Пронајдени се светите мошти на Светиот Мардариј (Ускокович) во манастирот на Свети Сава, основан од него во Либертвил, Илинојс (САД), с00пштува Правмир.
На 4 мај, епископот Новограчански и Средно-Западноамерикански од Српската Православна Црква Лонгин, отслужи Божествена Литургија во манастирот на Свети Сава, во рамките на подготовката на отварањето на моштите.
За време на на ексхумацијата, свештенослужителите наишле на потешкотија. Имено, гробот во кој се наоѓале моштите на светиот Мардариј бил зацементиран. Кога го отвориле гробот, виделе дека телото на светиот Мардариј добро се зачувало. Коските на нозете биле златесто-жолтеникави. Рацете на светителот држеле крст. Јасно се гледала кожата, ноктите и косата.
Светите мошти на преподобниот биле извадени од гробот и сместени на носилка. После отстранувањето на прашината од телото, светите мошти биле измиени со топла вода и бело вино, а потоа помажени со масло.
После миењето и помазувањето, моштите биле обвиени во памук и лен, и затворени во привремен метален ковчег, до прославувањето на свети Мардариј, во јули, 2017 г.
Свети Мардариј (1889 – 1935 г.), управувал со парохиите на Српската Православна Црква во САД. Манастирот на Свети Сава го изградил за време на големата депресија, на крајот на 20-те и почетокот на 30-те години од минатиот век.
Свети Мардариј се упокоил на 12 декември, 1935 г. во Америка. Бил погребен на 18 декември во манастирот. Архиерејскиот Собор на СПЦ, кој се одржал од 14 до 29 мај, 2015 г., го вброил во хорот на светителите.
Споменот на свети Мардариј (Ускокович) ќе се празнува на 12 декември.