Се сретнав со старецот Пајсиј Олару за време на аџилак во манастирот Сихастрија и скитската област Сихла заедно со моите соученици и со мојот почитуван отец и професор Константин Галериу, којшто се покажа како извонреден истражувач на духовни богатства.
Додека студирав богословија во Букурешт често бев советуван од страна на некои учени луѓе да читам свети текстови напишани во оригинален јазик, но и да учам што е можно повеќе други јазици. Во еден период западнав во голема егзистенцијална криза којашто ме натера длабоко да размислувам за смислата на мојот живот. Изморен и збунет, се одлучив да направам полна исповед (почнувајќи од моето детство) пред најскапоцениот духовен отец којшто сум го сретнал-старецот Пајсиј Олару.
Во еден од моите разговори со архимандритот Никодим Сакеларие, ми рече: “Старецот Пајсиј и старецот Клеопа се вистински монаси и големи исповедници. Од нив може многу да се научи.”
Така, купив билет за воз од Букурешт за Молдова. Иако трчав за да го стигнам, возот ми побегна. Гневен и вознемирен, се вратив на билетарата по нов билет за следниот воз, иако овојпат ќе мораше да патувам по цела Романија. Така, се качив на овој воз и после подолго патување продолжив со автобус. Потоа пешачев од Агапиа до Сихла. Со себе понесов еден куп белешки во кои детално ја имав обработено својата исповед за кај овој свет човек.
Тој живееше во малечка куќарка десно од црквата на ридот. Точно пред да стигнам до куќарката на старецот настана силна бура која се истури врз сите поклоници кои беа дојдени да го видат. Го пронајдов во јужната страна од ова место, во една малечка градина сместена помеѓу карпи. Му се приближив, ја бакнав неговата рака, замолив за благослов, и многу директно побарав да ја слушне мојата исповед. Тој веднаш ми одговори дека тоа е невозможно.
Збунето, си помислив дека не бев доволно љубезен и дека прво требаше да почнам некаков разговор пред да посакам да се исповедам. Почнав разговор и одново побарав да ме исповеда, но старецот Пајсиј одби. Пробав да го убедам и по третпат, но ме одби категорично.
Незадоволен и збунет, го запрашав зошто? Неговиот одговор беше:
-Не можам, јас сум слеп.
Неговиот одговор како молња помина низ мене. Тогаш помислив: “Никогаш не би можел да го носам неговиот крст. Така никогаш нема да можам да ги читам светите текстови напишани на оригиналните јазици. Тоа би било пропаст за мене. Не би можел да понесам таков товар! Зошто си го сторил тоа со овој твој сакан ученик Боже?”
Но, тоа не беше моја работа. Сепак, помислив: “Подобро мртов, отколку слеп.”
Тежината на неговиот крст ме потресе. Но мојата суетна тврдоглавост ми донесе нова мисла: “Тој не мора да ме гледа, треба само да ме ислуша.” По ова, чув прашање што дојде од него до мене:
– Знаеш ли каде се наоѓа најлошото место?
– Не знам-му одговорив.
– Најлошото место се наоѓа таму кај што сум – рече.
По ова, повторно го замолив да ме исповеда. Неговиот одречен одговор во мене донесе нова мисла: “Зошто не сака да ме исповеда? После сè, јас сум сепак образован човек, а тој е обичен човек без некакво посебно образование..?” По ова, следуваше серија од прашања кои ми ги постави:
– Зошто дојде при мене? Јас сум едноставен и необразован човек. Зошто не отиде за исповед и разговор кај некој од твоите ценети учители, како: отец Станилое, отец Галериу и други слични на нив?
Останав вчудоневиден. Во неговото присуство добив чувство како да сум во некој друг свет. Времето, просторот и длабочината на неговите зборови, како да доаѓаа од некоја друга димензија. Бев изненаден од информациите кои ги знаеше за мене, иако не му се ни претставив, а тој ги знаеше и моите професори. Се огледав наоколу и немаше никој. Немаше ниту телефон или електричен кабел, како до него би стигнала некаква информација, а никому немав ни кажано за мојата намера да се исповедам пред старецот Пајсиј.
Со ова сфатив дека е исклучително харизматичен старец кој од Бога има дар на прозорливост.
Повторно почнав да го молам, објаснувајќи му за мојот тежок пат додека стигнам до него. Нему сето тоа му беше веќе познато, но сепак одбиваше, велејќи ми дека “некои карпи се навистина тешки за поместување.” Сфатив дека со тоа упатува на состојбата на моето скаменето срце. Тој ја цитираше следната мисла на еден од светите пророци: “Нашите срца мора да се обноват и од камења, одново да станат срца од месо, коишто Бог ќе ги обнови преку Неговиот Свет Дух.”
Силата на неговата внатрешна молитва беше доволно голема за да го разруши каменот во моето срце.
Колку горко беше неговото одбивање помешано со моето нахрането его. Пробав уште еднаш да го убедам. Овојпат, неговиот одречен одговор беше проследен со следните зборови: “Јас сум ужасен човек, многу упорен и горд.”
Сфатив дека неговите зборови беа огледало на мојот внатрешен живот. Тогаш решив да се откажам убедувајќи се себе си дека не треба повеќе да му одземам од времето и дека е време да си одам. Но, ме изненади велејќи ми: “Сега, мое сакано чедо, можам да ја слушнам твојата исповед.”
Ми ја подаде раката и заедно отидовме во неговата скромна келија во која имаше малечки прозорци. Си го облече епитрахилот и фелонот, запали свеќа и почна да ги изговара молитвите пред Светата Тајна исповед. Тогаш ги извадов своите белешки, обидувајќи се да најдам малку светло за да можам да прочитам и да се погрижам за сите детали.
И одново, старецот ме изненади. Откако заврши со својата молитва, почна да ги набројува сите нешта од моите белешки по идентичен редослед како што и самиот го подготвив. Чувствував пламен од емоции и мисли. Тоа траеше половина час. Тогаш ме обзеде мисла: “Старец Пајсиј е свет човек, но не е Господ Бог.” Отпрво мислев дека е сосема случајно што знае неколку работи за мене, но после 45 минути почна да го изговара секој збор напишан на моите белешки. Тогаш се запрепастив.
Со тажен глас ме праша: “Синко мој, зошто уште се сомневаш?” Тогаш сфатив дека сето она што ми го кажа, велејќи ми дека сум слеп, глупав, со срце како камен, тврдоглав, горделив, и сите други обвинувачки зборови, беа кажани со цел во мене да ги пробуди смирението, покајанието и солзите. После ова, тој го промени својот начин на исповед.
Тој ми го кажа сето она што беше во мојот ум и во моето срце, и она што беше запишано во моите белешки, во разговор кој продолжи во наредните три часа. Во еден момент застана, преправајќи се дека е налутен поради моето молчење (повеќе за да го прикрие својот дар) и ми рече:
– Еден час ме молеше да ја ислушам твојата исповед. Зошто сега молчиш?
Јас му одговорив: “Оче, ти сè кажа за мене. Немам што да дополнам на тоа.”
После тоа ми се обрати на начин и со име како што тоа мојата мајка го правеше кога бев дете. Па ми ги кажа имињата на моите родители, роднини, колеги, пријатели, учители; мојата возраст, занимање, значајни детали од мојот живот и детали поврзани со луѓето од мојот живот. Стотици имиња и информации, што во даден момент помислив дека ниедна институција којашто се занимава со прибирање на информации, не може да се мери со познавањата на овој човек.
Дополнително бев изненаден, кога ми зборуваше за некои идни случувања, за манастирот св. Стефан Велики во Путнам, за влијанието на политичките власти некогаш и сега итн.
Почувствував неописива радост во моментот кога ја изговараше разрешителната молитва, а настаните коишто подоцна се случија, беа идентични како и неговите предвидувања и се остварија со математичка прецизност.
Автор: Протосингел Константин Кирил
Превод: Влатко Стојковски
Извор: http://pravoslaven-sviat.org/