Тага по Бога

На 23.09.2014 г, денот кога го празнуваме споменот на св. Силуан Атонски, во манастирот „св. Николај Чудотворец“ во селото Манастир, Мариово, се отслужи сеноќно бдение.
Тага по Бога

Тагува душата моја по Господа и со солзи Го барам. Како да не Те барам? Ти прв ме побара мене и ми даде да се насладам од Твојот Свет Дух и душата моја Те возљуби.
Господи, Ти ја гледаш мојата тага и солзите… Да не ме привлечеше со Својата љубов, немаше вака да Tе барам, како што Те барам, но Духот Твој ми даде да Те познаам и душата моја се радува оти Ти си мој Бог и Господ и до солзи тагувам по Тебе.

Тагува душата моја по Бога и со солзи Го барам.
Милостив Господи, Ти го гледаш мојот пад и мојата тага, но смирено ја просам Твојата милост: излеј ја врз мене грешниот благодатта на Твојот Свет Дух. Сеќавањето на неа го гони мојот ум повторно да ја најде Твојата милост.
Господи, дарувај ми го Својот смирен Дух, за да не ја загубам повторно благодатта Твоја, и да не ридам по неа, како што плачеше Адам по рајот и по Бога.

Првата година од својот живот во манастирот душата моја Го позна Господа преку Светиот Дух.
Многу нè љуби Господ; тоа се познава преку Светиот Дух, кого ми го даде Господ единствено заради милоста Своја.
Јас сум стар човек, и блиску сум до смртта, и ја пишувам вистината заради луѓето.
Духот Христов, кој ми го даде Господ, сака сите да се спасат, сите да Го познаат Бога.
Господ на разбојникот му го даде рајот. Така Он и на секој грешник ќе му го даде рајот. Јас сум полош од смрдлив пес по своите гревови, но почнав да Го молам Бога да ми прости. И Он не само што ми прости, туку ми го даде и Светиот Дух, и во Светиот Дух јас Го познав Бога.
Ја гледаш ли љубовта Божја спрема нас? Кој може да го опише тоа милосрдие?
О браќа мои, паѓам на колена и ве молам: Верувајте во Бога, верувајте дека постои Светиот Дух, Кој сведочи за тоа по сите цркви и во мојата душа.
Светиот Дух е љубов. Таа љубов ги исполнува душите на светите небожители, и истиот тој Свет Дух е и на земјата во душите што Го љубат Бога.
Преку Светиот Дух небесата ја гледаат земјата и ги слушаат нашите молитви и ги принесуваат спрема Бога.
Господ е милостив, тоа го знае мојата душа, но не умее да го опише. Он е многу кроток и смирен, и кога душата ќе Го види, сета се менува во љубов спрема Бога и спрема ближните, и самата станува кротка и смирена. Но, ако човекот ја загуби благодатта Божја, плаче како Адам по изгонувањето од рајот. Тој ридаше и неговите лелеци ги слушна целата пустина. Неговите солзи беа горки од тага и тој со години ги лееше.
Така душата која ја познала благодатта Божја, кога ја губи, тагува по Бога и вели:
Тагува душата моја по Бога и со солзи Го барам.
Јас сум голем грешник, но ја видов големата љубов и милост Господова врз себе.
Уште од мал научив да се молам за оние што ќе ме навредеа. Велев: “Господи, не им го земај тоа за грев заради мене”. Но, иако сакав да се молам, не можев да го избегнам гревот. Но, Господ не си спомна за моите гревови, туку ми даде да ги сакам луѓето, и душата моја сака да се спаси целата вселена, и да биде во Царството небесно, гледајќи ја славата Господова и насладувајќи се со Неговата љубов.
Судам според себеси: кога Господ мене така ме возљуби, тоа значи дека сите грешници ги љуби исто така како и мене.
О љубов Господова; не е возможно да се опише, оти е безмерно голема и чудесна.

 

Божјата благодат дава сила да Го љубиме Љубениот. Душата непрестано ита кон молитвата и ниту за миг не може да Го заборави Господа.
Господи Човекољупче, како е можно дека не заборави на Својот грешен слуга, туку милостиво погледна на мене од висината на Својата слава и на несфатлив начин ми се јави?
Јас секогаш Те жалостев и Те натажував, а Ти, Господи, за моето мало покајание, ми даде да ја познаам Твојата голема љубов и неизмерна благост.
Твојот тивок и кроток поглед ја привлече душата моја.
Со што да Ти возвратам Господи? Каква пофалба да Ти воспеам?
Ти ја даваш благодатта Своја, за душата непрестано да гори од љубов, и таа ни ден ни ноќ не знае за покој од љубовта Твоја.
Сеќавањето на Тебе ја грее мојата душа и таа во ништо не наоѓа мир на земјата освен во Тебе. Заради тоа Те барам со солзи и повторно Те губам, и повторно умот мој сака да се насладува со Тебе. Но, Ти не го покажуваш Лицето Свое, иако по Него копнее душата моја и дење и ноќе.
Господи, дај ми единствено Тебе да Те љубам.
Ти ме создаде, Ти со светото крштение ме просвети, Ти ми ги простуваш гревовите и ми даваш да се причестувам со Твоето пречисто Тело и Крв. Дај ми и сила секогаш да пребивам во Тебе.
Господи, дај ни го Адамовото покајание и Твоето свето смирение.
Св. Силуан Атонски

 

[nggallery id=59]