Господ нè љуби толку многу, што не можеме ни да си претставиме колку. Го гледаме Крстот, и знаеме, дека Тој се распнал за нас и умрел во страдања, и притоа душата не може да ја разбере таа љубов, но ја познава само преку Светиот Дух.
Благодатта на Светиот Дух е толку слатка и милоста Божја е толку голема, што е невозможно да се опише. Но душата се стреми кон Него ненаситно, затоа што е распалена од Божјата љубов и се успокојува во Него, и потполно го заборава светот. Но, милостивиот Господ не го дава тоа постојано*. Понекогаш дава љубов кон целиот свет и душата плаче за светот, и го моли Владиката, благиот и милостивиот, да ја излее Својата благодат врз секоја душа и да ја помилува со Своето милосрдие.
Како да ти возвратам, Господи, што си подарил толку милост на мојата душа? Те молам: дај ми да ги гледам своите гревови и постојано да плачам пред Тебе, зашто Ти ги љубиш смирените души и им го даваш Светиот Дух.
Боже милостив, прости ми. Ти гледаш како се стреми душата моја кон Тебе, мојот Создател. Ти ја рани мојата душа со Твојата љубов и таа гладува за Тебе, бескрајно тагува и ненаситно се стреми кон Тебе ден и ноќ, и не сака да гледа во овој свет, макар и што го сакам, но повеќе од сè го љубам Творецот, и мојата душа Те бара Тебе.
О, Создателу мој, зошто јас, твојата мала творба, сум Те повредувал толку многу? Но, Ти не си спомнувај за моите гревови.
Ако луѓето знаеја каква е Божјата љубов, сите ќе се стрчаа кон Христа и Тој би ги згреал сите со Својата благодат. Неискажано е Неговото милосрдие: од Божјата љубов душата го заборава земното.
Господ многу го љуби грешникот кој се кае, и милостиво го притиска во Своите прегратки: „Каде беше, чедо Мое? Јас одамна те очекувам.“ Господ ги призива сите кон Себе Си со евангелски глас: „Дојдете при Мене сите изморени и Јас ќе ве успокојам. Дојдете и пијте од живата вода. Дојдете и спознајте, дека ве љубам. Ако не ве љубам, Јас не би ве викнал. Не можам да поднесам да погине и една Моја овца. И за една, добриот Пастир оди во планината и ја бара.
Дојдете при Мене, овчички Мои. Јас ве создадов и ве љубам. Мојата љубов кон вас Ме доведе на земјата и Јас претрпев сè заради вашето спасение, и сакам вие да ја спознаете Мојата љубов и да кажете како апостолите на Тавор: „Господи, добро ни е со Тебе.“
Милостивиот Господ ни Го дал нам, грешните, Светиот Дух и не сака никаква отплата, туку го прашува секој од нас како апостол Петар: „Ме љубиш ли?“ Господ сака од нас само љубов и се радува на нашето обраќање. Такво е Божјото милосрдие кон човекот: престанал човекот да греши и се смирил пред Бога, и Господ милостиво му проштева сè и му ја дарува благодатта на Светиот Дух и сила да го победува гревот.
Свети Силуан Атонски
http://pravoslaven-sviat.org/2016/11/15/%D0%B7%D0%B0-%D0%BB%D1%8E%D0%B1%D0%BE%D0%B2%D1%82%D0%B0/
Чудесно нешто: човекот се одвраќа од својот брат, кога е беден или нечист, а Господ како нежнољубивата мајка кон своето дете, сè ни проштева, не се гнаси од никакви грешници, дури им ја дарува благодатта на Светиот Дух.
Ако луѓето ја беа познале љубовта на Господа кон нас, би се препуштиле целосно на Неговата света волја и би живееле успокоени во Бога, како царски деца. Царот се грижи за сè: и за царството, и за семејството, и за синот, и за децата, а синот живее спокојно во дворецот; сите му служат, а тој, без грижи, се насладува на сè.
Така и предадениот на Божјата волја живее в покој, задоволен од својата судбина, макар и да е болен, беден или прогонуван. Тој е спокоен, бидејќи со него е благодатта на Светиот Дух, и сладоста на Светиот Дух го утешува, и тој тажи само за тоа, дека многу го ожалостил љубениот Господ.
Ах, како треба да се живее на земјата, за да може душата секогаш да чувствува, дека е заедно со Бога. Господ кажал: „Нема да ве оставам сираци“ и ни го дал Светиот Дух, и душата треба да чувствува, дека Божјиот Дух живее во неа. Макар и да има малку благодат, сепак душата ја осеќа Божјата љубов, чувствува, дека Господ е наш, а ние Негови. А кој што не е таков во својата душа, во него е изгубена благодатта.
Душата чувствува, дека Господ ја љуби независно од многуте нејзини гревови. Така, како што му рекол Господ на Захеј: „Захее, … денес треба да бидам во домот твој“ (Лука 19:5), и тоа само затоа што тој сакал да го види Христа; така станува и денес со грешникот, кога душата му се обрнува кон Бога.
Денес луѓето се отклонија од добриот пат и станаа немилосрдни, се ожесточија, нема веќе љубов, затоа и не ја чувствуваат Божјата љубов. Поради жестокоста на своето срце луѓето мислат, дека и Бог е таков, какви што се тие, и целосно ја губат верата во Него.
О, ако беше возможно, би им го покажал Господа и би им рекол: „Видете каков е Господ. Пред лицето на Неговата љубов, душата на човекот се топи.“ Но таа љубов не може да се согледа со обичниот наш ум. Таа се познава преку Светиот Дух.
Господи, дај ми да пролевам солзи за себе и за целата вселена, за да можат народите да Те познаат и да живеат вечно со Тебе.
Господи, удостој нè со дарот на смирениот Свет Дух, за да ја видиме Твојата слава.
Душата ми е натажена до солзи: жал ми е за луѓето, кои што не ја познаваат сладоста на светото умиление. Душата моја силно посакува Божјата милост да биде со сите, и целата вселена, сите луѓе да ја спознаат колку силно нè љуби Господ, како најсакани деца.
*[зашто тешко душата може да издржи толкава благодат. заб.ред]
Превод: Божидар Маслинко