Прашање:
Дали е задолжително, христијанинот да ги следи различните црковни „формалности“? Зошто не може да се верува во Бога, а притоа да не се посетува црквата?
Одговара: архимандрит Амвросиј (Ермаков)
Почитувана Наталија! Не случајно, зборот „формалности“ Вие го напишавте во наводници: и самите чувствувате дека не станува збор за празни условувања.
На пример, кога ќе се сретнеме едни со други, велиме „здраво“, кога ни прават некоја услуга – „благодарам“. Можеби тоа се непотребни формалности, кои ја притеснуваат нашата слобода? Во приличното општество, примено е да се оди долично облечен, да не се употребуваат нецензурирани изрази, да не се плука пред нозе. Можеби сето тоа се излишни условувања, кои не заслужуваат да им се обрати внимание? Знаете дека овој список може да се продолжува. На некои Абориџини дури и тоа, што ние миеме заби секој ден, ќе им изгледа „формалност“.
Постои една добра кинеска поговорка: „За да се покаже на месечината, потребен е прст, но тешко оној, кој прстот ќе го гледа како месечина“. Сите надворешни форми во Црквата служат за тоа, да ја видиме „месечината“, или поточно, Сонцето на правдата – Христос, Спасителот. Тешко на оној, кој надворешните обреди ќе ги гледа како нешто самодоволно.
Ако веруваме во Христа, треба да веруваме и на секој Негов збор. А Он рекол: „Ќе ја изградам Црквата Моја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“. И уште рекол: „Ако не го јадете Телото на Синот Човечки и не ја пиете Крвта Негова, нема да имате живот во себе“ (Јн. 6, 553). Причестувањето со Телото и Крвта Христови се случува во Црквата, која Он ја основал, ја оставил на апостолите и која ќе остане непоколеблива до крајот на вековите. Може ли истовремено да веруваме во Христа и да не Му веруваме на Христа? Може ли да веруваме во Христа, и да не бидеме во Неговата Црква?