За љубовта – Фјодор М. Достоевски

Браќа, не плашете се од гревовите човечки, сакајте го човекот и во грешноста негова, бидејќи кога го сакаме човекот и грешен, тоа е веќе слика на Божествената љубов и врв на љубовта на земјата.

Љубете го секое создание Божјо, и целокупно, и секоја личност по малку. Секој лист, секој зрак Божји, сакајте го! Сакајте ги животните, растенијата, сакајте ја секоја твар. Ако ја сакаш секоја твар – ќе ја разбереш и тајната Божја во тварите. А ако еднаш ја сфатиш, потоа ќе започнеш неуморно да спознаваш сè повеќе и повеќе, секојдневно.

И најпосле ќе го засакаш целиот свет, со целата љубов. Сакајте ги животните: ним Бог им дал мисли и тивка радост. Немојте да им ja нарушувате и вознемирувате, ниту пак да ги мачите, не одземајте им ја радоста, не противете се на Божјата промисла. Човеку, не се возгордејувај, не мисли дека си подобар од животните: тие се безгрешни, а ти со твоето височество, ти само ја загрозуваш земјата со твојата појава, врз нејзе оставаш грозни траги после себе, и тоа за жал, речиси секој, секој помеѓу нас!

Особено сакајте ги децата, бидејќи тие се безгрешни како ангели, и живеаат за нас да нè разнежнат и да нè усреќат; тие живеаат заради чистење на нашите срца, како некој патоказ за нас. Тешко на оној кој ќе повреди дете…

Пред некоја мисла остануваш во недоумица, особено гледајќи го човечкиот грев, се запрашуваш: „Дали треба со сила да победуваш или со смирена љубов?“ Секогаш одлучувај вака: „Ќе победам со смирена љубов“. Ако одлучиш така еднаш за сите, целиот свет ќе можеш да го покориш. Љубовната смиреност е страшна сила, од сите најголема, на светот нејзе ѝ нема рамна! Секој ден и час, во секој миг надгледувај се себеси и внимавај на себеси – изгледот да ти биде блажено убав.

Ете, си поминал покрај мало дете, си поминал лут, со грди зборови, со огорчена душа; и можеби не си го ни забележал детето, но тоа тебе те забележало, и ликот твој, грд и нажален, можеби останал во неговото мало и незаштитено срце. Ти тоа не го знаеш, меѓутоа со тоа можеби си фрлил лошо семе во неговата душа, а тоа семе веројатно ќе се размножи, а сето тоа, затоа што ти не си се воздржал пред детето, бидејќи во себе не си ја задржал внимателната и ефикасна љубов.

Извор:

http://www.6yka.com/novost/82829/o-ljubavi-fjodor-mihajlovic-dostojevski

превел:

Петар М. Петковски,

дипломиран теолог.