Еднаш ми рече: „Ме рани љубовта. Засакав и бев ранет“. Не знам, се сеќаваш што ти одговорив? Не во свое име, туку врз основа на своето животно искуство и на она што сум го прочитал и видел: љубовта сама по себе никогаш не ранува. Љубовта е живот. Љубовта е светлина и дишење на нашето срце. Таа е силна циркулација на крвта. Кога сакаш, чувствуваш како крвта стигнува во твојот мозок, во твоето срце, во твоите ќелии. Кога сакаш, те исполнува животот. Љубовта не те ранува. И без оглед на тоа, ти верувам кога велиш дека си „ранет“. Но, не од љубовта. Те повредила неостварената надеж во тоа, дека и ти ќе бидеш засакан како што си засакал, и дека за возврат ќе бидеш награден со љубов. Затоа си бил ранет, очекувајќи го она што не си го добил. Тоа те ранило.
А, кога ќе сфатиш дека љубовта, вистинската љубов, не моли, не очекува ништо за возврат, нема толку да се натажуваш. Ќе бидеш мирен и во случај да добиеш награда, и да не ја добиеш. Ако се покаже дека љубовта ти е возвратена, сигурно ќе бидеш радосен и ќе ти биде добро (се разбира, тоа е најдобрата варијанта!). Но, ако остане невозвратена, нема да страдаш. Не сакам да кажам дека треба да бидеш бестрасен, рамнодушен и тврд како камен. Не сакам да ти биде баш сеедно, дали луѓето те сакаат или не. Човек си, а за човекот е природно да се радува кога го сакаат. На пример, си подготвил вкусна храна, и сакаш да ти кажат: „Колку е вкусно!“ Не се радуваш само за тоа што те пофалиле за подготвеното јадење, туку чувствуваш дека освен оваа причина – благодарноста за храната – уште и те сакаат. Преку храната молиш за љубов, сакаш да дадеш како би добил. И не добивајќи благодарност страдаш. Тоа се случува често и во многу поводи. „Гледаш, не ме погледна! Гледај, дури не ни позборува со мене! Жал ми е што не одговори, значи не ме сака!“
Што се случува? Зошто толку силно те боли кога никој не те сака? Мислам дека тоа е затоа што сѐ уште не сме почувствувале дека нас Бог нѐ сака. Кога постојано би ја чувствувале Христовата нежност и тоа дека Он го допира нашето срце, сè би било поинаку. Замисли сега во умот, во срцето, некоја замислена шема како Христос го држи твоето срце во Своите раце. Или како Христос те допира со Своите раце, го допира твоето срце и непрекинато го милува. Нежно го милува и вели: „Тука сум, тука сум. Те сакам, те сакам. Те прифаќам. Ти велам дека си Ми скапоцен, затоа што Јас ти Ја давам таа вредност, затоа што те создадов. Јас се грижам за тебе. Многу те сакам и од сè срце сакам да те поддржам во животот, и понатаму да ти ги давам сите оние дарови, кои ти ги давам. Постојано сум со тебе, постојано“.
Дали можеш тоа да го почувствуваш? Кога чувствуваш дека сето тоа потекнува од Христа и ја храни твојата душа, дека си човек кого Он го сака, сакано Божјо создание, многу повеќе ќе те храни љубовта. Твојата душа ќе биде исполнета, а садот на твоето срце ќе се прелева! И повеќе нема да бидеш загрижен дали другите ти даруваат љубов и признание, за со тоа да ја исполниш душата. Твојата душа веќе ќе биде полна. А, кога луѓето ќе започнат да ја покажуваат љубовта кон тебе, ќе речеш: „Многу сум благодарен“, ќе ти биде мило заради братската љубов и комуникацијата со другите. Ќе се насладуваш со комуникација, топол поглед и бакнеж од другиот, неговата прегратка. Ќе се радуваш на сето тоа, затоа што си човек. Но, ќе добиеш чудесна можност и привилегија да не се вознемируваш кога нема да ти даваат љубов. Затоа што твоето срце и твојот ум ќе бидат приковани за особената вредност која ти ја дава Христос! И ќе го чуеш во себе гласот на Христа, Кој ти вели: „Те сакам. Те сакам“. Твој творец, твој Создател, Бог, Кој е апсолутно несебичен, Христос, Чија искреност во односот со нас е несомнена, Кој може да нѐ спаси нас и да Го одржува животот во нас!
Сакаш луѓето да те сакаат затоа што си човек. Праведно е тоа да го сакаш. Но, не очекувај многу од нивната љубов, затоа што таа во одредено време ќе исчезне. Во извесен момент другиот човек ќе се умори. Твојот маж станува наутро, оди на работа, и го губиш на неколку часа. Едни млади луѓе, кои неодамна се венчаа ми рекоа: „Ах, како ни недостасува љубов! Се разделуваме, се среќаваме доцна навечер, цел ден сме одделени“. Дали гледаш? Да сакаш и да ја чувствуваш љубовта на другиот, се разбира е можно, но без Бога не е можно непрестајно да чувствуваме заедништво, кое ти дава вредност. А, овде Самиот Бог цел ден и цела ноќ е покрај тебе и ти дава живот. И кога ќе се разбудиш во ноќта и си жеден за нежност и топлина, кога сакаш да поразговараш, го гледаш покрај себе својот маж, ја гледаш својата жена, но не можеш да ги поделиш своите чувства со блискиот човек, затоа што тој или таа спие. Но поминуваат моменти и ти одлучуваш да го разбудиш оној кого го сакаш. Прашуваш: „Кажи ми, дали ме сакаш“? И слушаш во одговор: „Дали си полудела, погледни на часовникот! Погледни колку е часот, а ти ме прашуваш дали те сакам! Па добро, те сакам, те сакам, само ајде веќе еднаш да спиеме! Треба да станам во седум наутро“!
Гледаш? Он те сака, но не може тоа да ти го каже, ако го разбудиш во два или три часот после полноќ. А, Господ ти зборува за Својата љубов секогаш. Љубовта Божја е онаа љубов која ти дава вредност, таа е постојано присутна во твојот живот.
Кога ќе тропне вратата, кога мажот ќе ти каже: „Се гледаме“! и заминува, или кога се простуваш од него, ја затвораш зад себе вратата и заминуваш од куќата, и одиш на работа, и ги испраќаш децата во училиште, оваа љубов и оваа нежност се цело време со тебе.
Кога би го чувствувал тоа, би се чувствувал како цар. Богат владетел и важен човек, извонредна личност. Не егоистички, туку со чувство дека сум „дете на Небесниот Цар! Јас сум дете Божјо и дело на Христовата љубов. Имам вредност. И ако луѓето цело време ме плукаат, ако ме мразат, ако ми посакуваат зло, мојот Бог сеедно ме сака. Ме сака Оној Кој вистински знае да ме сака. Оној чија љубов е несомнена и вистинита, која ме држи во овој живот и ми дава живот“. Ако го сфатиш тоа, нема да бидеш така лесно ранлив, нема да се грижиш залудно. Ќе го насочиш својот ум кон саканиот Господ, саканиот Христос. Ќе ја почувствуваш Христовата љубов во своето срце и никаква човечка љубов нема да те збуни. Ако ти ја даваат и ако не ти ја даваат. Знаеш колку е тоа прекрасно! И тогаш ќе се случи чудо: ќе почнеш да привлекуваш и човечка љубов. Затоа што ќе станеш слободен човек. Нема повеќе да бидеш нервозен и досаден, напнат и депресивен. Ќе им бидеш пријатен на сите.
Архиманмандрит Андреј Конанос
Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог.