За радоста на давањето – Калил Џибран

Тогаш рече богатиот: Говори ни за давањето.
А тој одговори:
Вие давате малку ако од богатството свое давате. Само кога давате од себе вистински давате. Зашто што е богатството освен нешта кои ги вардите и чувате од страв да не ви затребаат утре?
А утре, што утрото ќе му донесе на претпазливиот пес кој ги закопува коските во неразгазениот песок додека ги следи аџиите до светиот град?
И што е со стравот од нуждата освен нуждата самата?
Не е ли стравот од жедта кога вашиот извор се прелева, жед што е незаситлива?
Има такви што даваат малку од она што го имаат – и го даваат тоа за да бидат видени од другите, и нивната скриена желба ги обезвреднува нивните дарови.
А има и такви што имаат малку и се даваат. Тие се верници на животот и на дарежливоста на животот, и нивниот амбар никогаш не е празен.
Има такви што даваат со радост, и таа радост им е награда.
Има и такви што даваат со болка, и таа болка е нивна казна.
Има и такви што даваат без да ја запознаат болката на давањето, ниту бараат радост, ниту даваат припомнувајќи си на добрината; тие даваат како што во овдешната долина миртата шири мирис низ просторот.
Преку рацете на таквите како Господ да зборува, и низ нивните очи Тој се радува над земјата.
Добро е да се даде кога некој моли, но подобро е да се даде незамолен, со разбирање; и на човекот со широка рака поголема радост барањето да се најде оној што ќе прими е од самото давање.
А има ли нешто што ќе задржите?
Се што имате, еден ден ќе се раздаде.
Затоа, давајте сега, за времето на давање ваше да биде а не на вашите наследници.
Често велите:„Би дал, но само на оној што заслужува“.
Дрвцата во вашата градина не велат така, нити стадото на вашите ливади. Тие даваат за да живеат, зашто задржувањето е растурање.
Сигурно оној што заслужува да ги прими своите денови и своите ноќи заслужува и се друго од вас.
И оној што заслужува да пие од окоеанот на животот, заслужува да ја наполни чашата од вашиот мал поток.
А каква поголема заслуга треба да постои, од онаа што лежи во храброста и довербата, милосрдието, примањето?
И кој сте вие за да мораат луѓето да ги распараат своите гради и да ја разголат својата гордост за да можете да ги видете нивната вредност и нивната гордост посрамени.
Гледајте најпрво сами да заслужите да бидете давател, и предмет на давање.
Зашто, навистина животот е тој што му дава на животот-додека вие што се сметате за даватели, само сведоци сте.
А вие што примате-а сите вие примате-не прифаќајте товар на благодарност, да не ставите јарем на вас и над оној што дава.
Подобро со дародавецот подигнете се на неговиот дар како на крилја.
Зашто, премногу на својот долг да мислите, е како да се сомневате во благодарноста на оној што ја има простодушната земја за мајка и Бога за татко.

Извадок од книгата
„Пророкот“
Калил Џибран

Подготви: Весна Апостоловски