„СПОРТОТ – НЕ Е САМО РАБОТА НА ТЕЛОТО, НО И НА УМОТ И ДУШАТА“

РАЗГОВОР СО ЏУДО-МАЈСТОРОТ, АЛЕКСАНДАР МИХАЈЛИН

Освојувач на сребрен медал на Олимписките игри во 2012 г, четирикратен светски шампион, 6 пати Европски шампион, 16 пати победник на турнирите на Светскиот куб, Гран-При, Големиот шлем, заслужен мајстор на спортот, а сега – советник на раководителот на Москомспорт за развој на џудото, Александар Михајлин, за тоа, каков треба да биде односот кон победите, што е поважно во спортот – работата на мускулите или на умот, зошто да се молите пред натпревари и како правилно да го изберете видот на спорт за вашето дете.

Александар, вие имате добиено голем број на титули, Олимписки награди, победници сте на меѓународни турнири. Го имате почувствувано вкусот на обедата. Што значи за вас победата?

– Веројатно малку необично ќе ви одговорам на тоа прашање. Кога добив Олимписки медал, кај мене дојдоа многу новинари да направат интервју – и видоа, дека олимпискиот медал лежеше под креветот: децата си играа со него. Тие беа шокирани: „Што правите?! Па тоа е олимписки медал!“ А мене, односот секогаш ми е ист кон медалите: медалот – и што. Можеби затоа и ги добив толку многу.

Секој натпревар за мене – е еден вид самостојна работа, или – во зависност од сложноста и сериозноста на натпреварот – тест, или матурски испит… За време на спортската кариера, човек добива многу такви самостојни работи и тестови. Ако си ја завршил својата работа правилно, тестот или домашната си ги положил. Затоа, јас веројатно повеќе се разочарував кога губев, отколку што се радував, кога победував: за мене, медалот – беше во редот на нештата. Доколку тоа беше 2-ро или 3-то место, јас можев да патувам во кола со жена ми, и да разговараме што не беше во ред, што не бев прв, туку втор. Такви нешта се случуваа. А кога победував – беше нормално. Тој е мојот однос кон шампионството.

Секој спортист се чувствува шампион, додека стои на пиедесталот и додека се свири химната на неговата земја. Потоа, сè е веќе историја, ти веќе не си шампион, тоа е минато.

– Од ваша гледна точка, како воопшто треба да се однесуваме кон победите – во спортот, во животот?..

– Победата – секогаш е добра! Кога победуваш, тоа е добро. Но, сосетка на тоа е суетата… Кога луѓето почнуваат да те почитуваат, може да не се справиш најдобро со тоа.

Секаде постои натпревар. И во детството: кој попрв ќе дотрча, и тн. – без медали, без сите тие назнаки, но сепак, истите натпреварувања едни со други. А сега, твојата победа – е признание за тоа, дека си најдобар во својата работа. И тоа е прекрасно.

– Ја спомнавте суетата. Навистина, некои спортисти паѓаат на тоа искушение, кое се нарекува „ѕвездена болест“. Дали и вие сте го имале истото? И како да се одолее на тоа?

– Сум го имал. Треба да се преживее. Самите да го одживееме. Иако велат, дека умните луѓе учат од туѓите грешки, тоа е глупост; додека сам не поминеш – нема да разбереш што ти се случува. Цело време си мислиш: не, мене такво нешто не ми се заканува…

А ако сме искрени, би рекол вака: сета таа „ѕвездена болест“ ја напумпуваат новинарите, печатот и луѓето кои почнуваат да те почитуваат. Спортистот победил – одлично. И тој така мисли: „Одлично! Добив медал!“ И тогаш почнува: „А дали вие чувствувате дека сте којзнае-каков убавец-јунак?!“; „Еј, гледајте, помина тој! Тој!!!“ Ти направиле неколку интервјуа, те поканиле на телевизија, секаде: „Ти си ѕвезда, сè!“ И човек, после месец-два од неговата олимписка победа, откако му направиле интервју, е сосема поинаков, отколку што бил пред сиот тој шум. Од него, оние на кои тоа им било потребно, направиле тоа што сакале. Тоа е невозможно да се избегне, и тука секој се справува сам. Најважно е – колку брзо ќе се справиш.

Јас, веројатно во 2001 година ја фатив таа ѕвездност. На 21 година одам на светски шампионат во две категории по тежина – во тешка и апсолутна – и победувам. Пред мене, таков резултат имаа четири луѓе: тројца јапонци и еден французин. То ест, јас – бев петти во историјата на тоа првенство, а во Русија – единствен таков. И навистина, паднав на ѕвездноста. И – сè започна. Имаше Универзијада во Кина, влегов во финале – и во финалето изгубив од едно момче. Да, како екипа победивме, први бевме – но лично, јас бев втор. И така, одиме на после натпревар во лифтот од хотелот, влезе една жена од организаторите и го праша нашиот тренер: „Каде е вашата ѕвезда? Се бореше денес?“ А јас стоев покрај него. Тренерот рече: „Да, се бореше. Заврши втор“. И таа погледна така… „За него тоа е исто како да изгубил“. И тоа толку ме погоди – што сè си застана на свое место: разбираш, да, ти си „ѕвезда“, но требаше да станеш само втор, и луѓето веднаш те спуштаат од небото. „О-о, за него тоа е исто како да е поразен“. После тоа, јас веќе не се „ѕвездев“, и сфатив што значи таа „ѕвездена болест“

– Спортот го усовршува, пред сè, телото, физичкиот дел од човекот. Дали тоа му противречи некако на духовниот живот? Може ли да му смета? Или пак има некаква соработка меѓу телото и душата?

– Секој вид на спорт има своја философија. Јас се занимавам со џудо – тој збор се преведува како „нежен пат“, то ест, сè треба да биде лесно, нежно… И меѓу боречките вештини, џудото е веројатно, еден од најинтелектуалните видови на спорт. Може човек да има огромна физичка сила, но тоа да не значи апсолутно ништо. Важна е техниката на борбата, а техниката – сепак е во главата. И не треба да се има само здраво тело, но и глава на плеќите. И тоа веќе зборува за духовниот развој. Треба да се разбираат, а не само слепо да се применуваат некакви механички дејства.

– И претседателот Владимир Путин се занимава со џудо. И вели, дека тоа не е само активност на телото, но и на умот. Би можеле ли да ги прокоментирате неговите зборови?

– Џудото – е еден вид шах на тепих. Ти со противникот како да играш шах. Во шахот, го намамуваш противникот, го тераш да направи онака, како што тебе ти е потребно, да го мрдне, да речеме, пионот таму, а ти со кралицата „да го собереш“… Истото е и во џудото: го тераш противникот да направи чекор во страната која тебе ти одговара, или да изреагира на твојот напад така, што ти ќе можеш да го изведеш својот чекор. Немајќи интелегенција, таквите сложени комбинации е тешко да се изведат. Така што, да, имаме интелектуален вид на спорт.

А пред борбата, ти го изучуваш противникот, гледаш на неговите зафати, изучуваш што може, а што не. Така, во 2012 година, на првенството во Европа, во финалето јас се борев со еден Унгарец. Тој е силен спортист, и претходно и јас го имав победено во префаќања, и тој мене. Јас знаев, дека кога напаѓам прв, нему му одговара, и некогаш и ме победуваше на тоа. И решив да ја променам тактиката: да дозволам тој да го направи првиот зафат. Борбата траеше 30 секунди, и јас победив.

Главата треба да се вклучи, за да се победи. Затоа и ги гледаш борбите на другите, гледаш што е подобро од гледна точка на тактика, стратегија. Како и во шахот, каде што постои „сицилијанска заштита“ и други комбинации. Има многу сличности.

– Набљудувајќи преноси на меѓународни борби, забележавме дека често, нашите спортисти пред својата борба се осенуваат со крсниот знак, а многу од нив носат и градни крстови. Што е тоа за спортистите – традиција, суеверие или вистински обид да се живее со Бога, и да се предаде тоа, што ќе се случи, во рацете Божји?

– Не можам да зборувам за сите, ќе кажам за себе: пред борбата, бараш помош. Јас не мислам, дека тоа е некаква традиција, зашто ние сме многунационална држава и имаме многу различни националности и религии. Но, еден вид ритуал, си имаат сите. Некој и се моли. А ако е муслиманин, тој треба да прави намаз петпати на ден, и мислам дека таквиот спортист, во неговиот намаз додава молба за помош. Мислам дека спортистите се доста религиозни луѓе.

– Тие го посетуваат храмот, богослужбите?

– Пред големите натпревари се трудиме да присуствуваме на служба. Цела екипа, доколку во неа има христијани, ги носат во црква. А дечките-муслимани одат во џамија. И тоа многу помага. Ќе спомнам една таков впечатлив настан. Во 1999 година, ние дојдовме во црквата на свети Георгиј Победоносец. Надвор врнеше дожд, времето беше ужасно. Отецот ја отслужи службата, излеговме – и сонце излегло! Толку беше добро! И тие што тој ден присуствуваа на службата, потоа сите добија награди. Тоа на сите остави силен впечаток. И им ја зацврсти верата.

Така што, пред борбите некој се крсти, некој во ќош ќе се помоли, ќе побара помош. Тоа не е за луѓето да гледаат, тоа не е мода. Не, тоа е вера.

– Александар, а дали спортот Ви помогна да се отворите, да се разберете себеси, можеби да се надминете себеси?

– Спортот ме научи на трпение. Веројатно, јас сум единствениот од спортистите, кој 12 години ја чекаше можноста да замине на Олимпијада. Обично, спортистите порано завршуваат со борбите, а јас сум толку години во екипа, што при мене се сменија шест тренери. Дечките, со кои што дојдов во екипата, си заминаа од спортот пред 10 години. Така што, ќе повторам, најважното на што ме научи спортот – е трпението.

Во 2005 година, јас станав трократен шампион на светот, и можев веќе да престанам да се натпреварувам – во тој момент, имав повеќе титули од доволно. Но имав желба да се натпреварувам и на Олимпијадата и да освојам злато. Злато не успеав, но сепак олимписки медал добив – тоа го постигнав.

– Зошто тоа е толку важно за спортистите?

– Важно е да се движиме напред. Ете, јас победив на младинското првенство во Русија, и веднаш размислуваш: ќе станам мајстор во спортот. Стануваш мајстор – мислиш: не, мајстор е малку, треба да се победат меѓународни натпревари. Победуваш и сакаш повеќе. А за секој спортист, кој се занимава со олимписки вид на спорт, триумфот на кариерата – е медал од Олимпијадата. Златото – е врв на блаженството, но и секој медал од Олимпијадата е исто така многу добар.

На мојот вид на спорт, јас му дадов многу години од животот, и би сакал да не бидат напразно. И тоа се труд и усилби не само мои, туку и на моето семејство, кое сите турбуленции на твоето расположение ги преживува со тебе. Понекогаш се нервираш пред натпревари, избувнуваш… Така што, мојот олимписки медал – е навистина семеен медал: сите мои блиски го посакуваа, сите за него се подготвуваа.

– Вие се натпреварувавте на Олимписките игри, добивте медал – и си заминавте од професионалниот спорт…

– Не, победувајќи го медалот на Олимпијадата, јас се согласив со главниот тренер да отидам во Бразилија со екипа на светскиот шампионат и да им помогнам да го освојат таму 1-то место. И навистина, тогаш, во 2012 год., се одржа светскиот шампионат по екипи, и рускиот тим победи. Покрај тоа што настапот на Олимпијадата беше великолепен – три златни медали, сребро и бронза, но и за првпат, истата година, нашата екипа стана шампион на светот во првенство на екипи.

– Но сепак, доаѓа момент кога треба да се замине од спортот и да се размисли што понатаму. Како спортистот го напушта спортот? Кога сфаќа, дека повеќе не може да напредува?

– Навистина, спортистите, како правило, си заминуваат, кога сфаќаат дека повеќе не можат да постигнуваат резултати. Никој не заминува во пикот на неговата спортска кариера. Јас познавам многу малку спортисти професионалци, кои си заминале навреме, да речеме, освојувајќи олимписки медал – затоа што после тоа, човек сака втор. Но, кога започнува падот, сфаќаш дека треба да прекинеш тогаш, додека светот сеуште те помни како шампион.

– Александар, посоветувајте ги нашите читатели, особено оние кои се занимаваат со спорт и сакаат да ги испратат децата во спортски секции, што не треба да забораваат? Што треба да помнат секогаш, за да станат вистински спортисти?

– Можам да кажам само за себе. За мене, секогаш беше важно моето семејство. И во сите периоди на животот – и во падовите, и во подемите – покрај мојот тренер и пријателите. Тоа навистина помага. Треба да имаме покрај себе рамо, кое ќе нè поддржи во секој момент.

А ако зборуваме за тоа, какви квалитети треба и не смее да има еден спортист… Подобро е да зборуваме за доброто, отколку за тоа што „не“. Така, на пример, детето треба да биде трпеливо, грижливо, треба да сака да се стреми кон нешто. Не велам дека треба да си прави некакви идоли, но истовремено треба да има некаква цел, треба да знае зошто се занимава со спортот. И родителите треба да му објаснат, а не само да му речат: „Оди, тренирај, така треба“.

Ќе ви раскажам една случка. Еднаш, дојде да ми направи интервју за некој весник една девојка, и нејзиното последно прашање, беше слично како вашето: „Што ќе им посоветувате на младите родители, кој спорт да го одберат за нивните деца?“. Јас тогаш им одговорив вака: „Доколку родителите сакаат нивните деца да заработуваат добри пари, нека ги пуштат на фудбал, хокеј, тенис. Што се однесува на џудото, пари нема да заработите, и треба многу да се тренира и да се биде многу добар спортист, за да се заработат доволно пари во џудотот“. Пауза, а потоа ме прашуваат: „А вие сигурно сте џудист?“ – „Да. И знам што зборувам“.

judo2

Второ: не треба родителите да го избираат видот на спортот за детето – тоа треба само да одлучи со што ќе се занимава, што му се допаѓа повеќе. Јас имам пет деца, и мислев дека сите деца ќе бидат џудисти, а средниот син посака да се занимава со балски танцови – тоа му се допаѓа. И успева во тоа. Одлично! И јас не сум против, иако би сакал сите мои деца да тргнат по моите стапки.

За детето да го постигне навистина оној резултат, кој може да го покаже, треба да го открие во себе својот талант. Родителите можат да го приведуваат до спортот: да водат со него спортски начин на живот, да скијаат, да трчаат… А да избере некој спорт, тоа веќе мора самиот. Затоа што, доколку згреши, детето може да ја изгуби спортската кариера.

Јас патувам по натпревари и забележувам, дека родителите најчесто ги пуштаат децата на некој спорт, за да реализираат свои неостварени амбиции. Тие знаат подобро од тренерите, како децата треба да тренираат, како да настапуваат на натпревари. Ќе почне натпреварот, и почнуваат: „Напред!“, „Прави така!“, „Сега вака!“. А тоа е неправилно. А кога децата ќе освојат некој медал, родителите уште малку не ги соблекуваат од нив да ги стават на себе, и горди шетаат по салата… Тоа изгледа многу неубаво. Плус, мајките-татковците почнуваат да се расшетуваат со тие деца.

Кога бев директор на една спортска школа (хокеј и фигурно лизнање), родителите не ги пуштав до мразот – во ходникот стоеше монитор, и преку него ги гледаа тренинзите. И еднаш, таткото на едно дете од 5-6 години доаѓа, и прашува дали може поблиску да гледа сè. „Зошто?“ – го прашувам. Ми одговара: „За дома да можеме да работиме над грешките“. Детето имаше пет години! Тој уште не се научил да лизга на лизгалките, а тие – „ќе работеле над грешките“, за тој да биде најдобар хокеист!

Мојата екипа се викаше „Јастреби“, добри дечки, добри тренери. Но, штом некое дете ќе дадеше гол – готово, тој е гениј: „Динамо“, „Спартак“, „ЦСКА“, чекајте нè! И ги земаа децата, а можеби децата во таа екипа би дале резултати, па дури и од „Спартак“ или „Динамо“ би доаѓале кај нас!.. Но не, заминуваа во „разработани“ клубови. Поточно, родителите ги носеа. А таму, во тие клубови, огромна конкуренција! И не е сигурно дека ќе те постават во првата „петка“. Но слушам: „И што! Ќе поседиме на клупа, ќе почекаме, но затоа, ако некој не дај Богу скрши нешто, ние сме таму, ќе го смениме…“

Родителите мислат дека нивниот син – е уште еден Овечкин или Малкин, дека ќе заработат пари од спортот. А за духовната страна на спортот, за тоа дека треба да се има здрав дух во здраво тело, никој не размислува. На сите им се интересни парите, кои ќе ги заработи нивното дете, за тие прекрасно да ја сретнат староста.

Извор: http://www.pravoslavie.ru/93446.html