Теологот Борче Грамбозов, асистент на Богословскиот факултет во Скопје и докторант на Аристотели Универзитетот во Солун го толкува Коментарот на Евангелието според Јован (‘Υπόμνημα εἰς τὸ κατὰ ‘Ιωάννην) на Св. Кирил Александриски: Логосот е Христос (ο Λόγος = Σάρξ)
Во продолжение прочитајте ја во целост анализата на Грамбозов:
Ова истражување веројатно би било нецелосно, доколку претходно не се осврнеме на главниот проблем кој го имаа создадено конкретни членови на древнo – христијанската Црква, а тоа е проблемот на „етичкиот’’ Христос. И денес, ова учење кое влечи корени уште од 2 и 3 век, во кое царува ‘„човечката’’ перцепција, создава бројни нејаснотии во однос на нашето разбирање за личноста на Христос и е целосно интегрирано во свеста на одредени луѓе. Поддржувајќи една ваква позиција, оти Христос е „етички’’ прототип, се приближуваме кон теоријата на сместување на Синот во создадената природа. Според ова учење, Христос се третира само како човек или светител, како што се и останатите светители, на тој начин отфрлајќи ја божествената димензија на Црквата. Црквата кон крајот на 2 и почетокот на 3 век, се соочи со едно ново богословско движење, тоа на монархијанизмот, коешто се сместува во таканаречените антитроични ереси. Монархијанизмот се појавува како реакција на гностицизмот (Edward M. Curtis, The Purpose of 1 John, Dallas 1986, стр.7), којшто, пак, имаше за цел да го отфрли единството на Бог. Првобитната идеја на монархијанизмот беше позитивна: зачувување на единството на Троичниот Бог. За жал, заврши со негирање на посебноста на лицата на Синот и Светиот Дух. Меѓутоа, Црквата секогаш се потпираше на библиските случки, во кои Бог се открива како Троичен. Во коренот на ова учење е рационализмот, или класичниот дијалектички метод, кој се засновува на мисли и силогизми, карактеристично за древно грчката мисла, но и за подоцнежниот аријанизам, кој како позадина за толкувачката методологија на Светото Писмо, ја имаше философијата. (Νίκου Α. Ματσούκα, Δογματική και Συμβολική Θεολογία Α’, Εισαγωγή στη Θεολογική γνωσιολογία, Π. Πουρναρᾶ: Θεσσαλονίκη 2000, стр. 88-89).
Во почетокот, монархијанистичкиот систем ја отфрлаше Христологијата. Од двата правци на монархијанизмот, оние кои го откажуваат природното постоење на Синот, преферирајќи ја повеќе догмата на посвојувањето, се нарекуваат динамистички монархијанисти или посвојувачи. Втемелувач на систематскиот монархијанизам од динамичен тип е Павле Самосатски. Според него, Исус Христос е ‘’висок човек’’ (се мисли на боговдахновен), употребувајќи го терминот ‘’ψιλόν ἄνθρωπον’’.(Грамбозов Борче, Οι δογματικοί όροι στα Σύμβολα Πίστεως Νικαίας – Κωνσταντινουπόλεως, Διπλωματική εργασία, Θεσσαλονίκη 2016, стр. 14). Исус Христос се роди од Марија преку енергијата на Светиот Дух, во конкретно време. Логосот на Отецот го вдахновува и се вселува во Христос. Истиот тој Логос дејствуваше и во Стариот Завет врз пророците, Мојсеј и воглавно, врз Христос. После ова вселување на Логосот, Христос се оспособува да прави добри дела, останувајќи човек (Dong – Chan, Chong, The doctrine of the Holy Spirit in the thought of the Cappadocian Fathers, New Jersey 1983, стр. 26). Внимателно анализирајќи го ова учење на Павле Самосатски, забележуваме декаво неговиот систем, врската помеѓу Логосот и Христос е надворешна, етичка. Логосот се разликува од Христос. Се разбира, пак, во другиот правец, Савелиј, кој важи за втемелувач на терминологијата на систематското учење на модалистичкиот монархијанизам, го третира Христос како ‘’етички’’ прототип на целото човештво, според кој ние, луѓето, треба да се усовршуваме. И после аријанството, во просторот на Христологијата, владееја еретичките отстапки, односно ‘’етичките’’ перцепции. Оваа перцепција заХристос како ‘’етички’’ прототип т.е. само како човек, ќе претставува проблем на сите христолошки и тријадолошки ереси на 2, 3 и 4 век, и ќе биде силно нагласена во учењето на Ариј. Феноменот на Аријанизмот, го имаше како резултат свикувањето на Првиот Вселенски Собор од страна на Царот Константин на 30 мај, 325 година, во Никеја Витиниска (Δέσπω Άθ. Λιάλιου, Ερμηνεία τῶν Δογματικῶν καί Συμβολικῶν Κειμένων τῆς ‘Ορθόδοξου ‘Εκκλησίας Α´, ‘Αφοί Κυριακίδη: Θεσσαλονίκη 1992, стр. Според Shaff, сесиите на Соборот започнаа на 14 јуни и се затворија на 25 јули.Philipp Schaff, History of the Christian Church, Volume III: Nicene and Post Nicene Christianity. A. D. 311-600., Grand Rapids 20023, стр. 379-380).
Соборот во Никеја, кој има чисто христолошки карактер, решава прашања, проблематики, како последица на ова погрешно учење за Христос како еден свет човек. Во овој нов проблем со кој требаше да се соочи Црквата, директно се поставуваше прашањето: Христос е реално Бог? Или е создание (κτίσμα), без сомнеж поголемо од сите созданија, создадено совршено, но, истовремено сосема различно од Бог Отецот? Токму овие прашања беа поставени од Ариј (Philipp Schaff, History of the Christian Church, Volume II, Anti –Nicene Christianity. A. D. 100-325, Dallas 1998, стр. 511-512). Аријаните во своја корист,се повикаа на повеќе места од Светото Писмо:Јн. 5, 19:10, Евр. 1, 3, Фил. 2, 7, Кор. 15, 28, Дела 2, 36, Лк. 2, 52, Мк. 13, 32, Мт. 19, 17. Δέσπω Άθ. Λιάλιου, Ερμηνεία τῶν Δογματικῶν καί Συμβολικῶν Κειμένων τῆς ‘Ορθόδοξου ‘Εκκλησίας Β’, Π. Πουρναρᾶ: Θεσσαλονίκη 1999, стр. 20).Она кое нам не интересира и е директно поврзано со темата за ‘’етичкиот’’ Христос, е агиографското место 1, 15 од Посланието на Ап. Павле до Колосјаните: ‘’Којшто е слика на Невидливиот Бог, Првороден на целото создание’’(ὅς ἐστιν εἰκὼν τοῦ Θεοῦ τοῦ ἀοράτου, πρωτότοκος πάσης κτίσεως). Потпирајќи се на ова место, Ариј го разбира Христос како совршено создание Божјо ‘’κτίσμα τοῦ Θεοῦ τέλειον’’. Ариј тврди дека Свети Апостол Павле го истакнува Христос како прв помеѓу ‘’созданијата’’. Овде, се согледува суштествениот проблем на сите ереси, а тоа е проблемот на ‘’морализмот’’.
Вистината (Богојавувањата на Светата Тријада, Невочовечениот и Вочовечениот Логос) воплотена во случките на старо-новозаветната заедница, се вкуси на различен начин од, според место на живеење, различни заедници, со перцепции и облици на животкарактеристични за Јудејската, Елинската и Источната струја. Според тоа, еретичката Христологија постоеше како модел во различни облици на живот. Затоа, не е ни чудо што многу книги од Новиот Завет имаат апологетски карактер кон еретичките отстапки од христолошки тип. Станува збор посебно за Посланијата на Апостолот Павле, како и за Евангелието според Свети Апостол Јован.
Но, кој е Христос? Дали е истиот пред Пасха (пред Неговото воскресение) и после Пасха? Како, од една страна, првите христијани го гледаат Исус Христос се покажува како човек секојдневно меѓу нив, им предава, разговара, јаде и пие со нив, а од друга, Го гледаат како има божествени карактеристикикои се поврзуваат едни со други после воскресението? Кога велиме Исус, мислиме на човекот Исус, но, кога го користиме името Христос, веќе влегуваме во една друга димензија, односно ја нагласуваме Неговата тесна врска со Бог Отецот. Древно христијанската заедница создаде една историска свест во однос на природата на Христос, која ја врзаа органски и хармониски за библиските случки во Стариот Завет. Го прифатија Исус, како Христос, Месија и Господ. Да не заборавиме дека, првите крштелни Символи, кои може да се лоцираат во текстовите на Новиот Завет, се еднострани и Христолошки: исповедуваат вера во Синот Божји, во Христос и Господ, Кој ја открива Светата Тријада. (‘Ιωάννου Καρμίρη, Τά δογματικά καί συμβολικά μνημεῖα τῆς ‘Ορθοδοξου Καθολικῆς ‘Εκκλησίας, τόμος Α’, стр. 36-41). Првите Символи беа христолошки фрази, врзани за литургиската пракса на секоја локална Црква. Оттука заклучуваме дека автентичниот дух на првите христијани е христолошкиот.
Првата формулација на христолошкиот догмат ја среќаваме во Новиот Завет. Во Кесарија Филипова, кога Христос ги запраша учениците Негови, какво мислење имаат луѓето за Неговото лице, Апостолот Петар му одговори: ‘’Ти си Христос, Синот на Живиот Бог‘’ (Σὺ εἶ ὁ Χριστὸς ὁ υἱὸς τοῦ Θεοῦ τοῦ ζῶντος’’ Мт. 16, 17). Тоа знаење кое го исповеда Апостолот Петар, секако не произлегува од тело и крв, туку е откровение на Отецот. После одговорот, пак, на Христос: ‘’Ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата своја’’(Мт. 16, 18), веќе заклучуваме дека станува збор за една развиена Христологија и Еклисиологија. Забележуваме како Христолошкиот догмат го втемелува животот на Црковната заедница. Апостолот Петар го исповедува Христос како Син Божји, и врз основа на ова негово исповедање, Тој, Христос, ќе ја заснова Црквата.
Подетално со проблемот на ‘’етичкиот’’ Христос, ќе се соочи Свети Кирил Александриски во 5 век. Делото ‘’Коментар на Евангелието според Јован’’ (‘Υπόμνημα εἰς τὸ κατὰ ‘Ιωάννην) на Свети Кирил Александриски, припаѓа на периодот пред Несториј (Δέσπω Άθ. Λιάλιου, Ερμηνεία τῶν Δογματικῶν καί Συμβολικῶν Κειμένων τῆς ‘Ορθόδοξου ‘Εκκλησίας Β’…стр. 167). Во овој спис на Свети Кирил Александриски, впечатливо е тоа што се сретнува формулацијата ‘’εἶς ἐξ ἀμφοῖν’’. Кое е значењето на оваа фраза? Со оваа формулација, Свети Кирил го истакнува единството на двете природи од Едниот Син и Логос во воплотувањето. (‘Υπόμνημα εἰς τὸ κατὰ ‘Ιωάννην, PG 74, 21CD). Со 4 – от вселенски собор во Халкидон, 451 година, се затвора една фаза на христолошките ереси и богословските штети. На овој собор, она кое впечатува е пренагласокот на единството и поистоветувањето на Едното лице на Христос. Во оргиналниот текст на 4 – от Вселенски собор, којшто е околу половина страна, трипати се спомнува фразата ‘’едно и Него’’ (ἔνα καί τόν αὐτόν), и петпати ‘’Него’’ (τόν αὐτόν). (Νίκου Α. Ματσούκα, Δογματική και Συμβολική Θεολογία Β’, ‘Εκθεση τῆς ὀρθόδοξης πίστης σε ἀντιπαράθεση μέ τή δυτική χριστιανοσύνη, Π. Πουρναρᾶ, Θεσσαλονίκη 2003, стр. 258). Со овој догматски формулат, се отфрла и опасноста да се третира Логосот како еден, а Христос како друг. Конечно, Халкидонскиот собор ја усвои христологијата на Свети Кирил Александриски, кој прифаќа дека, човечката природа на Христос, како безипостасна (ἀνυπόστατη), постои во лицето (ипостаста) на Логосот, и таа стана Негова природа, како што е Негова и божествената. Но, секако, човечката природа на Христос не е безипостасна (без лице), бидејќи го има лицето на Бог Логосот. Таа е „воипостасена’’ (ἐνυπόστατη). Така, Христос е Логосот, второто Лице во Светата Троица, а не човек врз кој слезе Логосот на Бог Отецот. Христос е оној кој стана човек (σάρξ) за кого зборува Светиот Ап. Јован во Евангелието: „И Логосот стана месо (човек) ’’Καὶ ὁ Λόγος σὰρξ ἐγένετο’’ Јн. 1, 14. Свети Кирил, објаснува поточно оти оваа Јованова фраза, се поистоветува со: Логосот стана ‘’човек’’ и дека зборот ‘’стана’’, се употреби од Свети Јован за да се избегне идејата дека Логосот едноставно слезе врз човек, како што слезе врз пророците и светиите (‘Υπόμνημα εἰς τὸ κατὰ ‘Ιωάννην, PG 73, 160 D. Во истиот спис PG 73, 1012А). Тоа што Логосот стана ‘’γέγονεν’’ човек, ‘’икономиски’’ (οἰκονομικῶς), е резултат на Неговиот сојуз со човечката природа, која, пак, не сочинува посебен човек. (Στυλιάννοῦ Γ. Παπαδόπολου, Η συμβολή του Αγίου Κυρίλλου Αλεξάνδρειας στη Χριστολογία, Πύργος 2003, стр. 28). Очигледна е упорноста на Отците на 4 – от Вселенски Собор, да се изрази и нагласи тоа дека, во случката на воплотувањето, лицето на Логосот е носител и на човечката природа. Едната природа на Бог Логосот, Божествената, може да се разгледува само како ‘’воплотена’’ и ‘’вочовечена’’ (σεσαρκωμένη καί ἐνανθρωπήσασα). Со фразата ‘’воплотена ‘’ (σεσαρκωμένη) на Свети Кирил Александриски, се изразува совршеноста на човечката природа во едното лице на Логосот (Κυρίλλου ‘Αλεξανδρείας, ‘Επιστολή 46 PG 77, 244 A).
За првпат вистината за терминот „Богородица’’ (Θεοτόκος) се втемелува во случката на ипостасното (личносното) единство на двете природи, но и во вистината оти Божествениот Логос (Синот = Христос), Кој е Предвечен Бог, се роди во редовите на Дева Марија, согласно законите на природата. Вистинското раѓање (Логосот зема тело воодушевено (ἐμψυχωμένο) и логичко), го разјаснува терминот ‘’Богородица’’,односно тоа дека навистина Дева Марија го роди Божествениот Логос, без тоа да значи дека таа ја роди вечната божествена природа (Στυλιάννοῦ Γ. Παπαδόπολου, Η συμβολή του Αγίου Κυρίλλου Αλεξάνδρειας στη Χριστολογία… стр. 24). За да се соочи Свети Кирил со ‘’етичкиот’’ проблем, тоа дека Логосот се всели – слезе врз човек (Христос), објаснува дека од почетокот, од редовите на Дева Марија (од самото раѓање), Логосот ја обедини со себе човечката природа и се роди според тело. И секако во тоа реално раѓање, се зачувуваат својствата на двете природи кои се обединија (Κυρίλλου ‘Αλεξανδρείας, ‘Επιστολή Δ´, Προς Νεστόριον Β’, PG 77, 45 BCD).
Преземено: religija.mk