Злоупотреби во духовничката пракса

Одлука на Светиот архиерејски синод на Руската Православна Црква

На седницата на Светиот Архиерејски Синод на Руската Православна Црква од 28 декември, 1998 година, на која претседаваше Патријархот Московски и на цела Русија Алексиј, разгледани се сите чести случаи на злоупотреби од страна на одредени пастири, на кои Бог им даде власт да „врзуваат и разврзуваат“ (Матеј 18, 18), и Соборот донесе соодветни одлуки. Иако од тие одлуки на Светиот Синод на сестринската Руска Православна Црква поминале повеќе од десетина години, мислиме дека е корисно да ѝ се предочат и на нашата црковна јавност.

Во последно време чести се случаите на злоупотреба во духовничката пракса, кои негативно се одразуваат на состојбата на црковниот живот. Некои свештенослужители, кои во Светата Тајна Свештенство од Бога добиле право духовно да раководат со паствата, сметаат дека ваквото право означува безгранична власт над човечките души. Со оглед на фактот, дека односите помеѓу духовникот и духовното чедо, мора да се градат врз основа на взаемно почитување и доверба, ваквите пастири го пренесуваат чисто монашкиот поим на беспоговорно потчинување на послушниците на старецот, на взаемните односи помеѓу мирјанинот и неговиот духовен отец, се мешаат во интимните прашања од личниот и семеен живот на парохијаните, ја потчинуваат на себе паствата, заборавајќи на од Бога даруваната слобода, на која се повикани сите христијани (Гал. 5.13). Ваквите недопустливи методи на духовно раководење, во одредени случаи прераснуваат во трагедија за човекот кој се поверува на духовникот, бидејќи тој, своето несогласување со духовникот го пренесува на Црквата. Таквите луѓе ја напуштаат Православната Црквата и неретко стануваат лесен плен на сектите.

Некои духовници граѓанскиот брак го прогласуваат за незаконски или бараат сопружниците, кои многу години живееле заедно, но поради овие или оние околности не го извршиле венчавањето во храм, да го раскинат бракот. Се случува, духовникот да инсистира на развод на бракот доколку еден од сопружниците не е од православната вера. Има духовници од монашкиот ред кои им забрануваат на своите духовни деца склучување брак и ги принудуваат да се замонашат, повикувајќи се на аргументот дека монаштвото наводно е над бракот. Некои пастири – духовници на лицата кои живеат во „невенчан“ брак не им дозволуваат да се причестуваат, поистоветувајќи го таквиот брак со блуд; им забрануваат на своите духовни деца склучување на друг брак, образложувајќи ја таа забрана со тврдењето дека Црквата, наводно, осудува друг брак; им забрануваат на сопружниците развод во случаите кога поради одредени околности, семејниот живот за нив станува невозможен.

Има и случаи кога пастирот „не дава благослов“ на некој од своите парохијани да се ожени или омажи од побуда на љубов, туку предлага „по послушание“, бракот да се склучи со личност, која ја препорачува самиот пастир.

Исто така, постојат случаи кога пастирот им забранува на верниците да прибегнуваат кон медицинска помош, ги спречува во извршување на нивните граѓански должности – учествување во избори, служење во вооружените сили. Некои пастири им наметнуваат на верниците одредени политички погледи. Има духовници кои школувањето во световните просветни институции го сметаат „непотребно“ или штетно по спасението. Ваквите барања, не само што го спречуваат правото на секој христијанин да донесува самостојни одлуки, туку доаѓаат во судир и со важечкото законодавство.

Чести се случаите на создавање на такви црковни заедници, чиј живот ќе се гради на авторитетот на пастирот кој ја изградува таквата заедница, при што неговиот авторитет дополнително ќе се поткрепува со негативниот однос кон црковната ерархија, како и кон другите пастири и парохиски заедници. Таквите пастири забораваат дека нивната задача е луѓето да ги приведуваат кон Бога, а не да ги групираат парохијаните околу себе. Во парохиите од овој тип се создава атмосфера на сопствена исклучителност, неспоива со духот на соборноста, на кој се темели Православната Црква.

Донесени се следните одлуки:

  1. Имајќи ги во предвид честите жалби на мирјаните на канонски неоправданите постапки на одделни пастири, неопходно е на свештениците кои извршуваат духовничка служба да им се укаже на недопустливоста од принудување или придобивање на верници, без оглед на нивната волја, за следните постапки и одлуки: стапување во монаштво; прифаќање на било какво црковно послушание; давање на какви било прилози; стапување во брак; развод или одбивање на стапување во брак, со исклучок на случаи кога бракот не е возможен од канонски причини; одбивање на сопружнички живот во брак; одбивање на служење во војска; одбивање на учествување во избори или извршување на некои други граѓански должности; одбивање на медицинска помош; одбивање на стекнување образование; стапување на работа или промена на работно место; промена на живеалиштето.
  2. Потсетување на сите пастири на Руската Православна Црква кои извршуваат духовничка служба на неопходноста, во својата духовна пракса на духовно раководење, строго да ги следат словото и духот на Светото Писмо и Светото Предание на Православната Црква, заветите на Светите Отци и канонските уредби, како и на недопустливоста на православните пастири да воведуваат во духовничката пракса некакви морални и други барања кои излегуваат од рамките на наведените уредби, според зборовите на Спасителот, „товарите на луѓето бремиња тешки за носење“ (Лука 11,46).
  3. Потсетување на сите пастири – духовници, дека тие се повикани на својата паства да ѝ помагаат со совет и љубов, не нарушувајќи ја притоа од Бога даруваната слобода на секој христијанин. Нагласување дека беспоговорното послушание, на кое се заснова односот на послушникот кон старецот во манастирите, не може во полна мера да се применува во парохиската пракса, во взаемните односи помеѓу свештеникот и неговата паства. Посебно да се укаже на недопустливоста на мешањето на пастирот во прашањата поврзани за изборот на брачниот другар, со исклучок во случаите кога верниците молат за конкретен совет.
  4. Нагласување недопустливост на негативен или презирачки однос кон бракот, потсетувајќи ги сите свештенослужители на 1. правило на соборот во Гангри: „Кој го куди бракот и се гнаси од верна жена и благочестива што со својот маж живее заедно, или ја куди дека таа нема да може да влезе во Царството, да биде под клетва“. Особено да се нагласи дека стапувањето во монаштво е чин на сопствен избор на христијаните и дека на тој чин не може да се одлучува „по послушание“ на овој или оној духовник.
  5. Потсетување на монасите на недопустливоста, соодветно на 21. правило на Соборот во Гангри, „земање подвижништво како повод за гордост“, „превознесување во однос на оние кои живеат едноставно“ (односно на оние кои се во брак) и „воведување новини без оглед на Писмата и црковните правила“. Правилото 10. од истиот Собор гласи: „Било кој од девствените на Господа, ако се превознесува над оние што склучиле брак, да биде под клетва“.
  6. Инсистирање на неопходноста од црковен брак, потсетување на пастирите на тоа дека Православната Црква со уважување се однесува кон граѓанскиот брак, како и кон оној брак, во кој само едниот сопружник припаѓа на православната вера, во согласност со зборовите на Светиот апостол Павле: „Неверниот маж да се посвети на жената, и жената неверна да се посвети на мажот“ (1.Кор. 7,14).
  7. Потсетување на пастирите на тоа, дека во својот однос кон вториот брак, Православната Црква се раководи според зборовите на апостол Павле: „Сврзан ли си со жена? Не барај развод. Дали си се одрекол од жената? Не барај жена. Ако се ожениш, нема да згрешиш; и девојка ако се омажи, нема да  згреши. Жената е сврзана преку Закон за време додека е жив мажот; но ако ѝ умре мажот, слободна е за кого сака да се премажи, само во името на Господа“ (1.Кор. 7, 27-28,39).
  8. Потсетување на пастирите на неопходноста од чувањето на особено целомудрие и особено пастирско внимавање, во приликите на разгледување со верниците прашања поврзани за одредени аспекти од нивниот семеен живот.
  9. Посебно да им се укаже на недопустливоста на праксата, пастирите околу себе да создаваат такви заедници, во кои е присутен опозиционен и критички однос кон највисокото црковно раководство, како и кон другите пастири и парохиски заедници
  10. Нагласување на недопустливоста на користење на црковниот амвон за проповедање на било какви политички гледишта.
  11. Повикување на епархиските архиереи, посебно внимание да обратат на тоа, како поверените пастири на епархиите го остваруваат духовното раководење на паствата. Засилување на надзорот за строго држење на уредбите и нормите на Православната Црква, кои се однесуваат на различните аспекти на духовничката пракса.
  12. Повикување на верниците на Православните Цркви да се обраќаат на својот епархиски Архиереј во сите случаи кога пастирот – духовник ќе ја злоупотреби од Бога дадената власт да „врзува и разврзува“. Потсетување на православната паства на тоа, дека советите на духовникот не смеат да бидат во противречност со Светото Писмо, Светото Предание, учењето на светите отци и канонските уредби на Православната Црква; во случај на несогласување на ваквите совети со наведените уредби, предност мора да се даде на вторите. Во врска со ова, обрнете внимание на зборовите на Преподобниот Симеон Нов Богослов за тоа, на кој начин се должни да се изградуваат односите помеѓу духовното чедо и духовникот: „Со молитви и солзи моли го Бога да ти испрати бестрасен и свет раководител“. Исто така и сам истражувај ги Божествените Писма, а особено практичните списи на светите отци, за да, споредувајќи го со нив она на што те учи учителот и претстојателот, да можеш ова да го согледаш како во огледало, и да споредуваш, сè што е во согласност со Божествените Писма да го примаш во внатрешноста на своето битие и да го задржуваш во мислите, а сè што е лажно и туѓо да го согледуваш и отфрлаш, да не се прелестиш. Зашто знај дека овие денови се појавија мноштво прелестувачи и лажни учители“.
  13. Епархиските архиереи должни се со оваа одлука да ги запознаат свештенослужителите, монаштвото и мирјаните на Руската Православна Црква.

 

Патријарх московски и на цела Русија АЛЕКСИЈ

и членовите на Светиот архиерејски Синод на РПЦ

 

Превод: Младен Јовчески,

дипломиран теолог