Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги отци, браќа и сестри, за сите нас, кои денес стоиме во храмот, дојде крајот на еден период од животниот пат. За некого тоа е уште една учебна година во низата на многуте кои им предстојат, а за некого денес и утре ќе бидат денови на последните лекции во просториите на родната Духовна Академија. Тие две лекции се важни за сите нас.
Наскоро ние ќе го чуеме текстот од Светото Евангелие, во кое Христос зборува за тоа, каков треба да биде пастирот, и каков треба да биде неговиот однос кон довереното му од Господа стадо, „словесните овци“ (види: Јован 10, 1-9). Тоа евангелско зачало доволно често се чита за време на богослуженијата, и многумина го знаат, ако не напамет, тогаш содржински. Но, подобното знаење на содржината на тоа евангелско зачало, не го прави него помалку важно, како да не е потребно да му се посвети посебно внимание. Напротив, неговото често повторување сведочи за тоа, колку е важно за нас длабоко да проникнеме во него, не само со зборовите, кои звучат од амвонот, туку да ги примениме во својот живот.
Во сите времиња, пред Црквата стои еден и ист проблем, да најде јазик на проповед, да најде начин да се пренесе Вистината, која ќе биде слушната. Една работа останува непроменета во нејзината одлука – неопходноста од искреност во пастирското служење. Да се биде пастир, а не наемник (види: Јован 10, 11-12). Пастирот може да биде неискусен во говорот, може да не умее да се користи со современите технички средства, може да не покажува посебен надворешен подвиг. Единствено, што тој не смее себеси да си дозволи – е лагата и неискреноста. Лагата, која излегува од устата на христијанинот, а уште повеќе од устата на пастирот, добива својство на отров, кој може да доведе до сериозни последици во најмалку очекуваниот момент.
Потребно е само еднаш да земеме учество во некоја лага, и веднаш непоправливо ќе биде извалкан образот на пастирот, кој не ќе може да си го поправи со никаки зборови. Во таквиот случај, добиваат трагична сенка познатите зборови на свети Григориј Богослов: „Секој збор можеш да го оспориш со збор; но животот со што ќе го оспориш“? Уште повеќе, тој понатаму вели: “Или не ги учи, или научи ги на добар живот. Во спротивно, со едната рака ќе ги привлекуваш, а со другата ќе ги отстрануваш.“
Митрополитот Венјамин (Федченков), како професор на нашата Духовна Академија, еднаш им прочитал на своите студенти една од проповедите на светиот праведен Јован Кронштадски, не именувајќи го, со цел студентте сами да го дознаат авторот. Студентите во проповедта не нашле ништо особено и биле целосно восхитени, дознавајќи го правилниот одговор. Самиот живот на светителот била неговото главно сведоштво, неговите едноставни зборови „дишеле пламено“.
Задачата која стои пред секого од нас е многу проста и истовремено, неверојатно сложна. Секогаш е потребно искрено да се говори и искрено да се постапува. Како и со било која наша работа, потребна е помош од Божјата благодат, (види: Јован 15, 5) и напорна работа од наша страна. Трудот на очистување на себеси, ставање на стариот човек на патот кон чистотата и прозрачноста за светлината Христова.
Напуштајќи ги зградите на духовното училиште, извршувајќи го своето духовно служење, ние сме секогаш должни за тоа да си спомнуваме, со сите сили обидувајќи се да го живееме својот живот, кој ќе соответствува на тие високи зборови, за кои ние често зборуваме и говориме. Ќе кажам уште еден совет од свети Григориј Богослов: „Особено вам, служителите на олтарот, ве советувам да не бидете прозорец, исполнет со темнина, за да не станете првенци во порочниот живот. Бидејќи ако светлината е темнина, каква ќе биде самата темнина?“ Амин.
(Слово изговорено на последната Литургија за учебната 2016-2017 година во Санкт-Петербургската Духовна Академија, 29.06.2017).
Извор: http://spbda.ru
Превод: М-р Игор Ризановски