајакнува
Грижите мои ги објаснува

Да Те молам да ги оттгрнеш
Знам – не заслужувам
За да млитавоста не ме откорне
Нека останат – да не запустам

Но, Велики погледни
Избриши ја од очиве росата
Сознанието да не опстои
Да не ме мачи мората
Кое ми ја ослабува верата
Некој – за мене пропатува
Некој за мене отплатува
Некој за мене боледува
Некој за мене е рануван
А можда и цел свет потонува

Не очајува слугата Твој,
На Тебе се надева.

Радоста скрати ја на оној
Кој би ја заменил со неспокој
Само очите да не гледаат мачнини
Ушите да не слушаат таговки
Срцето да не се полни со грижи
А душата да се радува
Дека се што настанува –
Некого спасува.

Тагата моја распни ја
Убоста на умот умори ја
Од овој свет да не видам вид виделина
Само да бидам кај мојата Најмила
Која со влакно од копрена
Ги повлекува грижите на небеса
Нè спасува од пропаста
Нèхрани со Вечноста.

(Од стихозбирката богољубива поезија „Манастирски води“ на сестринството при Слепченскиот Претеченски манастир)

0-02-05-e1ad59470aecfe7a4eb37393074423ae33fe11e4698b4f87fddd198d8f67fab7_full