Познавам една мајка која многу ги сака своите деца. Толку многу ѝ недостасуваат кога не се покрај неа! Но, едниот син има мотор и цело време е надвор од домот, доцна се враќа. Другиот патува. Третиот оди на аџилак. Едната ќерка сака едно, другиот син прави друго… Оваа мајка толку многу ги сака своите деца и толку сака бескрајно да бидат покрај неа! Може толку многу да им даде, да им раскаже. Но, дава предност на тоа што ги сака и почитува. Таа длабоко го цени нивниот избор! Нејзината сеопфатна љубов многу ме научи.
Сè добро си сфатила – зборувам токму за тебе. Да, сега разговарам со тебе. Немој да се сомневаш и немој да се прашуваш. Понекогаш ме слушаш и ти паѓаат на памет мисли: Зар тој за мене зборува? И сама на себе си одговараш: „Но не, ме нема во предвид мене, затоа што не сум толку добра, не сум така смирена…“ Да, те имам во предвид токму тебе! Овој твој дар многу ме допре и многу ме научи. Се сеќавам како му дозволи на своето дете да купи мотор, иако во душата тоа никако не го сакаше. Цело време се грижиш да не му се случи нешто, но сфаќаш дека љубовта е надминување. Нема љубов без ризик. Не се случува во животот сѐ да е пресметано и познато.
Љубовта е скок во непознато. Тоа е кога велиш: „Па што да се прави! Постојано му зборувам, а тој не сака да ме слуша! Што можам да направам за своето дете? Единствено што можам, е да продолжам да го сакам! Не можам да вршам притисок над своето дете и да го прогонувам. Едноставно ќе продолжам да го сакам!“ И тоа е како невидлив покров на љубовта, како топол покривач на деликатните грижи. Тој е невидлив, но, суштински ја покрива душата на детето. И детето тоа го чувствува. Тоа ја чувствува љубовта. Љубовта, која ти му ја подаруваш. Тоа е најдобра инвестиција и најдобра тактика.
Јас не поднесувам притисок. Не можам да ги притeснувам луѓето и не поднесувам кога ме притискаат. Не можам да гледам на тоа како луѓето од страна вршат притисок. Тоа многу ме вознемирува. „Оче, сите бевме во црква“. Родителите овие зборови ги изговараат со гордост, но, ако внимателно се загледаш во лицето на членовите на тоа семејство, ќе видиш дека половина е задоволна, а останатите се потиштени и нервозни. Затоа што дошле во храмот на сила. А, тоа веќе не е љубов. „Но, оче, зошто тоа го кажувате? Одењето во храм е света работа, а вие велите да не ги носам децата во црква“! Да, велам, но Сам Господ го почитува изборот на човекот поради бескрајната љубов кон него.
Кога ќе осамне неделното утро и никој од погорните спрата оди во Црква, Господ не го остава без струја овој кварт од градот. Он повторно им дава на луѓето светлина. Повторно им дава дожд. Неговите дарови не престануваат. Бог не се одмаздува, Он сака. Затоа што и овие луѓе остануваат со Бога. Обрнете внимание на она што сега ќе ви го речам: Бог нема проблем со луѓето. Он има повеќе проблеми со мене, со тебе, со нашите меѓусебни жалби, притисоци и досадувања.
„Но, тоа му го реков за негово добро! Но, за негово добро му велам да пости и тајно му долевам света вода, и скришно му ставив нафора…“, а тој ѝ ја оттурнал и рекол: „Земи, не го поднесувам тоа!“ „Какво лошо сум направила? Сето тоа е од љубов“! Дали тоа си го направила од љубов? Зошто е тогаш сета таа врева во куќата, ако си направила од љубов?! А дали си размислувала: можеби твојата љубов само се вика љубов, но ги нема нејзините особини? Не е доволно да држиш во раката таблица со натпис „љубов“. Љубовта треба да потекува од срцето. А се чини дека од твоето срце излегува само рамнодушност. Љубовта не е рамнодушност. Љубовта е почитување и слобода.
Веќе зборував за мајката која му дозволила на своето дете да купи мотор. Оваа мајка не е рамнодушна, не! Таа многу го сака својот син и го покрива со својата молитва. Му дозволува да оди, но го покрива со својата молитва. Го обвива со својата молитва. Го облекува со својата молитва и љубов. И во моментот кога му вели: „Оди!“, од неа излегуваат бранови. Бранови од љубов, топлина, доброта и молитва. Таа тоа го прави, дозволете ми да кажам, како Бог. Затоа што нејзиното однесување е божествено. Токму, такви се обичаите Божји. Заминуваш од Него, но сонцето Божјо почнува да свети во твоето срце.
Бог вели: „Оди! Јас ќе ти давам топлина за да добиеш умиление и да престанеш да се опираш како пастирот во приказната за Бореј и Сонцето:.“ Се сеќаваш ли како Сонцето и Бореј се обложиле кој од нив е појак и кој може да го соблече сакото на пастирот? Бореј почнал да дува и како што појако дувал, со тоа повеќе се собирал пастирот и сè повеќе се криел во својата облека. Се опирал. Зашто, што поголемо е студенилото кое го создаваш во душата на другиот човек, со тоа повеќе тој се брани, спротивставува и ти прави инает. А, кога зрачиш со љубов, сѐ се менува. Што понатаму се кажува во приказната? Дека после Бореј дошло и засветлило Сонцето! Пастирот се опуштил, се загреал и го соблекол своето сако.
Архимандрит Андреј Конанос
Превод: Младен Јовчески,
дипломиран теолог