29-ти април/12-ти мај, 1970 г.
Преподобен Мемнон.
Драги во Христа, Владимир и Силвија [Андерсон]
Христос воскресна!
Добивме писмо од Крег Јанг каде ни кажа за своите “Хинду” читања и за вашата реакција на тоа. Му одговорив со излагање на православните принципи поврзани со ова (избегнување на еклектицизмот, промена на целиот живот (вклучувајќи ги и навиките за читање, за прифаќање на Православието, итн.) Во неговиот одговорот, кој го добивме вчера, се чини дека ја разбра смислата и е сосема подготвен да се откаже од своите “еклектични” читања. Тој изгледаше доста потресен од вашата реакција, а тоа несомнено помогна во неговото “разбирање” на начин кој „пореален” не може да биде. Сепак, тој мисли дека се имаат замешано лоши чувства меѓу вашите две семејства, до степен до кој тие мислат дури и за одложување на нивното пристапување кон црквата, додека ова не се надмине. Се молам дека ова е само едно недоразбирање (ѓаволот е секогаш побрз да се разбуди, особено во оние кои се спремаат да направат еден ваков важен чекор), и дека набрзо ќе се расчисти. Во своето писмо до нас, Крег се покаја за својата интелектуална гордост и самодоверба, и ми се чини дека е доста подготвен да ги согледа работите од православна гледна точка, по овие прашања. И двајцата се уште млади во верата (сè уште во утробата, всушност!) И со време и искуство, тие ќе дишат во православен дух. Сега, кога ги „потресовте“ малку, се надевам дека ќе им разјасните дека ништо лично не е вклучено. Ќе биде трагедија ако буквално, двете единствени православни семејства во северна Калифорнија, не бидат во мир и хармонија едно со други! За “стипендијата за самореализација,” јас сретнав нешто во моите денови на “потрага”, кога ги истражував сите видови на Источни религии. Се чини дека е повеќе производ на пост-протестантско сектантство од видот “Нова мисла”, наизглед на псевдо-хиндуизам. Нивното седиште порано беше недалеку од Сан Диего, каде што сум роден, и се сеќавам кога поминував пред нивните сини куполи (повеќе како руски куполи!) со штанд за сендвичи од печурки (видов дека се вегетаријанци) на автопатот меѓу Сан Диего и Лос Анџелес.
Јас просто не знам што да правам со времето. Ја посеавме нашата летна градина, и потоа вчера врнеше снег неколку часа, а денес изгледа ќе врни повеќе.
Молете се за нас.
Со љубов во Христа, нашиот Спасител,
П.С. На 30-ти мај (сабота) владиката Антониј ќе служи во Форт Рос, и тој би сакал ова да биде голем настан пред канонизацијата на отец Герман (Форт Рос е нашето единствено достапно, локално свето место, непосредно историски поврзано со отец Герман). Зошто не организирате да се постави маса надвор за продажба на книги (на англиски и руски јазик), а особено мали нешта како икони, кои луѓето веројатно би ги купиле? Ова се прави редовно на вакви настани на источниот брег, но едноставно не стана обичај тука. Само прво побарајте благослов од владиката Антониј, сигурен сум дека ќе биде премногу среќен, да се направи ова. Слики на царот и царското семејство, владиката Јован, итн, најверојатно, ќе се продаваат доста добро. Иконите од отец Герман, копии на „Православно Слово“ со отец Герман на насловната страница, итн, исто така, ќе биде прикладно. (Како идеја!)
Превод: Елена Богдановска