Психијатријата во црковни рамки – 1 дел

-Протоереј Григориј Григорjев за здравствената нега на душевно болните

Што претставува душевната болест од црковна гледна точка? Може ли свештеникот на себе да го земе товарот на лекар на душата – не само како пастир, туку и како лекар кој е повикан на измачениот од болеста да му даде одмор не некаде таму, туку во овоземниот свет? На оваа тема разговаравме со докторот по медицина и настојател на храмот „Раѓање на Св. Јован Претеча“ во селото Јуку, во Виборската епархија, протоереј Григориј Григориев.

Демоноопседнати има малку, мнозинството се болни.

-Отец Григориј, порано постоала традиција сите психички заболувања да се припишуваат на опседнатост…

-Мислам дека демоноопседнатоста во чиста форма, е многу ретка појава. Почесто, таа се надоврзува на психичката болест, и се поистоветува со неа. Еве, веќе како 40 години работам на психијатрија, и навистина, со демоноопседнати сум се сретнал најмногу 10 пати. За мене демоноопседнатоста претставува Божја Промисла, која е невозможно да се разбере. Само три моменти во нашиот живот зависат од Бога: Раѓање, смрт и опседнатост од зли духови. Како случајот со бесомачните гадаринци, кога демоните го запрашале Бога за дозвола да отидат во свињите, така е и во сите други случаеви: без Божјата волја, бесовите не можат да се вселат во човекот. Мислам дека демоноопседнатоста во краен облик е лечење, кое Господ го допушта и кое потоа го исцелува, пред сè од атеизмот. Бидејќи оној кој преживеал демоноопседнатост, никогаш повеќе нема да биде атеист. Така се приближува Бог. Секако, ако човекот се покае.

– Ајде тогаш, да пробаме да објасниме што значи тоа психичко растројство.

– Големиот советски психијатар Димитриј Јевгењевич Мелехов, кој се смета за основач на социјалната психијатрија, бил човек со длабока вера. Дури по неговата смрт, била објавена неговата книга „Психијатријата и проблемите во духовниот живот“. Мелехов издвојувал три облици на психички заболувања. Прв облик: заболување, предизвикано од повреда на мозокот, видлива и невидлива повреда – потреси, тумури, токсикација. На пример, при консумирање на алкохол и наркотични средства, доаѓа до хемиски оштетувања. Во такви случаеви, неопходна е помош од лекарства. Друг облик: кога не постои никаков физиолошки супстрат. тоа заболување Мелехов го нарекол духовно растројство. Трета варијанта – мешовит тип на растројство. Потоа, духовното растројство е и тоа како специфично по тоа, што методот со лекарства во такви случаеви не е многу делотворен. Пациентот се лечи, а резултатите се мали. И тогаш, според зборовите на Мелехов, помага Црковната Тајна, молитвата. Затоа, тој мисли, дека секогаш, покрај духовно заболениот човек мора да има лекар психијатар и свештеник.

Медицинско-црковна соработка

-Што е во тој случај, раководството на душевно болните?

-Тоа е кога лекарот и свештеникот работат заедно. Лекарот го спроведува медицинскиот од дел од работата. Но, лечењето со лекови е само „поставување на изолација на проводник кој искри“, исклучување на заболените делови точно пред распаѓање. Свештеникот ја извршува духовната работа, пред сè, ги извршува Светите Тајни на Црквата: Елеосвештение, Исповед, Причестување. Порано, во Русија, во кругот на психијатриските болници се граделе болнички капели. Свештеникот и Лекарот биле колеги. Само на една Воено-медицинска академија има преку 50 клиники. При секоја, имало храм. Литургија се служела секој ден.

-Како да познаеме каде заболувањето има духовен фактор, а каде треба и „проводникот да го замотаме со изолир“?

– Свештениците биле повикувани кај болниот, кога долготрајното лекување со лекарства не давало резултат. Откако свештеникот ја извршил Светата Тајна, се гледало дали ќе има промена на ситуацијата на болниот или не. Потоа, следниот пример: мојот блаженоупокоен духовен отец, Протоереј Василиј Лесњак, беше настојател на Шувалскиот храм и исто така соработуваше со психијатрите. Во една прилика, дошла една жена и му рекла: „Мојот син лежи во болницата И. И. Скворцова-Степанова, веќе неколку месеци. Не можат да го излечат од тешката психоза. Лековите не делуваат. Докторите ме советуваа да се обратам до вас“. Баќушката се помолил во олтарот и рече: „еве ти мајко нафора, ако син ти ја земе, јас ќе можам да му помогнам, ако не нема да можам“. Кога мајката отишла на посета кај синот, тој ѝ излегол во пресрет, и сам побарал: дај ми го тоа што си го донела. После неколку дена го пуштиле. Лично тој, сам дојде во црквата, при Отец Василиј. Имаше духовно заболување.

-Дали тоа значи дека духовната болест од душата може да се открие само преку експериментален пат?

-Овде на друг начин и не е можно. Дури и при лечењето со лекови, лековите се бираат експериментално. На некој ќе му одговараат едни лекови, на друг други. Критериум е самиот пациент.

ПРОДОЛЖУВА

 

Превод: Андреј Талевски

Извор: http://www.pravoslavie.ru/srpska/102087.htm