Пренесуваме дел од циклусот разговори со отец схиархимандрит Илија (Ноздрин), оптински старец и духовник на Светејшиот Патријарх на Москва и цела Русија. Беседата од циклусот „За животот, за вечноста, за душата“, посветена е на соблазните на кои човекот наидува на својот животен пат.
Секој човек во својот живот наидува на соблазни. Што да прави за да ги избегне, да може да продолжи безбедно да плови по ова бурно море на животот?
Мислам дека не треба многу да се зборуваза тоа. Секој човек го чувствува на себе, како доброто така и лошото, светлина и темнина, здравје и болест. Господ ни вдахнал разум, ни дал многу. Се разбира, да не паднел човекот, тој би продолжил, на совршен начин, да живее вечно, и се разбира дека не би постоела смртта. Смртта е плод на гревот. Болеста исто така е плод на гревот. Како и сите наши непријатности, лични, социјални.
Но, ако зборуваме конкретно за оваа тема има разлики во соблазните. Постојат три вида. Светот, нашата човечка, падната природа и ѓаволот. Тоа се трите основни соблазни кои постојат. А, покрај нив и безбројно мноштво други. Во нашиот паднат свет спаѓа се добро и лошо, преку доживувањата, зборовите, чувствата.
Како гревот навлегува во човечкото срце?
Се разбира дека сè е тесно поврзано. Светот, нашата природа и ѓаволот се обединуваат во една целина преку нашите погледи на светот, нашата согласност, несовршенство, доживувања, сфаќања, желби и постапки. Ѓаволот успева во своите намери секаде каде ќе му се укаже прилика. Сепак, треба да се каже, дека неговото дејство зависи од тоа колку сме подготвени да ги одбиеме нашите соблазни, имајќи две супстанци во себе, телото и душата, т.е. духовната природа. Колку сме подготвени да ги одбиваме соблазните, да се покоруваме, во таа мера се чуваме себеси од дадените соблазни. Овде сè е поврзано со нашите чувства, местото каде живееме, нашиот живот. Дали сме самци или живееме во големо семејство, дали сме на работа, во големи компании, или на факултет, сè влијае. Јасно е дека човекот секаде треба да бдее над својот живот. Се зависи од она што ни е дадено, од нашето воспитание, духовниот живот, колку сме блиски на Бога, коку ни е близок Ангелот Чувар, колку нѐ чува и ни шепнува, и колку сме ние спремни да чуеме. Исто така, од нашата духовна снага зависи и дали ќе можеме да се спротивставиме на соблазните, да ја сочуваме својата духовна состојба. Доколку човекот е верник, природно е во такви случаи да прибегнува кон верата, молитвата, духовниот живот во општа смисла, покајанието, Причесната. Ако живее чист црковен живот, тој ја зајакнува својата природа, и се разбира, помалку е соблазнуван, помалку искушуван. Чувствата се собрани и подготвени да победат секаков облик на искушение.
Според вашето мислење, како е најлесно да се избегне гревот да стигне до душата?
– Овде не можеме да кажеме строго како да се постапи, за некој да стане совршен и да се ослободи од тоа. Исто како, кога би се наоѓале на улица каде што има многу инсекти, а човек да не почувствува на себе каснување од комарец или допир на мува. Не зависи од човекот. Невозможно е соблазната да не влезе во човекот. Но, колку човекот е силен и колку силно го живее духовниот живот, и можеме да кажеме, колку е Ангелот Чувар присутен, тој ќе го чува. Да се вратиме на почетокот од разговорот, во зависност од тоа каде човекот се наоѓа и како живее, дали невнимателно изговорил некој збор, повредил некого со него. Колку и да е силен, не е можно, не постои таква личност која не би грешела. Се разбира, човек треба да се брани пред сè со молитва. Неговата молитва треба да биде утринска, вечерна, црковна. Сè зависи колку неговата душа е продуховена. Тоа можеме описно да го споредиме, како, кога се подготвува нешто во сад, котелот е жежок, во него не може да влезат никакви муви. Дури кога ќе се излади, во отворениот котел навлегува нечистотија од секаков вид.
Оче, дали би препорачале нешто на нашите православни читатели? Како да одат по патот до своето спасение?
Треба и должни сме, оти немаме друг авторитет освен Божјото откровение, да постапуваме според Новиот Завет. Таму е кажано сè што е потребно за спасение. Се разбира, како живееме во оваа сегашност, во 21 век, оној кој сака сериозно да сѐ запраша за својот живот, која е неговата смисла и цел, не може ништо друго освен да признае, пред сѐ, како што и е напишано, дека Господ Спасителот е нашата душа и нашата вечност. Доколку водиме сметка за нашиот личен живот, историјата и историските случувања, а пред сѐ, црковниот живот, во минатото, најпрвин во случувањата од минатиот 20. век, во периодот на безбожниот живот, во времето кога сакале да направат рај на земјата без Бога, а само се втурнале во бездната на несреќата, секој треба да си признае дека она што ни е потребно и корисно, е она што ни го зборува самиот Господ. Нашата наука ни зборува дека постои Бог, постои Вистина, онаа која ни е отркиена со Божјото откровение, Евангелието. На современиот човек неопходно му е да оди по патот на спасението, и сè му е дадено за тоа. Бидејќи е нашиот живот под Бога, Господ ни дал неопходни услови за живот и кога човекот живее духовен живот, кога е доволно духовно и морално воспитан, никогаш нема да има премногу тешки искушенија, како во материјална, така и во духовна смисла. Кога сме здрави, Господ секогаш ќе ни помага.
Схиархимандрит Илија (Нозрдин)
Тв канал „Сојуз“
Извор: http://www.pravoslavie.ru
Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог