ГО ЧЕКАМ ВОСКРЕСЕНИЕТО НА МРТВИТЕ И ЖИВОТОТ ВО ИДНИОТ ВЕК

(Беседа на Свети Јован Шангајски, за молитвата за упокоените)

Колку Неутешна и бескрајна би била нашата тага, кога умираат ближните, ако Господ не ни подареше вечен живот. Бесмислен би бил нашиот живот, ако би се завршувал со смртта. Тогаш, каква би била придобивката од добродетелите, од добрите дела? Тогаш, во право се оние кои велат „ќе јадеме и пиеме, зашто утре ќе умреме“. Но, човекот е создаден за бесмртност, а со Своето Воскресение, Христос ги отвори вратите на Царството Небесно, вечно блаженство за оние кои веруваат во Него и живеат праведно.

Нашиот земен живот е подготовка за оној идниот и со нашата смрт се завршува таа подготовка. „На човекот му следува да умре еднаш, а потоа суд.“ Тогаш, човекот ги напушта сите земни грижи, телото се распаѓа, за повторно да стане при општото воскресение. Но, неговата душа продолжува да живее и ниту на момент не го прекинува своето постоење. Преку многу јавувања на мртви ни е дадено делумно да знаеме, што се случува со душата, кога таа излегува од телото. Кога ќе се прекине нејзиното гледање со телесните очи, тогаш се открива нејзиното духовно гледање. Тоа, кај оние кои се упокојуваат, често почнува уште пред упокојувањето и тие, гледајќи ги оние кои се околу нив и дури разговарајаќи со нив, го гледаат она што другите не можат да го видат. А, кога ќе излезе од телото, душата се наоѓа помеѓу другите духови, добри и лоши.

Таа, обично се стреми кон оние кои ѝ се духовно блиски, а ако, додека се наоѓала во телото, била под влијание на некои, останува зависна од нив и по излегувањето од телото, колку и да ѝ бидат непријатни кога ќе ги сретне.

Во текот на два дена, душата користи одредена слобода, може да ги посетува местата на земјата кои ѝ се драги, а третиот ден се движи во други простори. Притоа, таа поминува низ мноштво лоши духови кои ѝ стојат на патот и ја обвинуваат за различни гревови, на кои тие самите ја навеле. Според откровението, постојат дваесет такви препреки, таканаречени митарста; на секое од нив се испитува овој или оној вид на гревови; минувајќи низ едно, душата стигнува до друго и дури кога успешно ќе ги совлада сите искушенија, може да го продолжи својот пат, а да не биде веднаш фрлена во пеколот. Колку се ужасни тие демони и нивните искушенија го покажуваат тоа, што Самата Богородица, кога архангел Гаврил ѝ го најавил скорешниот крај, го молела Својот Син да ја избави од тие демони, и исполнувајќи ја Нејзината молба, Самиот Господ Исус Христос се појавил од Небото за да ја прифати душата на Својата Пречиста Мајка и да ја вознесе на небото.

Страшен е третиот ден за почината душа, и затоа тогаш, особено ѝ се потребни молитви за неа. Среќно поминувајќи ги искушенијата и поклонувајќи се на Бога, душата во текот на наредните триесет и седум денови, ги посетува небесните населби и бездната пеколна, не знаејќи сѐ уште каде ќе се најде и дури четириесеттиот ден ѝ се одредува место до Воскресението на мртвите. Некои души, се наоѓаат во состојба на насладување на идната радост и блаженство, а други во страв од вечните маки, кои конечно ќе настапат после Страшниот Суд. Дотогаш, сѐ уште се можни промени во состојбата на душата, особено преку принесувањето за нив Бескрвни жртви (спомнување на Литургија), а исто така и преку други молитви. Притоа, колку е важно спомнувањето на Литургијата покажува следниот настан. Пред откривањето на моштите на св. Теодосиј Черниговски (1896 год.), свештеникот кој го извршувал пресоблекувањето на моштите, бидејќи сѐ уморил, задремал седејќи покрај моштите и го здогледал пред себе светителот кој му рекол: „Ти благодарам што сѐ потруди околу мене. Уште те молам, кога ќе служиш Литургија, спомни ги моите родители“ – и ги кажал нивните имиња (ереј Никита и Марија). „Како ти, светител, од мене бараш молитви, кога сам си покрај престолот небесен и на луѓето им ја даваш милоста Божја“ – прашал свештеникот. „Да, тоа е точно – одговорил св. Теодосиј, – но принесувањето на Литургијата, е посилно од мојата молитва.“

Затоа, на покојниците се од полза и опелата и куќните молитви за упокоените, и добрите дела кои им се прават нив во спомен, како, на пример, милостината, дарови на црквата, но особено им е корисно спомнувањето на Божествената Литургија. Имало многу јавувања на упокоени и други случувања, кои потврдуваат колку е благотворно спомнувањето на покојниците. Многу кои умреле се каат, но не успеале тоа да го покажат во животот, се ослободиле од маките и добиле упокоение. Во Црквата, секогаш се упатува молитва за упокојување на починатите и дури на денот на слегувањето на Светиот Дух, во молитвите кои се извршуваат на колена, на Вечерната богослужба, постои посебна молитва за „оние што се заробеници на пеколот“. А, секој од нас кој сака да ја покаже своја љубов кон починатите и да им пружи реална помош, најдобро тоа може да го направи преку молитва за нив, особено, нивното спомнување на Литургијата, кога честиците кои се земаат за живите и за мртвите се ставаат во Крвта Господова по зборовите „Очисти ги , Господи, гревовите на овде спомнатите со Твојата пречиста Крв, по молитвите на Твоите светии“. Ништо повеќе и подобро не можеме да направиме за мртвите, отколку да се молиме за нив, давајќи им помен на Литургијата. Тоа им е секогаш потребно, а особено оние четириесет денови, во кои душата на починатиот го поминува својот пат до вечното живеалиште. Тогаш телото ништо не чувствува, не ги гледа ближните кои се собрале, не му мириса цвеќето на благ мирис, не ги слуша надгробните говори. Но, душата ја чувстува молитвата што се упатува за неа, станувајќи благодарна и духовно блиска со оние кои ја кажуваат.

Роднините и ближни на починатите! Правете го за нив она што им е потребно и што е во ваша моќ. Не ги трошете средствата на надворешно украсување на ковчегот и гробот, туку на помош на оние на кои им е потребна, во спомен на блиските покојници, на црквата, каде за нив се упатува молитва. Укажи милост на починатиот, погрижи се за неговата душа. Сите нѐ очекува тој пат; како тогаш ќе сакаме да нѐ споменуваат во своите молитви! Да бидеме и сами милосрдни спрема покојниците. Штом некој се упокои, веднаш повикајте или известете го свештеникот да ја прочита „молитвата по излегувањето на душата“, која е одредена да се чита над сите православни веднаш по нивниот крај. Погрижете се, ако постои можност, опелото да се изврши во црква и пред опелото над покојникот да се чита Псалтир. Опелото не мора да биде раскошно, но мора да се изврши во целост, без скратувања; немојте тогаш да мислите на себе и својата удобност, туку за починатиот, од кого засекогаш се простувате. Ако истовремено во црквата се неколку покојници, немојте да се противите на тоа заедно да ги опеваат. Подобро да опеваат двајца или повеќе покојници заедно и уште поусрдна ќе биде молитвата на сите нивни ближни кои се собрале, отколку опелото да биде за секој поединечно, и во недостаток на снага и време, да се скратува службата, кога секој збор од молитвата за починатиот е како капка вода на жедниот. Задолжително, веднаш да се погрижите да се изврши „трисагија“, т.е. секојденевен помен на Литургија, во текот на четириесетте денови. Обично во црквите, во кои се служи секојдневна служба, починатите кои таму се опевани се спомнуваат четириесет дена и повеќе. А, ако опелото е во црква каде што нема секојдневна служба, ближните мораат самите да се погрижат и да закажат „трисагија“ таму каде што има секојдневна служба. Добро е исто така, да се направи помен во манастирите во Ерусалим, каде што е непрекината молитвата на светите места. Но „трисагијата“ мора да почне веднаш после смртта, кога на душата ѝ е особено потребна молитвена помош и затоа, спомувањето се почнува во најблиското место во кое има секојднева служба.

Да се грижиме за оние кои на другиот свет одат пред нас, да направиме за нив сè што можеме, сеќавајќи сѐ дека „блажени се милостивите, оти тие ќе бидат помилувани“.

 

Превод: Младен Јовчески
дипломиран теолог