Парабола за Блудниот син – Митрополит Антониј Сурожски

Уште рече: Еден човек имаше два сина. Помладиот од нив му рече на татка си: Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот! И таткото им го раздели имотот. По неколку дена, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно. И откако потроши сè, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака; па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи. И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«  Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива. И синот му рече: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син! А таткото им рече на слугите свои: Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде. И почнаа да се веселат. А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици. Па, како повика еден од слугите, го праша: Што е ова?  А тој му рече: Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав. Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше. А тој му одговори на татка си и му рече: Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели; а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле. А он му рече: Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде (Лук. 15, 11-32).

Оваа парабола содржински е многу богата. Таа лежи во самата срцевина на христијанската духовност и нашиот живот во Христа; во неа човекот е прикажан во истиот момент, кога тој се оддалечува од Бога и го остава, за да го следи сопствениот пат во „туѓа земја“, каде се надева да ја најде полнотата, на изобилниот живот. Параболата исто така го опишува и бавниот почеток, и победоносниот крај на враќањето назад во татковиот дом, кога тој, со скрушено срце, избира послушност.

Пред сè, оваа парабола не говори за некој посебен грев. Во неа се разоткрива самата природа на гревот, со сета негова разурнувачка сила. Човекот имал два сина; помладиот го побарал од својот татко својот дел од наследството веднаш. Ние толку многу сме навикнале кон умереноста, со која Евангелието ја опишува оваа сцена, така што ја читаме смирено, иако таа е само почеток на расказот. Но истовремено, ако за миг застанеме и поразмислиме што означуваат тие зборови, ќе нè опфати ужас. Простите зборови: Татко, дај ми… означуваат: „Татко, дај ми го мене сега тоа, што секако ќе ми припадне мене, после твојата смрт. Јас сега сакам да го живеам својот живот, а ти ми стоиш на мојот пат. Јас не можам да го чекам времето, кога ти ќе умреш: за тоа време јас не ќе можам да се насладувам со тоа, што можат да ми го дадат богатството и слободата. Умри! Ти за мене повеќе не постоиш. Јас сум веќе возрасен, не си ми повеќе потребен! Потребна ми е слободата и сите плодови на твојот живот и труд; умри и дај ми да живеам! “

Зарем тоа не е самата суштина на гревот? Не се обраќаме ли ние кон Бога така спокојно, како помладиот син од евангелскиот расказ, со таа остра наивност барајќи од Бога сè, што Он може да ни даде: здравје, физичка сила, вдахновение (инспирација), ум, – сè, што можеме да бидеме и да имаме – за да го земеме тоа што подалеку и да го потрошиме, ни еднаш не спомнувајќи си за Него? Зарем не правиме ние повторно и повторно духовно убиство и на Бога и на ближните – деца, родители, сопрузи, другари и роднини, колеги од училиште и од работа? Зарем не се однесуваме така, како Бога  и човекот да постојат само заради нас, за да се трудат и да ни ги даваат плодовите од својот живот, дури и самиот живот, а самите по себе, да немаат за нас никакво значење? Луѓето, дури и Бог – повеќе не се личност, туку околности и предмети. И ете, земајќи од нив сè, што можат да ни дадат, ние им вртиме грб и се оддалечуваме во бесконечна далечина: за нас тие се безлични, ние не можеме да се сретнеме со нив очи во очи. Бришејќи го од животот тоа, кое нам ни го дале, ние стануваме самоволни поседници и се исклучуваме себеси од тајната на љубовта, бидејќи повеќе ништо не можеме да добиеме и сме неспособни самите да даваме. Тоа и е суштината на гревот – да се оттргнеме од љубовта, барајќи од оној кој нè љуби и ни дава, да си замине од нашиот живот и да се согласиме на непостоење и смрт. Тоа метафизичко убиство на љубовта е грев на дело – грев на сатаната, Адама и Каина.

Добивајќи го сето богатство, кое му го даде татковата „смрт“ не обѕрнувајќи се наназад, со својата карактеристична младешка несериозност, помладиот син го напушта, за него здодевниот, родителски дом, и со леснотија брза кон земјата, каде што ништо нема да ја стеснува неговата слобода. Ослободувајќи се од татковската грижа, од сите морални ограничувања, тој сега може целосно да им се предаде на сите фантазии и желби на своето заблудено срце. Минатото повеќе го нема, постои само сегашноста, послана со многубројни привлечности, како зората од новиот ден, а напред повикува бескрајниот простор на иднината. Тој е опкружен со пријатели, тој е во центарот на сè, животот е розов, но тој сеуште не ни помислува дека животот ќе го изневери. Тој верува, дека новите другари  се приврзуваат кон него несебично; но всушност, луѓето се однесуваат кон него токму така, како што тој постапил со својот татко: тој постои за своите пријатели поради тоа што тој е богат и тие можат да го користат неговото богатство. Тие јадат, пијат и се веселат; тој е исполнет со радост, но колку многу е далечна таа радост од мирното и длабоко блаженство на Божјото Царство, кое се откри на свадбената гозба во Кана Галилејска.

Но настапува време кога богатството се потрошува. Според неумоливиот закон, и земниот и духовниот (со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери (Мат. 7,2)), сите го напуштаат: самиот себеси тој никогаш не им бил потребен, неговата судбина ја одразува судбината на неговиот татко; тој за пријателите повеќе не постои, неговото наследство се – осаменоста и сиромаштијата. Напуштен и отфрлен, тој трпи глад, студ и жед. Него го отфрлиле на милост и немилост на судбината, како што и самиот го отфрлил својот татко. Но таткото, иако напуштен, сепак е богат со својата непобедлива љубов, поради која е готов да го положи својот живот за синот, да го прифати дури и неговото одрекување, за синот да може слободно да оди по својот пат. Синот го очекува бескрајно голема несреќа – внатрешна опустошеност. Тој наоѓа работа, но тоа само го зголемува неговото страдање и пониженост: никој не му дава храна, а и самиот не знае, како да ја добие. А што може да биде попонижувачко, од пасењето свињи! За евреите свињите се симбол на нечистотата, како бесовите, кои ги изгонил Христос. Неговата работа е – образ на неговата состојба; внатрешната нечистотија е сообразна со ритуалната нечистотија на стадото свињи. Тој допре до дното, и сега од таа длабочина, почнува да ја оплакува својата несреќа.

Слично на него, ние често ја оплакуваме својата несреќа, отколку што благодариме за радоста во животот, и не затоа што нашите искушенија се премногу сурови, туку затоа што ние ги сретнуваме нетрпеливо и малодушно. Оставен од пријателите, отфрлен од сите, блудниот син останува сам со себеси и за првпат погледнува во својата душа. Ослободувајќи се од сите заблуди и соблазни, лаги и измами, кои ги добивал за ослободување и исполнување во животот, тој си спомнува на детството, кога го имал својот татко, и кога не бил должен, како сирак, да скита без засолниште и храна. Нему му станува јасно, дека моралното убиство, кое тој го извршил, го убило не неговиот татко, туку него самиот, и дека таа безгранична љубов, со која неговиот татко му гo дал својот живот, му дозволува да ја сочува надежта. И тој станува, го остава своето бедно постоење и се враќа во домот на својот татко со намера да падне пред неговите нозе надевајќи се на милост. Но, не само споменот од сликата за домашната удобност – огнот од огништето и прекриената маса за ручек – го принудуваат да се врати; првиот збор од неговата исповед не е „прости“, а „татко“. Тој си спомнува, дека на него била безгранично излеана љубовта на својот татко, и дека од неа произлегувале сите добри нешта во животот. (Христос кажал: Барајте го пред сè Царството Божјо… и сè друго ќе ви се даде). Тој се враќа, не кај туѓ човек, кој не го признава, и кому ќе треба да му говори: „Зарем не се сеќаваш на мене? Некогаш ти имаше син, кој те предаде и те остави – тоа сум јас“. Не, од неговата длабочина се откинува зборот „татко“, кој го поттикнува и го окрилува со надеж. И во тоа, тој ја открива вистинската природа на покајанието: во вистинското покајание се гледа нашето сопствено зло, но и увереност, дека за нас постои прошка, бидејќи вистинската љубов не се колеба и не згаснува. Само со безнадежно гледање на нашите зли дела, раскајувањето останува бесплодно; тоа е исполнето со грижа на совест и може да доведе до очајание. Јуда разбрал, што направил; разбрал дека неговото предавство е непоправливо: Христос бил осуден и умрел. Но тој не си спомнал што Господ открил за Себеси и за Својот Небесен Отец; тој не разбрал, дека Бог не го предал него, како што тој го предал својот Бог. Тој ја изгубил секоја надеж, отишол и се обесил. Неговата мисла се фокусирала само на неговиот грев, на него самиот, а не на Бога, на Христа – и на Неговиот Отец…

Блудниот син се враќа дома, бидејќи спомен за неговиот татко му дава сила да се врати. Неговата исповед е храбра и совршена: Татко! Јас згрешив против небото и пред тебе и веќе не сум достоен да се наречам твој син; прими ме мене како еден од твоите наемници. Тој е осуден од сопствената совест, за себеси тој нема оправдување, но во простувањето е тајната на смирението, на кое ние треба да се учиме повторно и повторно. Ние сме должни да се научиме да го прифаќаме простувањето преку актот на на вера во љубовта на другиот, во победата на љубовта и животот, смирено да го прифаќаме дарот на простувањето, кога ни се предлага. Блудниот син го отворил своето срце пред својот татко – што значи дека бил готов да прими прошка. Кога тој се приближува кон својот дом, татко му го забележува, му излегува во пресрет, го прегрнува и го целива. Колку често тој стоел на прагот, гледајќи во патот, по кој неговиот син си заминал од него! Тој се надевал и чекал. И ете го, на крајот, денот, кога неговата надеж се исполнила! Тој го гледа својот син, кој го напуштил него богато облечен, со скапоцен накит, без ниеднаш да се заврти да го види домот од своето детство, бидејќи сите негови помисли и чувства биле свртени кон непознатата, примамлива иднина; сега, неговиот татко го гледа него беден, во партали, во сосема лоша состојба од јаремот во минатото, од кое тој се срами; и е без иднина… како ќе го пречека неговиот татко? Татко, јас згрешив… Но неговиот татко не му дозволува да се одрече од синовството, тој како да му говори: „Враќајќи се дома, ти ми го врати мене животот; кога ти се обидуваше да ме убиеш мене, ти се уби самиот себеси; сега, кога јас повторно сум жив за тебе, ти исто така се врати во живот!“ И обраќајќи се кон слугите, таткото им дава распоред: Донесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете…

Многу преводи, вклучувајќи го и рускиот, гласат „најубава промена“, но во грчкиот и во словенскиот текст се говори за „првата облека“. Се разбира „првата облека“ може да биде од најдобрите во домот, но зарем не е повеќе веројатно, дека таткото им кажал на слугите: „Отидете и најдете ја таа облека, која мојот син ја носеше во денот, кога си замина, таа, што ја фрли на патот, облекувајќи облека на предавство?“ Ако нему бедниот му донесат најубава облека, ќе се чувствува себеси неудобно, како дотеран; ќе има чувство, дека тој не е дома, туку на гости, и дека него го пречекуваат со сите гостопримливи привилегии, вниманија и почести. Во топла домашна атмосфера луѓето не носат најубава облека. Според контекстот најправилно е мислењето, дека таткото ги испраќа по облеката, која синот ја фрлил, а он ја зел и внимателно ја чувал, како што Исак ја чувал облеката, донесена од Јосифовите браќа, – многубојна облека, извалкана, како што тој мислел, со крвта на починатиот син. Така е и тука, младичот ги фрла своите партали и повторно ја облекува познатата облека, малку износена, – но таа му одговара, според растот, пријатна е и привлечна. Тој гледа наоколу: годините на разврат, измамата и неверството, поминати надвор од татковиот дом, изгледаат како кошмар, – како воопшто да не постоеле. Тој е тука, дома, како никогаш да не заминал; на него е облеката, на која тој навикнал. Неговиот татко е до него, само што малку остарел, и брчките станале подлабоки. Ете ги и слугите, како секогаш, полни со почит, и го гледаат со насмеани лица. „Тој е повторно со нас, а ние мислевме, дека си замина засекогаш; тој се врати во живот, а ние се плашевме, дека му причини смртоносна тага на својот татко, дека ја изгуби својата бесмртна душа и дека го уништи својот живот!“

Тоа враќање ја избриша бездната, која го отсече од татковиот дом. Неговиот татко оди и понатаму – тој му дава прстен, кој не е само обичен круг. Во минатото, кога луѓето не умееле да пишуваат, било кој документ се заверувал со печатот од прстенот. Да му го дадеш некому својот прстен, означувало, како нему, во неговите раце да си го оддал сиот својот живот, својот имот, семејството и честа – сè. Спомнете си за Даниил во Вавилон, за Јосиф во Египет: давањето на прстени лично од страна на царот и фараонот, означувало дека имаат власт да управуваат во нивно име. Размислете за размената на венчалните прстени; таа размена како да говори: „Јас верувам во тебе и целосно се доверувам себеси во твоите раце. Сè, што имам јас, сè, што сум јас, целосно е твое“. Кај Керкегор наоѓаме такви зборови: „Кога велам– мојата земја, мојата невеста, тоа означува, не дека јас владеам со нив, туку дека тие целосно мене ми припаѓаат“.

Во параболата е приведен и друг пример за оддавањто на самиот себеси. Синот побарал половина од богатството на својот татко, посакал да го има тоа, што би го добил после неговата смрт, – и нему неговиот татко сега тоа му го доверува. Зошто? Едноставно бидејќи, тој се вратил дома. Таткото не бара одговор за тоа, што правел неговиот син во далечната земја. Тој не вели: „Кога ќе ми раскажеш сè за себеси, јас ќе видам, дали треба да ти верувам“. Тој не прашува, колку често, директно или индиректно, го правиме тоа, кога кај нас доаѓа некој, со кој ние сме имале расправија: „Добро, јас ќе те земам на проверка; ќе пробаме да ја обновиме нашата дружба, но ако ја видам твојата неверност, ако си спомнам за сето твое минато, ќе те изгонам, бидејќи минатото ќе сведочи против тебе, јавно докажувајќи ја твојата постојана неверност“. Неговиот татко ништо не прашува. Тој дури и не говори: „Ќе видиме“. Тој како да подразбира: „Ти се врати. Ќе се обидеме заедно да го надоместиме ужасот од твоето отсуство. Гледаш, облеката, која е на тебе, говори за тоа, дека ништо не се случило. Ти си истиот, каков што беше пред да заминеш. Прстенот, кој ти го дадов, служи како доказ, дека јас не негувам сомнежи на твоја сметка. Сè ти припаѓа тебе, бидејќи ти си мој син“. И тој облекува обувки на неговите нозе, бидејќи, како што пишува апостолот Павле во посланието до Ефесјаните, тие му биле облечени во готовност да се благовести мирот.

За гозбата заколуваат угоено теле; таа гозба е – гозбата на Воскресението, гозбата на вечниот живот, трпеза на Агнецот, гозба на Царството. Синот, кој бил мртов, оживеал; тој, кој се изгуби во туѓа земја, во безоблична пустина, како што се говори во почетокот од книгата Битие, се вратил дома. Отсекогаш бил син на Царството, бидејќи тоа Царство – е Царство на Љубовта, Царство на Отецот, Кој го љуби, го спасува, го обновува и го враќа во живот.

Но, тука се појавува постариот син. Тој секогаш бил добар работник во татковиот дом, и неговиот живот бил беспрекорен. Но едно не разбрал, дека главно во односот помеѓу таткото и синот е – не работата, а срцето; не долгот, а љубовта. Тој во сè бил верен; го имал својот татко, а самиот бил син само надворешно. Тој и брат немал. Слушнете што тој му говори на својот татко. Слушајќи пеење и славење, тој го повикува слугата и го прашува, што значи сето тоа, а слугата одговара: Братот твој си дојде, и твојот татко закла угоено теле, бидејќи тој се врати жив и здрав. Постариот син се налутил и не сакал да отиде. Татко му излегува да го повика, но тој му говори: Ете, јас толку години ти служам тебе (зборот „служи“ во грчкиот и во латинскиот јазик е многу силен збор, тој означува ропска должност да ги извршуваш сите видови не непријатни работи) и никогаш не ги престапив твоите наредби. Тој размислува само во поглед на наредбите и престапите, тој никогаш не навлегол во содржината на зборовите, во срдечниот глас, во топлината на заедничкиот живот, во кој, тој и неговиот татко си имаат своја улога, – за него сето тоа се сведува на наредби и обврски, кои тој никогаш не ги нарушил. Но ти, – продолжува синот, никогаш не си ми дал мене ни едно јаре, за да се повеселам со моите пријатели; а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле. Обратете внимание, дека тој вели „твој син“, а не „мој брат“: тој не сака да има ништо заедничко со својот брат. Јас познавав слично семејство: таткото со душа копнееше по ќерката, а синот го сметаше за своја несреќа; тој секогаш и говореше на жена си: „моја ќерка“, но „твој син“.

И така, пред нас имаме ситуација „твојот син“. Ако блудниот син беше „мој брат“, сè ќе беше поинаку: тој не би ја нарушил наредбата на својот татко, и не би добил угоено теле. Како одговара неговиот татко? Сине мој! Ти секогаш си со мене, и сè твое е мое. Неговиот татко го смета него за свој син, Да, тој е негов син, тие се секогаш заедно, еден до друг. За синот тоа не е така: тие се во целосна согласност – а тоа не е едно и исто. Тие немаат заеднички живот, иако не постои и поделба, – тие живеат заедно, но без единство и длабочина. (Сè Мое е Твое – зборови од Христовата молитва кон Отецот пред предавството.) А за тоа требаше да се зарадуваме и развеселиме, – продолжува таткото, – оти овој твој брат беше мртов и оживеа; изгубен беше и се најде.

И така, патот го води од длабочината на гревот во татковиот дом. Ете што ни претстои нам, кога се обидуваме да не зависиме повеќе од јавното мислење и да го избереме како критериум на однесување судот Божји, кој се огласува со гласот на совеста, се открива во Писмата и се манифестира во личноста на Оној, Кој е Патот, Вистината и Животот. Само што ќе се согласиме, Бог и совеста да бидат наш единствен судија, превезот паѓа од нашите очи; ние стануваме способни да видиме и разбереме, што е тоа грев: дејство, кое ја одрекува личната реалност на Бога и на тие, кои нè опкружуваат, сведувајќи ги до состојба на предмети, кои постојат само до тој степен, доколку ние можеме да се ползуваме со нив без ограничувања. Осознавајќи го тоа, ние можеме да се вратиме себеси, да се ослободиме од сè, што цврсто не држи во заробеништво, можеме да влеземе во себеси и да се најдеме лице во лице со блаженството, кое за овој младич претставувало неговото детство, времето, во кое тој сеуште живеел во татковиот дом.

Вие, сигурно, го помните тоа место од крајот на Евангелието според Матеј, каде Христос им вели на Своите ученици да се вратат во Галилеја. Тие само што ги доживеале најужасните и мачни денови во својот живот. Тие го виделе својот Господ во центарот на омразата, виделе, како Он бил предаден, и самите според слабоста се измениле: во Гетсиманската градина нив ги совладал сон и се разбегале при појавувањето на Јуда. Двајца од нив оддалеку го следеле својот Господ и Бог до дворот на Кајафа, каде останале со слугите, а не со Него, како Негови ученици. Еден од нив, Петар, на Тајната Вечера рекол, дека ќе остане верен, дури и ако сите го остават, – и тој трипати се одрекол од Учителот. Тие ги виделе Страдањата Христови.. Тие виделе, како Он умирал. И ете, Го гледаат Него жив, покрај себе. Јудеја претставува за нив пустина, опустошеност, крај на секој живот и надеж. Христос ги испраќа назад во Галилеја: Одете таму, каде за прв пат Ме видовте, каде заедно одблиску разговаравме во секојдневниот живот, каде сеуште немаше болка, страдања и предавства.  Вратете се во тие денови, кога сè беше полно со невиност и бескрајни можности. Вратете се во минатото, во неговата длабочина. Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал.

Враќањето, длабоко во своето „јас“ води во длабочината, каде за првпат  сме го виделе, сме го познале животот, каде сме биле живи во Бога заедно со другите луѓе. Само од срцевината на таа оаза од минатото, далечно или блиско, ние можеме да тргнеме по патот, во обратна насока со обраќањето: „Оче“, а не „Судијо“, со исповедaњe на гревот и со надеж, која никој не може да ја уништи, со цврста увереност, дека Бог никогаш нема да ни допушти омаловажување, бидејќи он е стражар на нашето човечко достоинство. Он никогаш нема да ни дозволи да станеме робови, бидејќи преку Неговото творечко Слово, нашата предназначеност е да станеме Негови синови и ќерки според посинувањето. Ние можеме да одиме кон Него со целосна доверба, знаејќи, дека Он нè чекал цело време, додека ние и не си спомнувавме за Него. Он Сам ќе ни излезе во пресрет, кога ние нерешително се приближуваме кон домот. Он Сам ќе нè прегрне и ќе тагува за нашата бедна состојба, со мерата со која ние не умееме, бидејќи не знаеме, ни од каде сме паднале, ниту колку возвишен призив сме презреле. Ние можеме да одиме кон Него со увереност, дека Он ќе нè облече со првата облека, во славата, од која Адам се лиши во рајот. Он ќе нè облече нас во Христа, Кој целиот е беспрекорен, подобар од пролетната свежина, во која сме родени. Тој – човекот, како што бил замислен, според Божјата волја. Во него сме должни да се облечеме. Славата на Светиот Дух ќе нè покрие нас, соголените од гревот. Сега знаеме, дека веднаш штом ќе се вратиме кон Бога, Он нас ќе ни ја врати довербата, ќе ни даде прстен, сила со која Адам ја разруши хармонијата, повикана во битие од творечката Божја волја; прстенот на Единородниот Син, Кој умре на крстот поради човечкото предавство и Чија смрт стана победа над смртта; Чие Воскресение и Вознесение се – наше враќање – кое есхатолошки се реализира во полнотата од соединувањето со Отецот.

Кога се враќаме во татковиот дом, кога остануваме лице во лице со судот на нашата совест и Бога, тој суд не се заснова на длабочината на нашиот богословски поглед; тој се заснова, не на тоа, дека само Бог може да ни го покаже кој е патот за доближување кон Неговиот живот. Божјиот суд се заснова на едно: „Ти си – човек, или си подолу од достоинството на човекот?“ Вие веројатно, си спомнувате во врска со ова, за параболата за овците и козите од евангелието според Матеј (Мат. 25, 31-46). Господи! Кога Те видовме гладен… или жеден… или странец… или необлечен… или болен… или во темница?.. Ако ние не умееме да се однесуваме самите, како луѓе, никогаш нема да разбереме, како да се однесуваме според Божјата замисла. Ако ние сме се вратиле во Татковиот дом, ако сме должни да се облечеме во Христа, ако светлината на Светиот Дух треба да се исполни во нас, ако ние сакаме да го оствариме нашиот призив и да станеме вистински деца Божји, Негови синови и ќерко, ние сме должни пред сè, да се обидеме да го постигнеме она, што е во наша моќ – да станеме човечни, бидејќи чувството на другарство, сострадание  и милосрдие се внатре во нас, независно од тоа, дали ние сме добри или лоши.

Ние можеме да се вратиме при Отецот. Ние можеме да се вратиме со сигурна надеж, бидејќи Он – е чувар на нашето достоинство. Он го сака нашето спасение. Он бара само едно: Сине Мој, дај ми го Мене твоето срце, и сè останато Јас самиот  ќе ти го дадам, – како што вели Премудроста. Тој пат, чекор по чекор нè води од тука, каде што се наоѓаме, слепи, надвор од Царството, иако страсно сакаме да ја видиме неговата полнота внатре во себеси и неговата победа над сите околу; тој пат нè води таму, каде ќе се најдеме пред судот Божји. Ние гледаме, колку е прост тој суд, и колку голема треба да биде во нас надежта и како со таа надеж можеме да одиме кон Бога, цврсто знаејќи, дека Он е Судија, но на прво место Он е – наш Искупител, Кому што човекот е толку скапоцен, што мерката, цената на нашето спасение во Неговите очи е – целиот живот, сета смрт, сета борба и богооставеност, сиот ужас, кој го претрпел Единородниот Син Божји.

Извор: http://www.pravoslavie.ru/2108.html

 

Превод: Игор Ризановски