Љубовта е надминување на себеси
„Јас го сакам своето дете“, – вели една мајка. И го вика петстотини пати на ден. „Тоа го правам од љубов, да видам како е и каде е“. Меѓутоа, не е така. Всушност, таа едноставно не може да поднесе кога детето ќе замине од неа. Не поднесува кога детето исчезнува од нејзиниот видеокруг и го живее сопствениот живот. „Со кого си? Зошто се задржа? Какви гласови слушам? Кој зборува? Која е таа девојка“? Тоа е очигледна сомнителност и болен однос. И се разбира, нема тука никаква љубов. Затоа што љубовта е жртва. Таа е „сакам да ги раширам своите крилја, ти посакувам добро“.
„Он треба да расте, а јас да се смалувам“ (Јован 3,30), – рекол свети Јован Крстител кога го видел Господа. Го сакам Господа. И бидејќи Го сакам, нема да ме вознемирува тоа што се наоѓам на одредена оддалеченост од него. Бидејќи каде и да одам, Он зрачи со таква светлина што нема повеќе ни растојанија, ни сенки. И додека Го сакам секогаш ќе бидам во светлина. Затоа сум подготвен да одам било каде и да бидам таму каде што Он ќе ме одведе. Му се радувам на Оној кого Го сакам. Го сакам и нека изгледа дека се гаснам и исчезнувам. Го сакам и оддалеку, го чувствувам тоа со своето срце. Оставам место за друг, за да би можел да дише, да може се движи и да се чувствува слободно. Не ме повредува ако тој разговара со други. Не ме гуши тоа, не ме вознемирува, не сум љубоморен и не се мачам.
Но, дали знаеш како тоа делува на човекот? Он повеќе ќе те засака и нема да се оддалечи од тебе. Зошто? Па затоа што му дозволуваш тоа да го направи. А кога на човекот ќе му дадеш можност да се оддалечи од тебе, тој тоа не го прави. Кога го влечеш кај себе на сила, кога инсистираш, го постигнуваш спротивното. Дали разбираш? Тоа се случува во нашиот однос со различни луѓе. Го гледаш тоа по примерот на својот однос. Велиш: „Љубоморна сум заради мажот, не можам, страдам…“ Но ако го сакаш, погледни сѐ себеси. И прво достигни ја својата убавина која ќе те исполни со чувство на сигурност и мир. А, потоа научи вистински да го сакаш својот маж, да се молиш за него и да го чувствуваш она што тој го чувствува. Односно, постојано да се прашуваш: „Дали му е угодно ова што го правам сега? Еве ова, му досадувам, го замарам, правам притисок врз него, дали тоа му е угодно? Односно, дали на мојот маж (или мојата жена) му е пријатно тоа што сега ја принудувам неговата (нејзината) душа на нешто“?
Кога го читаш Евангелието, немој да го читаш формално, туку постојано прашувај сѐ: а каде сум јас во ова што е овде кажано? Што е поврзано со мојот живот? Христос вели: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив“ (Лука 6,31). Примени ја оваа Христова вистина во својот живот и размисли: дали тоа би ти се допаднало? Дали би ти се допаднало, на пример, секој пат кога одиш да прошеташ и да поразговараш со пријател, малку да го живееш својот живот, или кога одиш сам на прошетка, чувствуваш дека постојано некој те следи и за нешто се сомнева: „Зошто одиш таму? Зошто ме оставаш? Не ми кажуваш сè… Зошто тајно разговараш на телефон? Зошто си се свртел таму? Зошто си го прекинал својот разговор?“ Сомневања, сомневања, сомневања… Но, на таков начин нема да постигнеш ништо. Љубовта и слободата секогаш одат заедно.
Речи: „Те сакам и ти давам слобода да правиш што сакаш“. И човекот ќе одговори: „Тоа е вистинска љубов! Така се однесуваш кон мене, што сакам да бидам со тебе, затоа што ме почитуваш“!
Во секој случај, Бог постапува исто така. Он нас нѐ почитува во секој момент од нашиот живот. Ни дава слобода на движење. И не ни се одмаздува. Ти дозволува да го направиш својот грев, да се оддалечиш од Него, и што ти вели? Секој ден излегува сонцето и го осветлува целиот свет! Сонцето е љубов – зарем не? Секој ден кога излегува сонцето, Господ како повторно да ти вели: „И денес сум исполнет со љубов кон тебе. Ти подарувам нов ден. Не само за ти да го изедеш твојот доручек и да го започнеш денот во радост и така натаму, туку да го прифатиш и размислиш: тоа што сум денес жив, значи дека Господ ме сака: „Мене. Мене, кој вчера тонев во својот егоизам, злоба, љубомора, одмаздољубивост, љубопитност и осуда. Сум направил многу за да го задоволам мојот нарцизам, моето самољубие и моите пороци. И без оглед на сè, Христос го изведе повторно Своето сонце и јас ја видов светлината и новиот ден!
Што Христос им зборува на сите овие? „И денес повторно те сакам. Нека вчера си бил онаков каков што си бил. Но, денес ти давам можност повторно да го направиш својот избор“. „Христос вели: И кога паѓа дожд, тој не разликува и паѓа на добрите и на лошите“. Тој ги наквасува сите. Ги наквасува сите куќи, сите ливади. Дождот паѓа на сè. Гледаш ли? „Бидете милосрдни како што е милосрден и вашиот Отец“ (Лука 6,36). Односно, имај милосрдие, сочувство и разбирање.
Колку се тоа извонредни особини.
Превод: Младен Јовчески,
дипломиран теолог
Претходно:Љубовта ослободува – отец Андреј Конанос