Синаксар на Светата и Велика Среда

Стихови:
Една жена, излевајќи миро врз телото Христово, Го испревари Никодима кој носеше смирна за Покојниот.

Во светата и Велика Среда божествените отци ни заповедаа да го славиме споменот на жената блудница, која Го помаза Господа со миро, затоа што овој настан се случил пред страдањата на Спасителот. Откако Исус влегол во Ерусалим и бил во домот на Симон Прокажаниот, една жена пристапила до Него и излеала на Неговата глава скапоцено миро. Тоа, пак, се случило, според словото на Спасителот, за да се проповеда насекаде и меѓу сите нејзиното пламено дело.

А зошто таа го направила овој подвиг? – Затоа што ја видела Христовата сочувствителност и Неговата желба за заедништво со сите, особено кога видела дека влегува во домот на лепрозен, за кого Законот заповедал, како нечист, да се исклучи од заедницата. Жената си помислила дека ќе ја излекува нејзината душевна болест, како што ја излекувал неговата лепра. И така, додека Он седел на трпезата, над главата Му го излеала мирото, чија цена била околу триста динари, односно шеесет асарии, или десет пенези, или три сребреници. Учениците ѝ се заканиле, а најмногу Јуда Искариот, но Христос ја заштитил, за да не ја пресечат нејзината добра намера. Така Он го напомнува и Своето погребение, го одвраќа Јуда од предавството, и жената ја удостојува со чест, дека насекаде во светот ќе се проповеда за нејзиното добро дело.

Некои мислат дека оваа жена е истата кај сите евангелисти. Но, не е така, туку кај тројца од нив, како што вели божествениот Златоуст, е истата, и се нарекува блудница.

Но, кај Јован, пак, не е таа, туку некоја сосема друга, која имала чесен живот, односно Марија, сестрата на Лазар, која не била блудница, и од Христа била возљубена. Впрочем, оваа Марија во својот дом во Витанија, шест дена пред Пасха, кога седела на трпезата, го извршила помазанието со миро, излевајќи го на Неговите прекрасни нозе, и со косата бришејќи ги, трошејќи цело богатство, како да Му принесува дар на Бога. Таа знаела сигурно дека и при принесувањето жртви на Бога, се принесува елеј и дека свештениците со миро се помазуваат, и дека и Јаков помаза камен на Бога (2. Мој. 30,30-31; 1. Мој. 28,18; 35,14). Значи, овој дар таа му го принела на Учителот, како на Бога, но и поради оживувањето на нејзиниот брат. Затоа нејзе не ѝ се ветува награда, а Јуда, како лаком, се побунува.

Втората, пак, очигледно е жената блудница, која два дена пред Пасха, додека Христос сè уште бил во Витанија, и тоа во домот на Симон Прокажаниот, каде што и тогаш седел на вечерата, го излеала скапоценото миро на Неговата глава, како што раскажуваат светите Матеј и Марко. Поради таа блудница негодуваат и учениците, во (својата) ревност превидувајќи го точно она што Христос го подготвил за неа. А Христос ја наградува со тоа што насекаде по светот ќе се прославува нејзиното добро дело.superbox-full-14

Некои, пак, велат дека таа е истата, но Златоустиот зборува за две жени. Има некои што велат дека тие биле три: двете гореспоменати, кои се појавиле кога наближило страдањето Христово, а третата била пред нив, односно прва, која го направила тоа во средината на проповедта на Евангелието, која и самата била и блудничка и грешничка, и која не во домот на прокажаниот, туку кај Симон фарисејот одеднаш го излеала мирото врз нозете на Христа, кога и еден фарисеј се соблазнил, а нејзе, пак, Спасителот ѝ дарувал прошка на гревовите. За неа, како што рековме, зборува само божествениот Лука во средината на своето Евангелие(7, 36-50). По раскажувањето за оваа блудница, веднаш го наведува следново: „Потоа Он одеше по градовите и по селата, проповедајќи го Евангелието за Царството Божјо”. Тука се покажува дека тоа не било за време на страдањата.

Значи, заклучуваме и според времето и според оние што го примија, и според местата, и лицата и домовите, како и според природата на миропомазанието, дека тоа се три жени: двете се блуднички, а третата е Лазаревата сестра Марија, која блескала со чесен живот. И еден е домот на фарисејот Симон, а друг е на Симон Прокажаниот во Витанија, а трет, пак, е домот на Марија и Марта, сестрите на Лазар, во Витанија, како што тука се подразбира.

Имало и две вечери на кои присуствувал Христос, и двете во Витанија: првата била шест дена пред Пасха, во домот на Лазар, кога со Него јадел и Лазар, како што ни раскажува Синот на громот, велејќи вака: „На шест дена пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите. Таму Му приготвија вечера и Марта го послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата. А Марија, како зеде литар чисто скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја нозете Негови” (Јован 12,1-3). Втората вечера била два дена пред Пасха, додека Христос се уште се наоѓал во Витанија, во домот на Симона Прокажаниот, кога и блудницата дошла кај Него, излевајќи го скапоценото миро, како што ни раскажува свети Матеј, кога Христос им вели на учениците: „Знаете дека по два дни ќе биде Пасха”. И повторно вели: „А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот, се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцено миро, и го излеа врз главата Негова, кога Он седеше на трпезата” (Матеј 26,1; 6-7). Со него се согласува и Марко, велејќи: „По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници… А кога беше Он во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот, дојде една жена…” итн. (Марко 14,1-3).

Оние што тврдат и говорат дека кај четворицата евангелисти е истата жена која Го помаза Господа со миро, кои мислат дека се едно Симон, фарисејот и лепрозниот, кого што некои го претставија и како татко на Лазар и на неговите сестри Марија и Марта, и дека една е вечерата, и еден е домот во Витанија, во којшто се подготви и горната одаја, и во која беше Тајната Вечера – тие не размислуваат добро, бидејќи овие две вечери на Христа беа надвор од Ерусалим, во Витанија, шест дена и два дена пред законската Пасха (како што рековме), и кога жените на различен начин Му принесоа миро на Христа. А Тајната Вечера и украсената горна одаја, беа во Ерусалим, еден ден пред законската Пасха и Христовите страдања. Некои велат во домот на некој непознат човек, а некои во домот на неговиот љубимец и ученик Јован, во светиот Сион, каде што и учениците, поради стравот од Јудеите, биле скриени, каде што било и сведочењето со допир на Тома по воскресението, и слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, каде што се случиле и други неискажливи и таинствени работи.

Затоа чинам дека е вистинито мислењето на Златоуст дека се работи за две жени: едната, како што е речено кај тројцата евангелисти, е блудница и грешница, која го излеа мирото врз главата Христова; а другата, како што е речено во Евангелието по Јован, е Марија, сестрата на Лазар, која го донесе (мирото) при Христовите божествени нозе и врз нив го излеа. Една е вечерата во Витанија, а друга е Тајната (вечера). И јасно е дека по раскажувањето за оваа блудница, Спасителот ги испраќа учениците во градот за да ја подготват Пасхата. „Одете, им вели, во градот и на оној речете му: „Учителот вели: при тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои” (Матеј 26,18). И повторно: „Ке ве сретне човек со стомна вода и тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе” (Лука 22,10-12). „А тие кога отидоа”, вели, „најдоа како што им беше рекол и ја приготвија Пасхата” (Лука 22,13), очигледно онаа законската, која се наближуваше и која ја изврши со учениците, како што вели божествениот Златоуст.

И потоа, кога беше вечерата, односно Тајната Вечера, и кога на неа го изврши божественото миење (Јован 13, 3-15), повторно седна и ја предаде нашата Пасха на трпезата, како што тоа го раскажува Јован Златоуст, и тоа така и било. А божествениот Јован, како и Марко, божествените евангелисти, кажуваат и за квалитетот на мирото, кое го нарекуваат вистинско и скапоцено. Тие го употребуваат зборот пистикон, што значи вистинито, нелажно, нерастворено и сочувано во чистота, а изгледа дека тоа е назив за некое посебно и чисто миро. А Марко додава дека жената од ревност го скршила и садот, кој е со тесно грло, и се нарекува алабастер. Тоа, пак, е стаклен сад, како што вели свети Епифаниј, направен без ниту една дршка, кој се нарекува и викион. А тоа миро било составено и од многу други нешта, но најмногу од: смирна, миризлив цвет на цимет, односно од миризливото стебленце, и од масло (елеј).

Но, Ти, Христе Боже, Кој се помаза со духовното миро, ослободи нè од страстите што надоаѓаат и помилувај нè, како единствен свет и Човекољубец. Амин.

 Од Посниот Триод

Преземено:http://www.mocdanz.org.au