Старец Порфириј за бракот – II

Еднаш го возев старецот до неговиот исихастирион и по патот ми раскажа за следново: „Еднаш порачав едно такси за да си одам до дома. Кога влегов во колата, шоферот го вклучи радиото и почна да слуша поп-фолк песни. Му реков: – Се извинувам, јас не сакам такви песни, дали ќе можеш да го исклучиш радиото? – Добро, отец – ми одговори и го исклучи радиото. После тоа го прашав:

-Како се викаш?

-Василиј.

-Добро, Василиј, имаш ли деца?

-Да, две.

-Е, Василиј, твоето поголемо дете многу личи на тебе.

-Да, личи, од каде знаете отец?

-А каде се твоите деца?

-Тие во едно село со мајка им.

-А ти, како живееш тука сам?

-Па, ние се разведовме, отец. Јас живеам тука, а таа со децата – таму.

-Како така Василиј? Ти си ги оставил децата сами и воопшто ли не се трудиш повторно да се соберете со жената и децата?

-Тоа е невозможно, отец! Многу време помина откако се разведовме и сега јас немам никаква работа таму.

-Зошто? – го прашав. – Сакаш ли да ти помогнам да се соберете заедно со твоето семејство?

-Како ќе го направиш тоа отец?

-Какво значење има тоа „како“? Кажи ми сакаш или не, а за останатото сам ќе се погрижам.

-Добро, се согласувам.

Ние заедно отидовме до селото, каде живееја мајката и децата. Кога дојдовме до куќата, тој ми рече:

-Јас од колата нема да излезам, ќе останам тука.

-Добро, му реков, остани.

Јас влегов во колата, поразговаравме со жена му, ние, заедно со неа дојдовме до колата и тие се помирија. Ете тоа е приказната.

* * *

Во мај, 1972 година, еден младич, духовно чедо на отец Порфириј, го посетил старецот во храмот Св. Николај Во Калисија, каде што тој тогаш живеел, за да се посоветува со него за едно негово лично прашање.

Отец Порфириј го сакал тој млад човек, го сметал за член на своето семејство и бил многу радосен за неговата посета. Истото го чувствувало и момчето. Но пред сè, за него тој бил старец.

Нивниот разговор траел веќе неколку часа, преминувајќи од прашање на прашање, кога Отец Порфириј рекол:

-Е, а сега кажи ми за тоа, кое нај многу од се те интересира.

-Вие од каде знаете? Јас никому не сум му кажал за тоа.

-Ајде, ајде, благословен, кажувај…

Всушност, во тоа време, момчето се запознало со една девојка. Пред да ги сподели со неа своите чувства, тој сакал да го слушне мислењето на старецот. Така постапувал секогаш. Ако Отец Порфириј нешто не одобрувал, тој не преземал никакви чекори. И така тој со сите подробности му  раскажал на старецот за своите планови и го замолил за совет.

-Имаш ли слика од таа девојка? – запрашал Отец Порфириј.- Дај ми ја.

Земајќи ја сликата во своите раце тој долго ја разгледувал.

-Што гледате, старче? Зошто ништо не кажете? Добра е или не?

-Таа е многу добра девојка, само ќе ти биде многу тешко со неа.

– Е тогаш јас ќе престанам да се гледам со неа.

-Не! Ти сакаше доктор и доктор доби. Ти молеше од Бога лекар, и тој ти даде лекар. Што си побарал тоа и си добил. А сега кажуваш ќе престанам да се гледам. Сите твои познати ја бендисуваат. И твоите родители се задоволни од неа. Тие сакаат во својата старост да те видат устроен и чесен. Така што, напред! Јас ќе се молам многу за вас. Твојата невеста ќе ја примам како мое духовно чедо, како што те примив и тебе. Вие заедно ќе доаѓате кај мене, а јас ќе ви помагам, ќе ве љубам, ќе се гордеам со вас. Сите, со Божја помош ќе бидете добри.

Така и се случило. Момчето се оженило за таа девојка и таа станала духовно чедо на старецот. Отецот многу ја сакал. Но тој брачен пар го започнал својот живот низ маки, растројства и страдање. Имало доста таги. Како последица од постојаните грижи, се случило младата жена никако да не може да стане мајка. Никакви утешителни зборови од страна на старецот не помагале. Нејзината вознемиреност достигнала кулминација, и таа решила да си направи болен и скап медицински зафат. Отец Порфириј ни најмалку не отстапувал од своето:

„Ќе имаш дете! Не троши напразно пари. Пак ти кажувам, ќе имаш дете!“

И навистина, за скоро време на таа жена ѝ се родило прекрасно момче, дар Божји, благословен од раката на самиот старец.

Треба да се забележи дека, тие сопружници имале само едно дете. Затоа и отецот Порфириј ѝ кажал „Ќе имаш дете“, а не „Ќе имаш деца“. Оној, кој внимателно се однесувал со старецот, лесно ја разбирал сокриената смисла на неговите зборови.

Гледајќи го за првпат новородениот младенец, тој им рекол на среќните родители:„Тоа дете е плод на многу молитви“.

 

Извор: http://pravoslaven-sviat.org

Превод: Андреј Талевски

Претходно: Старец Порфириј за бракот – I дел